28.12.2014
Дали некогаш сте се запрашале зошто почетокот на секоја нова година е токму на 1 јануари?
Низ историјата, почетокот на нова година обично се поврзувал со некој природен настан. Најчесто тоа била смената на исто годишно време (обично пролет) или пак датумот на пролетната рамноденица, односно околу 20 март. Прославувањето на Нова година на 1-ви јануари се смета дека е поврзана со стариот римски обред во чест на богот Јанус, кој бил бог на „почетокот“, на „новото“. Овој бог обично е прикажан со две лица, едното свртено кон напред, кон новото, а другото свртено кон назад или кон минатото. Од тука и името на првиот месец во Римскиот календар: јануари. Меѓутоа, зошто пак самиот тој обред на почеток на новото, а со тоа и подоцнежниот почеток на нова година, биле токму на тој ден?
За нас на северната хемисфера, најкраткиот ден во годината или т.н. зимски солстициум, односно зимска краткоденица е обично помеѓу 20-ти и 23-ти декември. Тоа е многу важен датум, после кој започнува зголемување на траењето на денот на сметка на ноќта, односно многу значајна промена. Десетина дена подоцна или околу 5 јануари, Земјата е најблиску до Сонцето, во положба позната како перихел. Овој датум исто така е променлив, така што на пример за 2015 година ќе биде на 4 јануари. Тоа значи дека денес Нова година е некаде помеѓу датумот на зимска краткоденица и перихел (малку „поблиску“ до перихел) кој е доста карактеристичен период на астрономско-временска промена. Пред 2200 години, поради промените на елементите на Земјината орбита, зимската краткоденица била дури и „поблиску“ до 1 јануари. Затоа се смета дека за почеток на нова година или како датум 1 јануари е земен крајот на обредот посветен на Јанус, една недела по најкраткиот ден. Интересно е што некои дури го поврзуваат овој обред со подоцнежното христијанско славење на Св. Никола од кој пак веројатно произлегол Санта Клаус или модерно – Дедо Мраз.
Извори: http://en.wikipedia.org/wiki/Saint_Nicholas ; http://earthsky.org/earth/why-does-the-new-year-begin-on-january-1
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 6914 пати!