4.07.2019
Во бројни научни дисциплини, при истражувањата на промените на некои појави или процеси се користи методот на споредбена фотоанализа. Методот се состои од фотографирање на даден објект, локација, предмет, појава во различни временски периоди, од иста или слична позиција. Карактеристични примери за користење на ваков метод има во астрономијата при следење на движењето на небесните тела, или при анализа на промените во нивниот сјај.
Споредбената фотоанализа се користи и во геоморфолошките истражувања за споредба на изгледот, односно состојбата на релјефните форми, локалитети, објекти или појави во различни временски периоди. Со тоа всушност се врши мониторинг на настанатите промени, што пак може да послужи за проценка на брзината на ерозија (или акумулација), степенот и типот на промените (природни, антропогено предизвикани), а доколку е потребно и за преземање на превентивни или заштитно-конзервациски мерки.
На долниот пример се презентирани три фотографии на централниот дел од локалитетот Кукуље (Делчевско), речиси од иста позиција и тоа во почетокот на јуни во 2002 година, крајот на мај 2010 година и почетокот на јуни 2019 година. Самата појава е мошне карактеристична, бидејќи станува збор за маркантни земјени пирамиди, претставени со десетици столбови, на врвот заштитени со релативно поотпорен карпест слој. Бидејќи се изградени во слабо отпорни плиоценски песочници и глини, овие форми се подложни на ерозија и атмосферски влијанија. Во досегашниот период, во неможност да се изврши ултра-прецизно ласерско – LiDAR, или геодетско мерење на промените, направена е споредбена фотоаналитичка проценка. Со подетален преглед на фотографиите, се забележува дека за период од 17 години, формите се морфолошки модифицирани, а некои нивни делови, сосема уништени. Со внимателно мерење на промените во однос на седиментните серии (слоеви со различна боја), може да се констатира дека интензитетот на ерозија, наместа достигнува дестици милиметри годишно. Така може да се забележи дека една од најмаркантните пирамиди е значително истенчена, малите иницијални форми до неа се речиси целосно уништени, а горните седиментни слоеви се еродирани. Според добиените вредности, при релативно исти климатски услови, произлегува дека пирамидите на фотографијата ќе биде целосно уништени за 200-300 години.
Ваквите анализи и согледувања се многу значајни и треба да се имаат во предвид при планирање на мерки и активности за заштита и зачувување на вакви уникатни локалитети, особено доколку се ставаат во туристичка функција или туристички се уредуваат. Во таа смисла, потребно е максимално да се избегнуваат било какви зафати во непосредна близина на појавата, со која би се зголемила концентрацијата на површинските води, кои можат да ја засилат и онака силната ерозија.
Речиси исти согледувања можат да се добијат при споредба на фотографии на исти делови од локалитетот Куклица кај Кратово, познат по уникатните и мошне карактеристични земјени пирамиди. На долната слика се дадени три споредбени фотографии од 2000., 2010. и 2019 година, на кои може да се забележи интензивната деструкција на дел од формите.
Без оглед што пирамидите се изградени од туфови и бречи кои се малку поцврсти од песочниците на Кукуљето, сепак јасно е дека и овде интензитетот на ерозија е доста голем. Од друга страна, може да се претпостави дека таквата деградација е поселедица и на антропогените влијанија, со оглед на тоа што голем број на посетители се движат по најосетливиот дел на локалитетот, а никаде нема предупредување или некаков знак за забрана за движење во тие „осетливи“ зони.
Со нашите истражувања во изминатите 20 години собрана е солидна фото-документација за бројни локалитети од Македонија и тоа за различни временски периоди. Со нивна споредба се согледуваат промените, посебно кај помалите и подинамични релјефни форми, појави и локалитети. Истите ни служат за одредување на динамиката на одредени процеси, а мошне често и за одредување на степенот на антропогената деструкција врз даден локалитет. Од анализите пак, произлегуваат препораки и мерки за одржливи, крајно внимателни интервенции и активности, бидејќи геодиверзитетот (не само биодиверзитетот) е осетлива категорија која е подложна на големи промени.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 4790 пати!