Висорамнината ,,Алтиплано” – една од најголемите, највисоките и најфасцинантните во Светот!

01.05.2020

Андите (Аконкагва, 7035 m) претставуваат планински венец кој се наоѓа долж западниот дел на Јужна Америка. Овој планински венец кој се протега од Венецуела на север (околу 10º с.г.ш.), па сè до јужните делови на Чиле на југ (Патагонија, над 50º ј.г.ш.) е долг над 8000 km, а широк над 800 km. Процесот на настанување на овој планински систем започнал пред околу 180 милиони години со подвлекувањето (субдукција) на плочата Наска (на која лежи Тихион Океан) под Јужно американската плоча.

Практично, Андите се составени од два паралелни венци (западен и источен венец) кои заградуваат висорамнини, на одделни места покриени и со езера како што е Титикака. Тоа е најголемо езеро во Јужна Америка сместено на висорамнината Алтиплано. Западниот венец на Андите во зоната на подвлекување која и денес е активна со силен вулканизам за разлика од источниот венец. Во тој контекст, од многубројните обележја на овој планински систем, во продолжение ќе ги претставиме некои основни карактеристики на висорамнината Алтиплано и вулканот Ликенкабур со истоименото езеро.

Висорамнината Алтиплано се наоѓа во регионот на Централните Анди. Во овој дел, Андите формираат лак во своето протегање, а и помеѓу западниот и иточниот венец се наоѓаат пространи висорамнини. Меѓу нив, најмаркантна е висорамнината Алтиплано-Пуна, која се состои од две зони, односно Алтиплано (кој ги опфаќа дел од Перу и Боливија) и Пуна (која опфаќа дел од Аргентина и Чиле). Оваа висорамнина која во Светски рамки е на второто место по големина (после Тибет), е распослана помеѓу 15º ј.г.ш. и 28º ј.г.ш. во должина од околу 1800 km, а нејзината широчина изнесува од 350 – 400 km. Просторно, ги зафаќа јужните делови на Перу, западна Боливија каде што опфаќа најголем дел и северните делови на Чиле и Аргентина. Оваа висорамнина се протега на околу 4000 m надморска височина, а нејзината најниска точка е дното на езерото Титикака. Бидејќи е во вулканска зона, некои вулкани се издигнуваат од самата висорамнина до над 6000 m надморска височина, како на пример: Паринакота (6348 m), Ампато (6288 m), Гвалјатири (6071 m) и други. На Североисток од висорамнината  е Амазонската дождовна шума, на југоисток е Гран Чако, додека, на запад е пустината Атакама. Алтиплано е карактеристичен по многу обележја, но тука ќе наведеме неколку од нив. Имено, во југозападните предели на Боливија на околу 3700 m н.в. се наоѓа најголемата солна рамнина Салар де Ујуни со наслаги на литиум кој се проценува на 50-70% од светските познати резерви. Пределите на Алтиплано биле дом на повеќе култури меѓу кои и империјата на Инките. Интересно е и тоа што главниот град на Боливија, Ла Паз, е највисок главен град во светот (3640 m).

Вулканот Ликанкабур е активен стратоволукан на Јужноамериканскиот континент, поточно во северниот дел на Чиле, на границата со Боливија, 40 km источно од градот Сан Педро де Атакама. Ликанкабур се наоѓа на 5.916 m надморска височина и има импресивна форма, со стрмни страни. Сместен на границата помеѓу Чиле и Боливија, вулканот е особено привлечем за посетителите од базните кампови (на 4.300 и 4.700 m), а посебно е интересен кога зимно време вулканскиот кратер се претвара во замрзаната лагуна. Младата андезитска лава се протега по западните падини на вулканот, но точната старост на последната вулканска активност е сеуште непозната. Постарите лавични текови се излевале во радиус од 15 km и се покриени со пирокластичен материјал.

Она што го прави значаен овој вулкан е тоа што во рамките на кратерот (широк 400 m) се наоѓа Ликанкабурското Езеро кое со својата височина од 5913 m е највисоко езеро на светот. Истото има димнезии 90×70 m и температура од 6°C. Се претпоставува дека постои најмалку 500 години. Ова езеро е споредливо со Античките езера на планетата Марс, има исклучително сува околина, но сепак во него има жив свет (екстрефофили, планктони и сл). Во поголемиот дел од годината езерото е замрзнато, но поради геотермалното загревање од отворите во кратерот, често се одмрзнува. Погодно е за посета и претставува одличен предизвик за сите љубители на природата. За него се поврзани бројни куриозитети: од тоа дека се наоѓа на најголема надморска височина, на дното на вулкански кратер, во многу суво пустинско подрачје, па до тоа дека изобилува со многу ретки природни феномени на простор со низок атмосферски притисок, мало присуство на кислород и високо UV зрачење. Поради сето наведено, Ликанкабурското Езеро има голем туристички потенцијал и е доста посетено. Ова интересно езеро сеуште е слабо истражено, главно заради тоа што во поголем дел од годината е замрзнато.

Може да заклучиме дека Јужна Америка, сама по себе е прекрасен континент, со атрактивни природни појави и претставува голем авантуристички предизвик за сите љубители и авантуристи кои сакаат да посетат нешто ново и необичаено.

Извори:

  1. Географски Атлас за основно образование (2009), Тримакс Картографија, Скопје;
  2. https://www.livescience.com/27897-andes-mountains.html
  3. file:///C:/DOCUME~1/user/LOCALS~1/Temp/pagination_STOTEN_31792.pdf
  4. https://www.volcanodiscovery.com/licancabur.html
  5. https://www.gigaplaces.com/en/place-licancabur-lake/
  6. https://www.lpi.usra.edu/meetings/lpsc2003/pdf/1393.pdf

Подготвиле: Трајче Лазороски, дипл. географ и Бојана Алексова, студент на наставна географија

Стручна корекција и рецензија: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 4403 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *