16.12.2011. Автор: Ивица Милевски
Климата е многу значаен географски фактор. Од климата зависи количеството на врнежи, полноводноста на реките, богатството на растителен и животински свет, а секако и активноста на човекот во просторот. Во стопанството, климата има особено влијание врз земјоделството, шумарството, потоа сообраќајот, туризмот, начинот на живеење и др. Климатските фактори одредуваат каква ќе биде климата во одреден простор. За Република Македонија, најважни климатски фактори се: географската положба, релјефот, близината на околните мориња и атмосферските струења.
Во однос на географската положба, Република Македонија се наоѓа на северната полутопка и тоа малку појужно од средишниот напоредник на оваа полутопка (кој минува низ Белград). Тоа значи дека нашата држава лежи во умерениот топлински појас и е поблиску до екваторот отколку до северниот Пол. Затоа добива сосема доволно топлина за развој на растителниот и животинскиот свет во поголемиот дел на годината. Поради положбата, во Република Македонија има четири јасно изразени годишни времиња. Летото трае од 22 јуни до 23 септември, а зимата од 22 декември до 21 март.
Близината на Егејското Море од само 60 km и на Јадранското Море од 80 km имаат големо влијание врз климата на Република Македонија. Тоа особено е изразено по долината на реките Вардар, Струмица, а нешто помалку и на Црни Дрим, каде навлегуваат топли и влажни воздушни маси. Освен морињата, врз климата на нашата земја влијае и Атлантскиот Oкеан од каде доаѓаат влажни воздушни маси особено во пролет и есен.
Релјефот со својата височина и правец на протегање, има значително влијание врз климата на нашата држава. Високите планини во западниот и јужниот дел на Република Македонија ги спречуваат топлите и влажни морски влијанија да навлезат подлабоко во внатрешноста. Нивното навлегување е можно само преку долините на Вардар, Струмица и Црни Дрим. Од друга страна, средно високите планини и широките долини во северниот дел, овозможуваат навлегување на студени воздушни маси од север. Затоа, во зима дури и во појужните делови на државата температурите може да се спуштат многу ниско. Освен планините, значително влијание имаат и котлините. Некои котлини се заградени со планини од сите страни, па преку зима нивните најниски делови може да бидат многу студени. Некои котлини пак се исполнети со езера, кои не дозволуваат околниот воздух преку лето многу да се загрее или преку зима многу да се разлади.
Општите струења на атмосферата исто така имаат значење за климата на Република Македонија. Во летниот период често се јавува пробив на тропски воздушни маси од Африка, пратен со многу високи температури или со таканаречени „црвени дождови“. Во зима пак, се случува пробив на поларни воздушни маси од северните делови на Европа и од Сибир, па се јавува многу студено време.
Во последно време и човекот има значително влијание врз климата. Тој не само што ја менува микроклимата во некој простор со градење на вештачки езера, пошумување, туку со загадувањето ја менува глобалната клима на Земјата.
Слично како релјефот и климата на Република Македонија е многу интересна и разновидна. Тоа може да се согледа преку климатските елементи, од кои најзначајни се: температурата на воздухот, врнежите, ветровите и др. Климатските елементи се доста променливи и тоа како просторно така и временски, бидејќи врз нив влијаат многу фактори.
Температурата на воздухот се менува во зависност од годишните времиња, релјефот, близината на морињата, големината на природните и вештачки езера, пошуменоста и слично. Средната годишна температура на воздухот во Република Македонија изнесува 11,5°С и се движи од околу 0°С на високите планини до 15°С во јужните подрачја околу Дојран и Валандово. Досега најниската измерена температура на воздухот изнесува -32°С во Берово, а највисоката 45°С во Демир Капија. Општо земено, пониските делови на котлините и речните долини се потопли од планините, јужните страни се потопли од северните, а западните страни се потопли од источните.
Врнежите во Република Македонија во просек годишно изнесуваат околу 680 mm, што е релативно мала вредност. Најмногу врнежи има во западниот дел на државата, особено во долината на реката Радика (околу 1200-1400 mm/год.). Причина е близината на Јадранското Море и високите планини кои се испречуваат на влажните воздушни маси. Кон исток врнежите се намалуваат, така што во централниот дел на Повардарието, во Тиквешијата и Овче Поле, тие изнесуваат под 500 mm годишно. Поради малата облачност и врнежливост, овде се јавува најдолго осончување со околу 2500-2600 часа годишно. Кон исток врнежите повторно малку се зголемуваат.
Ветровите во Република Македонија се честа појава, особено во зимскиот период. Сепак, тие не се толку силни како во другите делови на Европа и Светот. Врз појавата, правецот и силата на ветровите најмногу влијае релјефот. Најпознати ветрови се вардарецот и југот. Вардарецот е сув и студен ветер кој дува од север кон југ, најчесто во зимскиот период.
Без оглед на големината на државата, климата значително се менува од југ кон север, од запад кон исток и од пониските делови кон планините.
Така, близината и отвореноста кон Егејското Море, условува во јужните делови, околу Гевгелија, Валандово, Дојран, до Демиркаписката Клисура да преовладува изменета средоземноморска (медитеранска) клима, со благи и врнежливи зими и топли, суви лета. Овде мразот е ретка појава, температурите многу ретко паѓаат под -10°С, но преку лето се случува да се искачат и над 40°С. Поради отвореноста кон север и југ, ветровитоста е голема, особено кај Гевгелија, заради што овде се предвидува градба на првата електроцентрала на ветер во Македонија. Слични климатски одлики има подрачјето на Струмичката Котлина, каде топлите воздушни струења од Егејско Море навлегуваат по долината на реката Струма и нејзината притока Струмица. Поради поволните климатски карактеристики, во овој јужен дел на нашата татковина се одгледуваат раноградинарски култури. Во Дојранската Котлина пак, топлите зими овозможуваат одгледување дури и на суптропски култури како кивито и маслинката.
Во средишниот дел на нашата држава (средно Повардарjе), владее умерено-континентална клима со сосема слаби медитерански влијанија, чие навлегување е оневозможено од тесната, а долга Демиркаписка Клисура. Овој реон се протега по долината на Вардар, од Демир Капија на југ, до Скопје и Куманово на север, потоа по Брегалница до Кочани на исток и по Црна Река до Мариово на запад. Овде зимскиот мраз е почеста појава. Најниските температури се спуштаат и под -20°С, додека летните пак се искачуваат дури до 45°С. Според просечното количество на врнежи од само 400-500 mm/год., овој простор е меѓу најсиромашните во Европа, така што наликува на степски и полупустински пејсаж. Интересно е и тоа што по долината на Вардар се јавуваат силни ветрови, особено во Овче Поле и кај Демир Капија, заради што и овде се предвидува изградба на централи на ветер. Ваквите климатски услови и долгото осончување од дури 2600 часа, погодуваат за развој на лозарството и за производство на многу квалитетно македонско вино.
Останатите пониски котлински подрачја на нашата татковина (Пелагонија, Полошка, Дебарска, Кумановска, Делчевска Котлина), се одикуваат со типична умерено-континентална клима, со студени зими и многу топли лета. Врнежите овде се малку повисоки (околу 600 mm), но сепак недоволни и неповолно распоредени во годината. Повисоките котлини (Кривопаланечка, Беровска, Мавровска), имаат континентална клима, со студени зими (до -32°С) и свежи лета (до 35°С) и не многу силни ветрови. Пријатната клима дава потенцијали за развој на туризмот, сточарството и шумарството во овие простори.
Интересна е локалната клима во Охридската и Преспанската котлина. Иако се релативно високи (700-900 m), тука зимите не се студени (над 0°С) а летата се свежи (до 35°С). Тоа е заради влијанието на Охридското и Преспанското Езеро, кои преку зима го загреваат а преку лето го разладуваат околниот воздух. Поради таквата клима и чистиот воздух, овие простори ги нарекуваат воздушни бањи.
На крај да напоменеме дека високите планински подрачја, се одликуваат со сурова планинска клима, студени зими и лета, просечни годишни температури околу 0°С и врнежи околу 1000-1200 mm, преку зима во вид на снег. Снегот обично се задржува од ноември до мај, а на највисоките осојни страни и до август. Заради тоа, овде е развиен зимскиот скијачки и летниот планинарско-рекреативен туризам.
Автор на статијата: д-р Ивица Милевски