Успешно реализиран престој и проект во Норвешка преку програмата ERASMUS+

Во рамките на програмата ERASMUS+ од 06 до 12 јули 2022 година имавме можност да престојуваме и учествуваме на проект во Гасбу, Норвешка. Темата на проектот беше здрав живот и придонес кон заштита на животната средина, поточно насловен како Active Youth For Passive Carbon Footprint. На овој проект учествуваа околу 60-тина учесници од 5 држави: Норвешка, Украина, Македонија, Турција и Литванија, меѓу кои од нашата држава учествуваа 10 претставници.

За време на проектниот престој имавме различни активности преку тимбилдинг, предавања за програмата ERASMUS+, за младински размени, како и презентации поврзани со проектната тема. Реализираните предавања побудија интерес кај претставниците и поттикнаа низа прашања околу актуелните случувања поврзани со климатските промени. Кога имавме интерактивни активности во врска со проектната тема, бевме поделени во тимови. Во еден тим мораше да има претставници од различни држави, се со цел подобро меѓусебно познавање, спознавање на културите на другите држави, како и споделување на идеи. Изработените постери и презентации ги презентиравме, разговаравме за самата тема, дискутиравме за carbon footprint, carbon neutrality, Еразмус+ мобилностите, а особено за мерењето на јаглеродот што го произведуваме поединечно. Секој од нас имаше задача да пресмета колку јаглерод имаше произведено со патувањето до Норвешка. Секојдневно имавме најразлични задачи, кои преку тимбилдинг, заедно сите, пробувавме да одговориме на предизвиците соодветно.

Што се однесува до неформалниот дел, беше збогатен со многубројни активности насочени кон развивање на меѓусебна комуникација и интеракција. Едната вечер ни беше резервирана за доживување на норвешката и литванската култура. Преку разноразни презентации и игри научивме многу работи за овие две прекрасни држави. Друга вечер пак, беше наменета за Украина, Македонија и Турција. На оваа културна вечер научивме многу повеќе за културата и храната на Турција и Украина, додека пак, нашиот тим од Македонија кој броеше 10 луѓе се претстави со презентација за географските карактеристики за нашата држава и ги споделивме најбитните факти по кои е препознаена Македонија, потоа преку интерактивни игри ги учевме за нашата азбука и сл. Исто така, оваа културна вечер, како и претходната ги завршивме со забава и дегустација на храна од секоја држава.

Во однос на слободниот ден што го имавме, го искористивме за истражување на убавините на Норвешка. Некои од претставниците заминаа во Осло, други во Лилехамер, блискиот Хамар, а некои пак шетаа во околината на Гасбу. Сепак, сите имавме неверојатен ден, го зајакнавме нашето знаење за Норвешка и добивме многу приказни за споделување. Еден од поинтересните и понезаборавни денови ни беше денот за планинарење. Тогаш собравме многу фотографии и незаборавни моменти. Пешачевме околу 20 km и посетивме многу убави места, кои најверојатно во друга прилика никогаш не би ги посетиле. Стекнавме неверојатен впечаток за убавините на Гасбу, со оглед на тоа што е дел од заштитено подрачје, сфативме колку Норвешка вложува во нивните заштитени подрачја и колку се грижи за природата. Сепак, меѓудругото Норвежаните се познати и по планинарењето.

Надвор од временскиот проект имавме плус неколку дена слободни, каде што истото време го искористивме за посета на главниот град Осло. Посетивме многу музеи, дестинации, места, локалитети, уживавме во „топлото“ Северно Море и сл. Исто така, го посетивме и градот Хамар и најдобрите туристички дестинации во него. Имавме прилика да одиме и до езерото Мјоса, инаку најголемото езеро во Норвешка.

Се на се, прекрасно и  незаборавно искуство. Собравме многу убави спомени од Норвешка, научивме многу работи за климатските промени, бевме потикнати на употреба на иновативни практики за вистински промени (на пр. заштеда на ресурси, намалување на употребата на енергија и отпад и сл.), стекнавме многу пријателства, контакти и она најбитното ја доживеавме Скандинавија во вистинско светло.

Оваа посета и учество на овој проект проект ни беше од големо значење како млади активисти за зачувување на животната средина во Македонија. Ние, кои бевме дел од тимот од Македонија искрено препорачуваме на сите студенти и млади ентузијасти (18-30 години) да ги користат поволностите на програмата ERASMUS+ за престој во некоја држава преку некој проект кој им е од интерес.

Напишале: Бојана Алексова & Петар Стевановиќ (учесници на проектниот престој)

Оваа статија е прочитана 505 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *