Во интерес на транспарентноста и отчетноста кон граѓаните, Граѓанската космичка агенција на Македонија ја споделува поднесената вселенска иницијатива до Претседателот, Собранието и Министерството за надворешни работи.
Целата иницијатива (во пдф формат) може да се прочита на овој ЛИНК.
Со оваа Иницијатива бараме:
- ратификација на меѓународните договори од областа на космичкото право;
утврдување на официјална македонска космичка политика; - членство во Комитетот на Обединетите нации за мирољубива употреба на космосот, и во Европската космичка агенција;
- усвојување на Македонски космички законик, со кој ќе се кодифицира релевантното законодавство и ќе се основа Македонска агенција за космосот (МАК);
- признавање, почитување и примена на Македонската космичка декларација од 2 мај 2024 година.
Граѓанската космичка агенција на Македонија дејствува под Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО – националниот сегмент на Меѓународното КОСМИЧКО ДВИЖЕЊЕ (МКД) од Битола, кое ги обедини сите вселенски невладини организации од Републиката: Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво, Македонските студенти за истражување и развој од космосот и Здружението за вселенски развој интернешнл спејс алајнс.
Во рамките на својот мандат, МКД – Битола иницира основање на Национални КОСМИЧКИ ДРУШТВА – сегменти кои ги обединуваат граѓанските ресурси во земјите без национални космички органи или тела, како што е примерот со Македонија, со главна задача да дејстуваат како граѓанска космичка агенција; додека во земјите со вселенски капацитети и функционални национални космички органи или тела, главна задача им е да ги обединат своите ресурси со цел дејствување како граѓански агенции за меѓународен развој од космичките благодати. Во овој момент, МКД – Битола функционира со угледни Национални кореспонденти од 10 држави: Албанија, Белгија,
Чешка, Македонија, Франција, Црна Гора, Романија, Србија, Обединетото кралство на Велика Британија и Северна Ирска, и Уганда.
Граѓанската космичка агенција на Македонија својот почеток го официјализираше преку заедничката свечена седница на Меѓународниот комитет и Македонското КОСМИЧКО ДРУШТВО која се одржа на 14 јули 2025 година на Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје.
И ние, македонските граѓани, имаме слобода за истражување на вселената и право на еднаков пристап до благодатите од нејзината употреба.
Време е државата достоинствено да ги признае, почитува, применува, гарантира и заштитува овие права.
Преку хуманоста до ѕвездите / Per humanitatem ad astra /To the stars through humanity
Оваа статија е прочитана 177 пати!






