Карпатските Планини или регијата на Карпатите ги завзема централните и источните делови на Европа. Поточно овие планини се наоѓаат помеѓу изразити релјефни целини како што се: Моравската Низина, Панонската Низина, Влашката Низина, Висорамнината Бирлад, Шелско – Mалополската Висорамина итн. Регијата има полукружна форма, која во средината се истанчува, а кон краевите се раширува. Регијата достигнува должина од околу 1500 km, а додека нејзината максималната ширина се движи до 300 km. Карпатите се протегаат од Моравската Низина на запад, се до Молдавија на исток, и од Шелско – Малополска Висорамнина на север, па се до Влашката Низина на југ. Денес регијата административно е поделена помеѓу осум држави и тоа на: Чешка Република, Австрија, Словачка, Полска, Унгарија, Украина, Романија и Србија. Најголемиот дел или 53 % од регијата на Карпатите се наоѓа во Романија. Имено, Карпатите се издвојуваат на три главни целини:Западни Карпати или Бескиди (Чешка, Австрија, Словачка и Полска), Источни Карпати (Источна Словачка, Југоисточна Полска, Украина и Романија) и Јужни Карпати (Романија и Србија). Заедно трите целини зафаќаат површина од околу 200.000 km2.
Карпатите се млади венечни планини кои се настанати со Алпската Орогенеза, која на овие простори започнала негде кон крајот на Мезозоик и почетокот на Терциер, и се уште трае. За разлика од сите останати маркантни планински масиви (пр. Алпи, Пиринеи и др.), кои се издигнати со Алпската Орогенеза, Карпатите се одликуваат со средни височини, не повисоки од 2700 метри. Во геолошкиот состав најголемиот дел од карпите потекнуваат од периодот на Горна Креда, па се до Неоген. Постари карпи од Прекамбриум и Палеозоик ретко се среќаваат, карактеристични се само неколку ,,оази“ на Источните Карпати. Во текот на Миоцен доаѓа до значајна вулканска активност. Поголеми изливи на лава се забележува на Словачкото Рудногорје (Западни Карпати), Шумските Карпати (Источни Карпати) и Романските Источни Карпати.
Како што спомнавме во воведниот дел, регијата на Карпатите може да се подели на три целини: Западни Карпати (Бескиди), Источни Карпати (се среќаваат и како Централни Карпати) и Јужните Карпати (Трансилваниски Алпи).
Западните Карпати (Северозападни Карпати) се познати уште како и Бескиди, го завземаат просторот од Моравската Низина на запад, па се до долината на реката Ондава на исток, каде се надоврзуваат на Источните Карпати, додека на север се протегаат од Шелско – Малополската Висорамина, па се до Панонската Низина на југ. Бескидите (Западните Карпати) се составени од низа на планински венци кои најчесто се протегаат во правец исток – запад, а меѓусебно се одвоени со повеќе низински проширувања. Главно се извојуваат два планински лака Надворешени и Внатршни Карпати (Бескиди). Надворениот лак е составен од Белите Карпати, Јаворник и Словaчките Бескиди. Внатрешниот лак се извојува на три планински појаси: Високи Татри, Ниски Татри и Средновисокиот планински појас (Словачко Рудногорје). На Високите Татри се наоѓаат повеќе врвови чија височина надминува 2500 метри, меѓу нив за издвојување е врвот Герлаховски Штит (2.655 m), кој е највисокиот врв на Карпатите.
Источните Карпати (Централни Карпати) се протегаат од подрачјето на долините на реките Ондава (Словачка) и Сан (Полска) на северозапад, се до Влашката Низина на југоисток. На запад се ограничени со Панонската Низина и Трансилванската Висорамнина, а на исток се распостранети се до долините на реките Днестар (Украина) и Серет (Романија). Источните Карпати во Полска, Словачка и Украина ги нарекуваат уште како и Шумски Карпати, а во Романија се познати како Романски Карпати. Поголемиот дел од Источните Карпати се наоѓа на територијата на Романија, тука се застапени повеќе планински појаси, меѓу кои се: Родна (2.305 m), Калимани, Харгита, Вранка инт.
Јужните Карпати (Трансилваниски Алпи), се распостранети помеѓу крупни релјефни целини, како што се: Панонската Низина, Влашката Низина и Трансилванската Висорамнина. Со долините на реките Муреш и Олта, Јужните Карпати се извојуваат на три помаркантни целини, и тоа: Апусенски Планини (Југозападни Карпати или Западни Романски Карпати), Ретезатски Планини (Западни Трансилвански Алпи) и Фагарашки Планини (Источни Трансилвански Алпи). На Фагарашките Планини се наоѓа врвот Молдавеану (2.543 m), кој е највисокиот врв на Романските Карпати (Источни и Јужни Карпати). Инаку со пробивањето на Дунав во Ѓердапската Клисура, останале отсечени ниските североисточни планини во Србија, кои исто така се дел од Јужните Карпати.
Во највисоките делови од регијата на Карпатите климата е планинска, а на пониските падини е преставена со континентални влијанија. Температурите и врнежите на Карпатите најмногу се во корелација со надморската височина и географската широчина, па така на падините на Јужните Карпати просечната годишна температура се движи околу 10 °C, а додека на највисоките делови на Високите Татри изнесува – 2°C. На северните падини на Татрите често се среќаваат над 1800 mm врнежи, а додека на јужните падини на Романските Карпати паѓаат по 600 mm. Снежната покривка трае од три месеци на пониските падини, па се до седум месеци на повисоките делови.
Регијата на Карпатските Планини е богата со реки, најголем дел од нив течат кон Црноморскиот Слив, а додека само еден мал дел истекуваат кон Балтичкото Море. Повеќето реки течат во правец кон југ и кон запад, кон Панонската и Влашката Низина. Главен одводен систем на водите од Карпатите преставува реката Дунав. Поголеми притоки на речниот слив на Дунав се: Тиса, Олта, Серет и Прут. Покрај Дунав, кон Црноморскиот слив тече и реката Днестар, река која ги собира водите од североисточните падини на Источните Карпати. Кон Балтичкото Море, водите од Карпатите истекуваат преку коритата на реките Одра и Висла. Најголемиот дел од реките гравитираат кон реката Висла, река која извира од северните падини на Западните Карпати. Во регијата на Карпатите се среќаваат голем број на глацијални езера. Меѓу нив, најинтересни езера се оние во долината – валовот Букура (Ретезатски Планини – Јужни Карпати), тука се наоѓа и езерото Букура, едно од најголемите глацијални езера на Карпатите. Исто така, доста атрактивно е Штрбското Езеро, кое се наоѓа во подножјето на Високите Татри (Западни Карпати). Особено интересна е појавата на вулканското езеро Свети Ана, кое е формирано во вулкански кратер на планината Стинки (Источни Карпати).
Биодивирзитетот на Карпатите главно е условен од надморската височина и географската широчина. Најголем дел од вегетацијата на Карпатите припаѓа на Централно Европската провинција, но покрај тоа се среќаваат видови од соседните провинции. На Карпатите се застапени повеќе од 1300 растителни видови, од нив 116 се со ендемичен карактер. Регијата на Карпатите е богати со шуми. Шумите најчесто се застапени од 1600 до 1700 m н.в., а над нив се протигаат високопланинските пасишта. Од шумите најмногу се среќаат: буката, смреката, борот, дабот, брезата итн.
Фауната е карактеристична за Централно Европските шуми, претставена е со цицачите: кафеавата мечка, рисот, волкот, црвениот елен, срната, лисицата, дивата козата, дивата свиња инт. Птиците се претставени со орелот, сокол и буфот, а од рибите особено е застапена речната пастрмка.
За заштита на убавините и природната реткост, на Карпатите се формирани и прогласени повеќе национални паркови, од кои најголеми се: Татранскиот Нациолен Парк, Н.П. Големи Фатра, Н.П. Словачки Рај, Н.П. Бук, Ретезатски Н.П., Н.П. Родна инт.
Регијата на Карпатите (Карпатските Планини) и нејзината потесна околина се густо населени. Во регијата живее население од околу 21 милион жители. Значително повеќе се населени Западните Карпати, каде живее население од околу 9,5 милиони жители (Словачка 5,3 мил, Полска 3 мил, Унгарија 900.000 и Чешка 340.000). Нешто помалку се среќава на Источните Карпати, каде живее популација од околу 7,7 милиони жители (Словачка 50.000, Полска 500.000, Украина 3,5 мил. и Романија 3,6 мил.), а додека најмалку населени се Јужните Карпати, на кои се среќаваат околу 4,7 милиони жители (Романија 4,5 мил. и Србија 170.000). Карпатите се населени со повеќе народи, меѓу кои најбројни се Романците, чија популација брои околу 6,5 милиони (Јужни и Источни Карпати). По нив, следат Словаците со околу 4,4 милиони (Западни Карпати и помалку на Источните Карпати), Полјаците со 3,4 милиони (Западни и Источни Карпати), Украинците со 3 мил. (Источни Карпати) и Унгарците со околу 2,5 милиони (Западни, Јужни и Источни Карпати). Од останатите народи застапени се уште Србите (Јужни Карпати), Чесите (Западни Карпати), Моравците (Западни Карпати) и еден мал број на Австрици (Западни Карпати).
Во регијата се среќаваат 26 градски населби со над 50.000 жители, од нив 15 имаат популација повеќе од 100.000 жители. Поголеми градови на просторот на Западните Карпати се: Краков, Братислава, Кошице, Мишколц, Прешов, Жилина, Трнава, Нитра и Бањска Бистрица. Во областа на Источните Карпати најголеми градови се: Ужгород, Мукачево, Ивано – Франкивск, Баја Маре и Тирту Муреш и др. Додека најголеми градови на Јужните Карпати се: Клуж, Брашов, Орадеа, Сибињ, Хунедоара, Вршац, Бор, Неготин итн.
Низ регијата на Карпатите поминуваат три значајни коридори, и тоа коридорот 5, коридорот 6 и коридорот 7. Еден крак на коридорот 5 започнува од Братислава (Словачка) и се движи преку Западните Карпати се до градот Ужгород (Украина), каде се спојува со останатите крака од овој коридор, а од таму се пробива низ Шумските Карпати (Источни Карпати) и продолжува кон Киев (Украина). Коридорот 6, започнува од Гдањск на север и се движи кон југ по територијата на Полска се до градот Катовице, каде се дели на два крака кои на југ поминуваат низ регијата на Карпатите. Првиот крак завршува во градот Жилина, а додека вториот крак поминува низ регијата на Карпатите и продолжува се до градот Брно. Коридорот 7 се движи по реката Дунав, а по него се одвива речен бродски сообраќај. Овој коридор ја засекува регијата на Карпатите на две места и тоа во Братислава и во Ѓердапската Клисура, која всушност е дел од оваа регија. Најзначајни автопати во регијата се: Братислава – Жилина – Прешов – Кошице; Букурешт – Питешти – Сибињ – Темишвар; Букурешт – Плојешти – Брашов – Тиргу Муреш – Клуж – Орадеа. Од железничкиот сообраќај најзначајна раскрсница е градот Ужгород (Украина). Најпрометни аеродроми во регијата се: Краков, Братислава, Кошице, Клуж, Сибињ инт.
На Карпатите солидно е развиен зимскиот и летниот планински туризам. Особено значајни туристички центри на просторот на Словачка се: Татранскиот национален парк со Високите Татри, н.п. Ниски Татри и н.п. Словачкиот Рај. На Високите Татри во голема мера се застапени планинарењето и алпинизмот, а овде најзначајна атракција е врвот Герлаховски Штит (највисокиот врв на Карпатите). Исто така доста атрактивни се Штрбското Езеро и Скалнатското Езеро во близина на Татранска Ломница. Во Полска особено значајни се Високите Татри, на чии падиини атрактивни се: Татранскиот н.п., н.п. Пиенини, Клисурата на реката Дунајец итн. На Романските Карпати особено интересна е областа Трансилванија. Покрај неа доста атрактивни се: н.п. Апусени, Ретезатски национален парк, н.п. Родна, Калимании националниот парк Хасмас со кањонот Биказули. Во Украина позначајни туристички центри се: Буковел, Славске, Верховина и Ворохта.
Покрај планинскиот, во голема мера е развиен и туризмот во градовите, а како најпосетени градови се: Краков во Полска; Братислава, Бањска Бистрица, Кошице и градчето Бардејов (град на УНЕСКО) во Словачка; Сибињ, Клуж, Брашов и Тигру Муреш во Романија. Во Србија доста атрактивна е тврдината Кладово во Ѓердапската Клисура.
Високи Татри – Западни Карпати (Бескиди)
Штрбско Езеро – Татрански Национален Парк
Извори:
1. 1. Панов Н, Талеска М. (2007) Географија на Европа, Скопје
2. 2. www.brasovtravelguide.ro/en/romania/mountains/carpathians
3. 3. www.carpathians.pl/carpathians
4. 4. www.geoliss.mprrpp.gov.rs/
5. 5. www.eoearth.org/article/Carpathian_montane
6. 6. www.romaniatourism.com/the-carpathian-mountains
7. 7. www.summitpost.org/carpathians
8. 8. www.wikipedia.org/wiki/Carpathian_Mountains
1 9. www.wikipedia.org/wiki/Retezat_Mountains
1 10. www.wikipedia.org/wiki/High_Tatras
Подготвил: Дарко Стојчески
Оваа статија е прочитана 16727 пати!