Преспанското Езеро се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, во централниот дел на Преспанска Котлина, која е ограничена со планините Баба на исток и Галичица на запад. Во Преспанската Котлина се наоѓаат двете езера: Малото и Големото Преспанско Езеро. Тие се меѓу најстарите езера во Европа и во нив можат да се најдат голем број на ендемски видови, како и единствената колонија на Големиот Бел Пеликан во Европската Унија. Регионот се смета за значаен резервоар на богат геодиверзитет и биодиверзитет. Во нивна близина се распространети двата национални паркови – Галичица и Пелистер. Имено, Големото Преспанско Езеро се наоѓа на надморска висина од 853 m, зафаќа површина од 276,2 km2 и има најголема длабочина од 54 m. Во водите на ова езеро се наоѓа тромеѓето на македонската, албанската и грчката граница. Од вкупната површината на езерото, 65% припаѓа на Македонија, 18% на Албанија и 17% на Грција. Големото Преспанско Езеро е второ по големина во Македонија, по Охридското Езеро. Во него се наоѓа природна реткост, односно островот Голем Град кој зафаќа површина од 0.2 km2. Островот е обраснат со бујна шумска вегетација со најголема застапеност на фојата како ендемичен вид. Влегува во рамките на националниот парк Галичица и е заштитен со закон.
Годишните промени во нивото на водата на Преспанското Езеро се директен резултат најпрвин на комплексната геолошка постава на регионот, а потоа и на следните фактори: Количеството на врнежи, дотокот на вода од реките и подземните води, степенот на испарување од езерото, искористената вода за наводнување и карстниот истек на водата низ планината Галичица во Охридското Езеро. Најзначителните зголемувања и намалувања на волуменот на езерото се главно резултат на просечните климатски услови во водниот слив на езерото, односно акумулативната преципитација (град, дожд или снег) за време на влажната сезона (од октомври до март) и сушниот период во текот на летото, кој е причина за се поизразените ниски количини на врнежи. Горенаведените податоците потекнуваат од извештајот „Процена на ефектот на климатските промени врз ранливоста на живеалиштата, со цел да се воспостави управување на влажните станишта, со цел митигација на климатските промени“ на Националната опсерваторија на Атина (НОА). Нивните анализи покажуваат дека намалувањето на нивото на водата на Преспанското Езеро е во континуитет. Слични податоци споделува и УХМР (Управата за хидрометеоролошки работи). Според нивните мерења нивото на водата на Преспанското Езеро е во постојан пад од 1951 година, со изразено опаѓање од 1987 до 1995 година.Двата најконтроверзни фактори за водостојот на Преспанското Езеро се:
- Езерската вода е искористувана директно за наводнување во трите држави уште од 50-тите години на минатиот век. Ова имало негативен ефект на нивото на езерото и делумно е одговорно за неговото долгорочно намалување од 70-тите години на минатиот век до 2004 година. Денес, оваа активност е приметливо намалена, но се уште постои испумпување на вода од Македонија и соседна Албанија и Грција за наводнување на земјоделски површини. Иако ова е се уште проблем на кој треба да се работи, се смета дека нема толку голем удел во водостојот на езерото како што се климатските промени.
- Бидејќи Големото Преспанско Езеро се наоѓа на околу 150 метри над Охридското Езеро, кое лежи само на околу 10 км на запад, неговите води водат низ подземните канали во варовнички порозен карст и излегуваат од извори кои потхрануваат струи што течат кон Охридското Езеро. Практично Преспанското Езеро и Преспанската Котлина се изворот на реката Црни Дрим, а изворите кај Св. Наум се површинска појава на водата од Преспанско Езеро, која понира преку понорот Завир. Но, според извештајот на НОА, опсервираниот волумен на карстен истек низ Галичица е стабилен, независно од нивото на езерската вода и како таков не допринел значително кон интензивното намалување на езерото.
Последната долгогодишната суша и малото количество на преципитација, односно малото количество снег на околните планини, од чие топење зависат дотеците на свежа вода во езерото и зголемувањето на неговото ниво, е главната причина за досега најголемото опаѓање на нивото на водата на Преспанското Езеро. Само за споредба, во време на 60-ти години од минатиот век, според некои истражувања се претпоставува дека Преспанското Езеро располагало со 5 билиони кубни метри вода, кои после неколкуте повлекувања во децениите што следат се преполовиле.Покрај актуелната состојба на нискиот водостој, Преспанското Езеро има и низа останати еколошки проблеми кои се последица на долгогодишно дејствување, како на пример: Прекумернa употреба на пестициди и вештачки ѓубрива кои од насадите преку подземните води се слеваат во езерото, големото присуство и концентрација на сулфати, деградација и фрагментација на живеалишта и нивно претворање во земјоделски површини, на некои места се уште продолжува екстракција на вода за наводнување, несоодветно ослободени огромни количини органски отпад (минатата 2019 година 70 000 тона непласирани јаболки), криволовство, односно незаконско и прекумерно рибарење, незаконско сечење дрва и човечко предизвикани пожари, нерегулирани и неограничени туристички посети на места со кревки екосистеми (пр. Голем Град) и генерално негрижата за езерото и неправилното децениско управување со него. Доколку продолжи интензивниот сушен период во регионот и не се преземат мерки од соодветните задолжени институции за разрешување на проблемите, дополнително ќе се влоши ситуацијата со езерото. Тоа значи закана за рибниот фонд и помор на животинскиот свет, продорот на сончевите зраци до дното на езерото, дислокацијата на езерото и се повеќе плитка вода, зголемување на количината и просторот со присуство на разни видови алги, намалување на чистота и намалување на дотекот на чиста, свежа и богата со кислород вода, дополнително намалување на нивото на водата и повлекување на крајбрежна линија, пресушување на природните извори, бунарите и вештачките акумулации користени од страна на земјоделците, пресушување на блатата, односно езерските мочуришта.
Предлози и решенија за пристапот кон проблемот со нискиот водостој би можеле да бидат:
- Одговорен и сериозен пристап на институциите од сите три земји што го делат езерото.
- Извршување на иницијална експертска анализа на причините за моменталната состојбата и обезбедување на што повеќе научно-базирани податоци за воспоставување ефикасни мерки за заштита и изработка на следни предлог чекори за следење и подобро управување со водостојот на Преспанското Езеро.
- Поголема грижа за езерото, поголема иницијатива за проекти, поголема финансиска подршка, поголемо заложување во истражувачката дејност и поголема иницијативата од страна на соодветните институции.
- Подобра управно, правна и административна организација на надлежните институции и рационално прераспределување на надлежностите при управување со Преспанското Езеро.
Исто така, иако употребата на езерска вода за наводнување во последните неколку години е значително намалена, започнувањето на сезоната на растење повеќе видови земјоделски култури во околните области дополнително може негативно да влијае врз нивото на езерото. Иако наведените мерки имаат позитивни влијаније, сепак Преспанското Езеро се уште се соочува со низа други останати проблеми, од кои нискиот водостој е најзагрижувачки. Доколку продолжи трендот на намалување на водостојот, сето тоа ќе придонесе за промена на климата во Преспанско Езеро, што, од друга страна, ќе влијае и врз ретките растителни и животински видови карактеристични за овој крај. Понорот „Казан“ е место каде што Преспанското Езеро се одлева, а оттаму под планината Галичица се влева во Охридското Езеро. Во нормални услови овој понор би бил од 50 до 70 m под вода. Впрочем, оваа точка во Преспанското Езеро е и најдлабоката.
Извор: Извештај и анализа за состојбата со Преспанско Езеро, МЖСПП, РСМ (29.11.2021)
Напишала: м-р Бојана Алексова, професор по географија
Оваа статија е прочитана 168 пати!