На 12.09.2025 година, на Природно математички факултет-Скопје, Секцијата за геодиверзитет при Македонско еколошко друштво (МЕД) и Истражувачкото друштво „Урсус спелеос“-Скопје заеднички ја организираа работилницата на тема „Не е битна датата – битно е знаењето“.
Настанот, на кој беа присутни 30-тина учесници, го отворија проф. д-р Славчо Христовски и Али Самет, а д-р Билјана Гичевски ја водеше работилницата. Тема на карстолошката дискусија бea пештерите и карстот во Националниот парк Галичица. Со свои презентации се претставија четири истражувачи. Првин, д-р Ивица Милевски од Институтот за географија при ПМФ, ги презентираше основните геоморфолошки карактеристики на Галичица, а подетално се задржа на површинските карстни релјефни форми на оваа планина. Следеше презентацијата на д-р Билјана Гичевски за подземните карстни форми на планината Галичица, со посебен осврт на 12-тина нови истражени пештери од страна на тимот на „Урсус спелеос“. На крај, д-р Славчо Христовски од Институтот за биологија при ПМФ и д-р Марјан Комненов ја изложија својата презентација за пештерската фауна на Галичица, со посебен акцент на новоутврдените видови, некои од нив, мошне раритетни. Сите презентации содржеа резултати и сознанија од најновите истражувања во последните години, поради што беа следени со особено внимание од присутните. Токму поради тоа, по секоја презентација, следуваа прашања и заедничка дискусија на предавачите со присутните.
Им благодариме на присутните слушатели со кои заеднички придонесовме во одбележувањето на Меѓународниот ден на пештерите и карстот. Воедно, изразуваме благодарност до ПМФ и Институтот за биологија за отстапениот простор за овој настан.
Краткото видео од настанот, може да се погледне на следниот линк.
Подготвиле: д-р Билјана Гичевски и д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 155 пати!






