Влаина, неправедно „заборавена“ планина!

5.01.2014

Планината Влаина припаѓа во групата на средно високи (1500-2000 м) планини во Република Македонија и се протега долж самата граница со Бугарија. Највисок врв е Кадиица во јужниот дел на планината, со височина од 1932 m. Според височината, Влаина е втора планина во источниот дел на државата, веднаш по Осоговските Планини (2252 m). Сепак, релативната височина од пониските терени (кои се на 800-1000 м) до највисоките планински делови е мала и изнесува околу 1000 метри. Покрај Кадиица, останати поистакнати врвови се: Кадин Бунар (1793 м) на југ, Буковиќ (1723 м) на запад, Занога (1577 м) на север и други. Врвовите како и самото планинско било (долго 15 km) се заоблени, слабо изразени и оголени. Сепак, од нив се протега широк видик кон Делчевската и Беровската котлина на запад, кон Осоговските планини на север, а особено спектакуларен е погледот кон планините Рила и Пирин, како и Благоевградската котлина на исток во Република Бугарија. Површината на планината Влаина во нашата држава изнесува 150,4 км кв., од кои 74% или 111,2 км кв. припаѓаат на општината Пехчево, а останатото на општина Делчево. Планинските падини се стрмни, особено на западната страна, над 1200 м височина, а просечниот наклон изнесува 16,4 степени. Геолошкиот состав на Влаина е претставен со прекамбриумски гнајсеви во крајниот јужен дел, шкрилци пробиени со кварцлатити во средишниот дел и метадијабази, габрови и гранити во северниот дел. Во подножјето на планината се застапени неотпорни плиоцени барско-езерски седименти и делувијални наноси еродирани од падините. На овие наноси се наоѓаат населбите Пехчево, Негрево, Црник и Панчарево. Поради слабата отпорност и влијанието на човекот, наведените седименти се зафатени со силни ерозивни процеси. Инаку, целата планина е богата со рудни и минерални лежишта и јаглен, кој го има особено околу с. Панчарево. Климата на македонската страна на планината е умерено-континентална во подножјето, до постудена планинска во повисоките делови. Просечните годишни температури се движат помеѓу 10 степени во подножјето и 7 степени во највисоките делови, а во тој правец врнежите се зголемуваат од 550 до 700 мм. Инаку, планината Влаина е испресечена со повеќе речни долини и тоа на Пехчевска Река, Желевица и нејзините десни притоки Црничка (Виничка) Река, Панчаревска Река и др. Големиот надолжен пад на реките во планинскиот дел, условил формирање на брзаци, мали водопади и други интересни појави. Планината има многу извори, но со слаба издашност. Дел од нив се студени и пријатни за пиење, поради што се изградени и повеќе чешми. Влаина е средно пошумена планина, а значителен дел е покриен со тревна вегетација, односно пасишта. Поизразити шумски комплекси од бука има над 1000 m височина, особено на северните, северозападните и западните падини. Така, поголем шумски комплекс се јавува во изворишните долински делови на Пехчевска Река, Желевица, Виничка Река, Панчаревска Река и други. Од животински свет има претежно ситен дивеч, зајаци, лисици, волци, потоа разновидни влечуги и птици и сл.

Освен врвот Кадиица, возвишението Буковиќ (кое кај локалното население се смета за посебна планина), меловите кај Пехчево и кај с.Црник и водопадите на притоките на Брегалница (за кои веќе е пишувано на ИГЕО порталот), на падините на Влаина има уште неколку интересни локалитети. Тоа се карпата наречена Вртена Скала и изворот Смрдлива Вода во близина, локалитетот Јудови Ливади, Коњска Пештера кај с. Град, Киселичка Пештера кај с.Киселица и палеонтолошкото наоѓалиште кај с. Стамер.

Вртена Скала е карпест остенок со карактеристичен изглед, висок околу 5 m. Се наоѓа 4 km источно од Пехчево, на десната долинска страна на Пехчевска Река и на јужните падини на Буковиќ. Низ средишниот дел на карпата има отвор широк околу 0,6 m и долг околу 2,5 m. Кај месното население постои верување дека протнувањето низ карпата им помага на мајките кои немаат деца да добијат пород, а на малите деца им помага од несоница и немир. Заради интересот за посета, пристапот до карпата е уреден и обезбеден.

Смрдлива вода (Рѓава чешма) е природен извор кој се наоѓа во непосредна близина на Вртена скала, на 4 km источно од Пехчево. Тоа е постојан извор со значителна издашност. Водата има жолтеникаво-црвенкаста боја, а вкусот е кисело горчлив, најверојатно како резултат што поминува низ разни железни руди со кои обилува Буковик. Се користела, а и денес се користи за лекување на стомачни заболувања.

DSCN0044Коњска Дупка е пештера која се наоѓа кај с.Град, 6 km југоисточно од Делчево. Пештерата е создадена во тријаски варовници, а длабока е околу 50 m. Влезот се наоѓа во стрмните карпи на левата долинска страна на Градска Река и е средно пристапен. Патеката до пештерата е делумно обезбедена. Инаку, пештерата е сиромашна со пештерски накит, меѓутоа пронајдени се археолошки траги од некогашно човечко присуство. Покрај тоа, во неа има доста лилјаци. Од влезот се протега одличен панорамски видик кон долината на Градска Река, кон с.Град и статоците од тврдината над селото. Најчести посетители се локалните жители од овој простор и од Пијанец.

Киселичка пештера се наоѓа кај с.Киселица, североисточно од Делчево. Формирана е во тријаски варовници. Според расположивите податоци, пештерата е долга околу 80 m, а на нејзиниот крај има мало езерце. Се одликува со бројни тесни канали и со повеќе влезови. Сиромашна е со пештерски накит, а од жив свет има голема колонија на лилјаци во внатрешноста. Таа е најголема и најинтересна пештера во овој краен источен дел на Македонија. Пештерата е слабо позната и посетена.

Палеонтолошки локалитет кај с. Стамер стана значаен по пронајдената масовна гробница на плиоцена фауна, која датира од пред 5-10 милиони години. На локалитетот се пронајдени заб од носорог, череп од жирафа, рог од елен и др.

Јудови Ливади се наоѓа на околу 2,5 km источно од Пехчево, во изворишниот дел на потокот Ракавец, лева притока на Негревска Река, на надморска висина од околу 1200 m. На тресетиштата и влажните ливади се развива инсектојадното растение Drosera Rotundifolia. Инсектите се привлечени од црвената боја на растението и светлечките капки желатинозна материја која ја излачува. Понатаму со помош на своите ензими ги разложува прилепените инсекти, користејќи ги од нив хранливите материи кои му недостасуваат. Овој локалитет е единствено наоѓалиште на овој растителен вид на територијата на Република Македонија.

Од наведеното произлегува дека Влаина е доста интересна планина, со 10-тина интересни природни локалитети и голем број културно-историски знаменитости. Оваа планина често неправедно е запоставена на туристичките рути, делумно можеби заради слабата инфраструктура. Сепак, нејзината питомост, прекрасните видици и панорами, разновидноста на планината, уникатните климатски одлики на судирот на повеќе влијанија и големата содржина на кислород, густите шуми во одредени делови и слично се доволен мотив да се посети оваа планина.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 12836 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *