Негативниот природен прираст – опасност за опстанокот на Македонија

8.08.2013

Повеќе од 40 отсто од сите општини во Република Македонија се зафатени од белата чума, болеста на модерното време. Триесет и седум општини, сите со доминантно македонско етничко население, имаат негативен природен прираст и во нив бројот на умрени бил поголем од бројот на живородени деца, покажуваат официјалните податоци на Државниот завод за статистика за 2012 година. Особено загрижуваат податоци за двата најголеми града во Пелагонија. Битола лани имал негативен природен прираст од 381 лице, а Прилеп имал негативен прираст од 124 лица. Тоа значи дека заедно во двете најголеми општини на македонскиот југозапад се родиле 505 лица помалку во споредба со бројот на лица кои починале таа година. Во општина Битола соодносот на умрени и живородени е 1.262 лица наспрема 881 бебе. Во Прилеп починале 897 лица, а се родиле 773 бебиња. За да биле сликата уште полоша, уште шест општини кои се дел или гравитираат кон Пелагонија имаат ваков тренд. Тие се: Новаци со негатива од 50 лица – општина во која на три починати лица се раѓа само едно бебе! Могила има подобар однос од 2011 година, но и лани била во негатива од 11 лица, а Кривогаштани лани има однос од безмалку едно новородено бебе на две починати лица. Многу е лоша состојбата и во општина Македонски Брод каде односот е две починати лица на едно новородено бебе. Уште полошо е во Демир Хисар, каде соодносот е 143 починати наспрема 60 новородени деца. И во Крушево е негативен прирастот и изнесува 141 наспрема 108, но е далеку подобро во споредба со Брод и со Демир Хисар. Штип, Кочани, Берово, Делчево, Пехчево, Свети Николе, Кратово, Крива Паланка – сите градови во источниот и североисточниот дел на Македонија лани регистрирале поголем број починати лица наспроти новородени дечиња. Најстрашно е во Пехчево – малата погранична општина во која соодносот е три умрени лица на едно живородено бебенце. Берово има минус од 71 лице, а Делчево од 56 лица за колку што е поголем бројот на починати лица. Крива Паланка има значително полош сооднос од Кратово, а во рамки на толерантен минус (барем условно кажано во источна Македонија) се само Штип и Кочани од кои првиот е во минус од 20 лица на 494 живородени, а вториот е во минус од 30 лица наспрема 350 новородени деца. За жал во Свети Николе нема подобрување и таму минусот лани е 65 лица на 157 новороденчиња. Со негативен природен прираст на истокот и североистокот се уште: Зрновци и Старо Нагоричане каде соодносот е поголем од 2 починати наспроти едно новородено лице, Ранковци и Чешиново – Облешево каде разликата е поблага и помала.

Извор: http://www.mkd.mk/makedonija/belata-chuma-jade-bezmalku-polovina-od-makedonskite-opshtini

Оваа статија е прочитана 5025 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *