Во светот се зголемува грижата за зачувување на геонаследството. Каква е состојбата кај нас?

31.07.2019

Во однос на заштитата на биодиверзитетот, која во меѓународни рамки станува актуелна уште во почетокот на XX век, посериозните чекори за заштитата на геодиверзитетот почнуваат многу подоцна. Така, првиот „сериозен“ меѓународен собир за геоконзервација е одржан во Холандија во 1988 година. На настанот присуствувале претставници од 7 европски држави, кои се договориле да воспостават работна група за заштита на геонаследството. Пет години подоцна, поточно во 1993 година, работната група прераснува во ProGEO – меѓународно здружение за заштита на вредното геонаследство. Во меѓувреме, во 1991 година во Франција се одржа голема меѓународна конференција за заштита на вредното геонаследство, со што уште повеќе се зголемува интересот околу оваа компонента на природата. Како резултат на успешната конференција, во следните десетина години се појавуваат бројни иницијативи низ светот во поглед на заштита, промоција и одржливо користење на геодиверзитетот и геонаследството, вклучувајќи ги развојот на геотуризмот, геопарковите и сл. Во истиот период, некои држави (како Велика Британија, Франција, Италија и др.), веќе развија и имплементираа конкретни активности за заштита на значајното геонаследство. Сепак, во бројни помалку развиени држави (вклучително и Македонија), националните политики и програми за заштита на геонаследството се појавија многу подоцна, поточно во текот на оваа деценија. Затоа, геонаследството таму сеуште не е заштитено како такво или пак е заштитено само делумно. Сепак, во последните неколку години, состојбата во светот значително се менува.

Дел од Пехчевските водопади како Љутачкиот, Жтачкиот, а донекаде и Скокото, во лето се речиси без вода.

За разлика напорите и чекорите што се преземаа во Европа, на Самитот за планетата Земја организиран од ОН и одржан 1992 година во Рио де Жанеиро, главно внимание беше посветено на биодиверзитетот, климатските промени и опустенувањето. Зачувувањето на геонаследството не беше спомнато ниту на самитот, ниту во донесената Агенда 21. Слично беше и со Милениумската декларација на ООН во 2000-та година, каде на геонаследството не се даде речиси никакво значење. Во 2015 година, земјите членки на ООН усвоија 17 цели на одржлив развој до 2030 година, каде повторно геонаследството и заштита на геодиверзитетот беа само попатно спомнати. Резолуцијата за промоција на екотуризмот на Светската Туристичка Организација од 2012 година (која има за цел намалување на сиромаштијата и подобрување на заштита на животната средина), како и Резолуцијата за промоција на одржливиот туризам и екотуризам, не го наведуваат геотуризмот како посебна тема, меѓутоа често истиот се споменува во контекст на одржлив туризам. Според тоа, во досегашниот период, геодиверзитетот и геонаследството не биле во центарот на вниманието на политичката агенда на ООН како што е заштитата на биодиверзитетот или пак проблемите со климатските промени. Сепак, на ниво на IUCN (Меѓународна Унија за заштита на природата; International Union for Conservation of Nature) и УНЕСКО, во последниве години се повеќе се зборува за проблемите со загрозување на геодиверзитетот и геонаследството и потребата да им се обрне поголемо внимание. По повеќе децении во кои фокусот на IUCN беше заштита на биолошкоо наследство, оваа организација од неодамна го препозна значењето на геодиверзитетот како интегрален дел на природата, со исто ниво на значење како и биодиверзитетот. Токму поради тоа, во 2014 година е воспоставена Група за геонаследство во рамките на Светската комисија за заштитени подрачја. Оваа група има 4 главни цели и тоа:

  • Да воспостави најдобри можни пристапи за управување со геонаследството во заштитените подрачја,
  • Да изврши ревизија на студијата на IUCN за вулканските предели со посебно значење,
  • Да изврши ревизија на критериумите за препознавање на светското наследство и
  • Да воспоставуви концепт на особено значајни подрачја на геонаследство.

Во поглед на претходното, мошне значајно е да се истакне дека уште во 2000-та година во Франција, Германија, Грција и Шпанија се формираа првите геопаркови чија цел е одржлив развој базиран на заштита и унапредување на геонаследството. Овој чекор во 2015 година беше препознаен од страна на УНЕСКО и преточен во Меѓународна програма за геонауки и геопаркови (International Geoscience and Geoparks Programme – IGGP). Така, од 2016-та година, бројот на подрачја што сакаат да добијат статус на УНЕСКО геопарк неверојатно се зголемува, особено во земјите во развој. Денес, околу 150 подрачја во различни делови во светот (од кои 76 подрачја во 25 држави во Европа) веќе го имаат тој статус, а истите по автоматизам се членки и на Светската мрежа на геопаркови (Global Geopark Network).

Некои од покарактеристичните денудациски појави во Македонија: А.
Маркови Кули, Б. Селечка Планина, В. Кукуље, Г. Ѓаволски Ѕид, Д. Куклица (Фото: Милевски И.)

Овде треба да се напомене дека најголем напредок во поглед на третманот и заштитата на геонаследството, сепак е направен во научните кругови. Меѓу најзначајните организации во тој поглед е ПроГео (ProGEO) која досега има организирано бројни конференции, симпозиуми, семинари и други настани, со цел унапредување на знаењата и подигање на јавната свест за значењето на геонаследството. Благодарение на ПроГЕО се појавија бројни тематски и светски асоцијации, како што се Меѓународната геоморфолошка асоција (IAG-International Association of Geomorphologists), Меѓународната палеонтолошка асоцијација (IPA-International Palaeontological Association), Меѓународната унија на геолошки науки (IUGS-International Union of Geological Sciences) и др. Исто така, се појавија и бројни книги, монографии и други изданија поврзани со заштитата и промоцијата на геонаследството.

Сето претходно покажува дека во последните 20-тина години, во светот е направен огромен напредок во разбирањето на значењето на геонаследството и потребата од негова заштита. Денес, незамисливо е да се зборува за заштита на некој природен предел, без сериозно да се опфати геодиверзитетот и да му се даде значењето што го има, согласно карактеристиките на пределот кој се анализира.

Долината на Лешничка Река и на Пена (десно), сликани од врвот Плат (2398 m). Во позадината е Титов Врв (2747 m). Фото: Милевски И.

Македонија, како ретко која друга држава во Европа и пошироко, може да се пофали со извонредно голема георазновидност на мал простор. Сепак, во минатиот период, на заштитата и промоцијата на геодиверзитетот, не било посветено доволно општествено внимание. Без оглед на заложбите на одделни истражувачи и поединци во соодветните институции (како во поранешниот Завод за заштита на природата или во постоечкиот Сектор за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање), третманот на геодиверзитетот бил во далеку понезавидна положба во однос на биодиверзитетот. Тоа е јасно видливо дури и во случаи кога се работи за заштита на исклучително значајни геокомплекси, каде истражувањата (и истражувачите) од областа на геонауките треба да бидат примарни, а не „декоративни“. Поради ваквиот однос, дел од вредното геонаследство на Македонија сеуште е слабо препознаено, промовирано, презентирано и сочувано, а во бројни случаи е делумно или значително деградирано.

Закани врз геодиверзитетот преку: А. засилена ерозија долж новоформирана крајбрежна зона (акумулација Глажња); Б. потопување на клисурски и кањонски делови со карстен релјеф (акумулација Козјак); В. активирање на свлечишта на засеци кај с. Страцин; Г. активирање на одрони на изразито засечени шкрилци кај с. Калиманци; Д. формирање на јаловиште во долината на Каменичка Река.
Фото: Милевски И.

Во однос на претходната состојба, голем напредок претставува од Владата (преку МЖСПП) неодамна усвоената Национална Стратегија за заштита на природата (2017-2027), каде мошне значаен дел е даден токму на заштитата и унапредувањето на геодиверзитетот и геонаследството. Затоа, се надеваме дека многу скоро, во нашата држава овој сегмент од природата ќе се третира на речиси рамноправна основа како биолошката разновидност, согласно најновите светски трендови. Тоа од причина што во глобални рамки се сфаќа дека геодиверзитетот е основна компонента за опстојување, развој, еволуција и зачувување на биодиверзитетот. Всушност, сите промени во геосферата, нераскинливо се рефлектираат врз живиот свет. Честопати подрачја со вреден и разновиден или уникатен геодиверзтитет се и подрачја со уникатен биодиверзитет. Без нивно заедничко и рамномерно проучување и познавање, не може да се осознае меѓузависноста и корелацијата, ниту пак последиците што може да произлезат од промената на било која од двете компоненти. Во таа смисла, особено значење има препознавањето на потребата и придобивките од воспоставување на првиот геопарк во Македонија, со што државата ќе покаже дека е вистински промотор на извонредните природни убавини со кои располага ова мало, но репрезентативно подрачје од планетата Земја.

Извори:

  • Milevski I., Temovski M. (2018): Geomorphological Heritage and Geoconservaton in the Republic of Macedonia. Bulletin of the Serbian Geographical Society 98(1), 15-29
  • Reynard E., Brilha J. (2018): Geoheritage: Assessment, Protection and Management.  Elsevier, 1-455
  • МЖСПП (2018): Национална стратегија за заштита на природата (2017-2027)


Автор:
д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4906 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *