На 15 и 16 ноември 2024 година, во просториите на огранокот на САНУ (Српска академија на науките и уметностите) во Нови Сад, се одржа голема меѓународна конференција на тема „Геопросторна и еколошка динамика: помеѓу основните и применетите научни истражувања“ (Geospatial and Environmental Dynamics: Between Fundamental and Applied Scientific Research). На конференцијата беа изложени околу 100 презентации од близу 90 учесници од 26 држави, меѓу кои од Србија, Црна Гора, Македонија, БиХ, Романија, Грција, Полска, Холандија, Русија, Словенија, Итаија, САД и други.
Главна тематика беше корелација помеѓу геопросторните содржини, еколошките услови, климатските промени и антропогените влијанија, со посебен акцент на најсовремените пристапи, методи и техники во истражувањата. На настанот со свои излагања настапија и истражувачи од Македонија. Така, д-р Ивица Милевски настапи со пленарна презентација за споредбата на резултатите при користење на различни извори на податоци за коефициентите Y (еродибилност на карпите и почвите) и Ф (видливи ерозивни процеси) во методот на ерозивен потенцијал (ЕПМ). Овој метод или образец за проценка на ерозивноста на теренот и изработка на карти на ерозија е меѓу најкористените во Македонија, на Балканот, а во последно време и пошироко, па во таа смисла има особено значење негово што попрецизно имплементирање.
Вториот учесник од Македонија, м-р Бојана Алексова (докторанд на универзитетот во Нови Сад) настапи со две презентации и тоа за вреднување на гео-локалитетите како основа за развој на туризмот базиран на природа во подрачјето на НП Шар Планина и НП Маврово, а втората презентација за современи методи на далечинска детекција применливи во изработка на хабитатни карти.
Инаку, пред самата конференција беше публикуван зборник на апстракти, а селектирани изработени трудови, ќе бидат предадени за објавување во специјални изданија на повеќе реномирани научни списанија.
Во неформалниот дел, се остварија бројни средби, дружења на учесниците, со размена на идеи, предлози за соработка, заеднички истражувања и проекти.
Посебна благодарност за мошне успешната организација и позитивното ниво на конференцијата изразуваме до проф. д-р Слободан Марковиќ и проф. д-р Тин Лукиќ од департманот за географија и хотелиерство при Универзитетот во Нови Сад, а секако и до бројните други учесници во организацијата на настанот.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 16 пати!