Во реномирано научно списание, објавен труд за подложност на поројни поплави во Македонија

Неодамна, во списанието Open Geosciences (De Gruyter Brill) е објавен трудот „Национална анализа за ранливост од поројни поплави во сливовите“ од авторскиот тим м-р Бојана Алексовa, докторанд по геонауки на Универзитетот во Нови Сад, проф. др. Ивица Милевски од ПМФ-УКИМ во Скопје и проф. др. Stefanos Stefanidis од Шумарскиот Институт во Солун. Овој труд е резултат на неколкугодишно истражување, кое имаше за цел изработка на доволно прецизен модел за подложност на поројни поплави на целата територија на Република Македонија. Станува збор за прва сеопфатна проценка на степенот на погодност за формирање поројни поплави и зонирање на целата национална територија според т.н. индекс на поројност. Истото е мошне значајно со оглед на постоечките, а особено очекуваните екстремни временски настани на подрачјето на нашата држава, како резултат на климатските промени. Претходно, др. Милевски и мр. Алексова, заедно со проф. др. Александар Ваљаревиќ од Универзитетот во Белград и проф. др. Пеце Горшевски од Универзитетот во изработија и објавија труд на слична проблематика, но со пристап целосно базиран на далечинска детекција. Интересно е што резултатите од двете истражувања се многу слични – што укажува на соодветноста на употребената методологија.

Инаку, истражувањето е мотивирано од се’ почестите катастрофални поројни поплави во Македонија, како онаа во околината на Стајковци (во 2016 година, 22 жртви), Шипковица (во 2015 година со 4 жртви), Радовиш (во 2008 година со една жртва) и други. По овие поплави, следеа разни студии, теренски интервенции и мерки, но остануваат бројни „жешки точки“. За да се превенира на вистински начин, неопходен е максимално прецизен модел на подложност (susceptibility), ранливост (vulnerability) и ризик (risk). За нивна изработка пак, неопходно е да се земат во предвид соодветни факторти, како: пошуменост или оголеност на теренот, големина на наклоните, начинот на користење на земјиштето, видот (водопропустноста) на геолошката и почвената подлога, очекуваното максимално количество на врнежи во единица време (час, неколку часа, еден ден) и слично. Токму овие фактори се земени во предвид при изработката на трудот, односно моделот на потенцијални порои, со просторна резолуција од само 15 метри. Во таа смисла, нашето истражување (со моделот произлезен од него), може да биде мошне корисно за „препознавање“ на ризичните подрачја, односно да им помогне на соодветните институции и локални фактори во планирање на превентивни заштитни мерки (пред да биде доцна).

Инаку, резултатите покажуваат дека на државно ниво, околу 28% од територијата е мошне погодна за концентрација на поројни води. Најпроблематични се областите околу реките Брегалница, Пчиња, Треска, Крива Река, Црна Река и Струмица. Разгледано по помали речни сливови (30 до 120 km²), дури 64% се силно или многу силно подложни. Тоа значи дека во тие мали сливови, водата може да надојде многу брзо, а некои од нив, во екстремни услови да достигнат протоци над 200 m³/s. За проверка на точноста на моделот, направена е просторна споредба со евидентираните 328 поројни поплави од последните 60 години, потоа со податоците за интензивни врнежи од 8 метео-станици (1989–2020) и споредба со екстремните протеци на некои реки. При тоа, добиена е точност од 78%, што значи дека моделот доста точно покажува каде може да се формира порој.

Според експертите од IPCC и Светската банка, до 2050 година треба да очекуваме повеќе екстремни врнежи во нашиот регион, а тоа, во комбинација со несоодветното користење на просторот, бетонизацијата, уништувањето на природната вегетација, сечење на шумите и др., ќе ги зголеми ризиците од поројни поплави.

Во иднина, моделот може да се надгради со повеќе динамички податоци и да вклучи социо-економски фактори (како густина на население, инфраструктура или економски загуби), што ќе го направи уште покорисен за превентивни цели. Овој труд не е само научен документ, тој е алатка за да помогне да се спречат нови трагедии како во Стајковци.
За деталните модели, карти и информации, можете да ги контактирате авторите на трудот.

Подготвила: м-р Бојана Алексова

Оваа статија е прочитана 94 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *