Во 2024 година, ПМФ при УКИМ изготви четири студии за Просторниот план на Македонија

Покрај останатите активности, во периодот од ноември 2022 година до декември 2024 година, Природно-математичкиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, работеше и успешно заврши четири значајни студии за новиот Просторен план на РС Македонија. Имено, во текот на есента, 2022 година, Агенцијата за планирање на просторот (АПП), објави повик за изработка на повеќе секторски студии за новиот Просторен план на РС Македонија за периодот 2021-2040 година. На овој првичен повик, по иницијатива на д-р Ивица Милевски, а со поддршка на тогашниот декан на Природно-математичкиот факултет при УКИМ, д-р Александар Скепароски, беа составени мултидисциплинарни работни тимови за две студии, за кои се пријави факултетот и тоа:

  1. Природни карактеристики за Просторниот план на РСМ (2021-2040) и
  2. Климатски промени за Просторниот план на РСМ (2021-2040).

Согласно барањата на повикот во поглед на квалитетот на експертите и нивните претходни учества во проекти, токму ПМФ беше избран како најпогоден за изработка на двете студии (подоцна, во вториот повик, факултетот, користејќи ги веќе добиените искуства, беше избран за изработка на уште две студии и тоа за демографија и за животна средина).

Тимовите беа составени главно од неколку географи, потоа двајца метеоролози (д-р Владо Спиридонов и д-р Пеце Ристевски) и еден сеизмолог (д-р Катерина Дрогрешка). Согласно препораките за ваков тип на просторно-плански студии, истите треба да содржат соодветен текстуално-графички и картографски дел, што на крај беше целосно исполнето. Бидејќи станува збор за мошне сложена проблематика, особено во делот на климатските промени, работата на студиите траеше близу година и половина, односно од ноември 2022 година, до јули 2024 година. Првичните работни верзии, беа изработени уште во текот на ноември и декември 2022 година, согласно претходните методолошки упатства од АПП, потоа Методологијата за изработка на просторни планови од 2020 година и Програмската задача изготвена во 2021 година. Главниот студиски дел се работеше во текот на 2023 година и тоа низ повеќе фази. Најпрвин преку АПП, од Управата за хидро-метеоролошки работи, беа побарани и добиени метеоролошки и хидролошки податоци за 13 метеоролошки и повеќе хидролошки станици во државата, за периодот 1991-2020 година. Овие податоци беа неопходни за поцелосна анализа на климатските и хидролошките карактеристики на Македонија и нивна споредба со претходните стандардни периоди. Паралелно, соодветните членови на тимот за природни карактеристики ги работеа поглавјата за геологија, сеизмика, геоморфологија и почви, со посебен осврт на нивното значење и влијание (позитивно или негативно) за планирање на просторот. Вториот тим пак, подетално работеше на очекуваните климатски промени и нивното влијание врз организација на просторот на државата, особено од аспект на земјоделството, шумарството, водите, енергетиката, туризмот, здравството и др.). При тоа, беа користени најсовремените сознанија во литературата и достигнувањата во другите држави, особено во делот на имплементација на климатските промени во просторното планирање, проценетата ранливост и мерките за справување.

Во текот на јули 2023 година, во организација на Агенцијата и на ГДИ-Скопје, а како дел од проектот, беше оформена електронска платформа за размена на информации и изработените поглавја за Просторниот план. Платформата помогна во усогласување на мерките и активностите од студиите за природни карактеристики и за климатски промени, со соодветните делови од другите студии наменети за Просторниот план (особено мерки, активности, етапи и индикатори).

Првичната финална верзија на двете студии беше предадена во АПП во месец декември 2023 година. Како што е вообичаено за вакви студии, следуваа повеќе забелешки и сугестии од страна на Агенцијата и нејзините експерти, кои беа земени во предвид и вклопени во финалната верзија.

На 19 и 20 февруари, 2024 година, во организација на АПП и на Градежниот факултет во Скопје, се одржа голема работилница на која беа презентирани резултатите од дотогаш изработените студии за Просторниот план. На истата, како претставник на тимовите за природни карактеристики и за климатски промени, настапи проф. д-р Ивица Милевски, кој пред присутните го презентираше дотогаш сработеното. Овој настан беше особено значаен за меѓусебна координација, размена на сознанија и искуства помеѓу тимовите, како и идеи за дооформување на конечните верзии. Во таа смисла, во месеците март-јуни (по дополнително добиените забелешки од Агенцијата), раководителот на двата тима од ПМФ, д-р Ивица Милевски, изврши финализација на студиите и на нивните кратки верзии (резимеа), неопходни за Просторниот план. Овде морам да го напоменам големиот придонес на проф. д-р Владо Спиридонов и проф. д-р Михаило Зиков, кои дадоа значителен придонес во финализирање на резимето за климатските промени во Просторниот план на РСМ, учествувајќи на повеќе состаноци со Агенцијата, но и на меѓусебни координации. Од друга страна, некои експерти не си ги довршија своите преземени обврски, што пак го реализиравме со личен ангажман.

Како и да е, секторската студија за природни карактеристики за просторниот план на РСМ, во својата финална верзија содржи 236 страници, 72 илустрации (фотографии, графикони, шеми), околу 55 табели, 104 референци, толкувач на поими и др. Од оваа студија главно е извлечено резимето (на околу 20-тина страници), кое содржински е доста богато и прилагодено да биде дел од Просторниот план.

Секторската студија за климатски промени за Просторниот план на РСМ (2021-2040), содржи 185 страници, 46 слики, графикони и карти, голем број на табели, 87 референци, збирка на кратенки и др. Кратката верзија пак е напишана на 18 страници, повеќе слики, појаснувања и др. Двата документи за климатски промени (студијата и кратката верзија), за прв пат се изработени како составен дел на некој просторен план на РС Македонија, што им дава посебна тежина и значење.

Во меѓувреме, со вториот повик, во месец април 2023 година, ПМФ беше избран за изработка на уште две студии и тоа за демографија и за животна средина. Двете студии беа изработени, предадени и прифатени од страна на АПП до крајот на 2024 година.

Учеството на соодветните експерти и тимови од ПМФ-УКИМ, во изготвувањето на Просторниот план на државата, како најзначаен стратешки документ е од особено значење и потврда дека можеме да се носиме и со такви комплексни и мошне значајни задачи од национален карактер. Тоа е и едно големо искуство, кое ќе ни послужи за успешна реализација на слични студии и проектни активности во идниот период, особено со оглед на веќе стекнатите знаења.

Во оваа пригода, како раководител на тимовите за природни карактеристики и за климатски промени за Просторниот план на РСМ, изразувам огромна благодарност до д-р Душица Трпчевска Анѓелковиќ, потоа д-р Лидија Трпеноска-Симоновиќ, м-р Звонко Бошев и м-р Весна Мирчевска Димишковска за помошта во сите фази од работата, корисните совети, упатства, бројните заеднички состаноци, понекогаш мали несогласувања, но и пријатни моменти за целиот тој речиси двегодишен период. Секако, посебна благодарност и до директорката на АПП м-р Андријана Андреева за поддршката на севкупниот процес.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 6 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *