Впечатоци од состанокот на COST акцијата HARMONIA во Рејкјавик

На 21 и 22 мај, 2024 година, во Рејкјавик, главниот град на Исланд, се одржа годишниот состанок на управувачкиот комитет на COST акцијата „HARMONIA“, чија главна цел е да воспостави мрежа на соработка во која ќе има претставници на институции, производители на инструменти, научни и комерцијални крајни корисници. Се очекува главната придобивка од „HARMONIA“ да биде подобрување и воедначување на мерењата на аеросолите во атмосферата, како и подобрување на практичните аспекти и сознанија од тие мерења. Инаку, аеросолите се ситни честички или капки кои лебдат во атмосферскиот воздух и играат важна улога во различни природни и антропогени процеси. Аеросолите можат да потекнуваат од различни извори, како на пример: честички од почва и песок, кои ветерот ги носи во воздухот; пепел и гасови кои се ослободуваат при вулкански ерупции; мали капки солена вода кои настануваат од бранови и пенење на морето; полен, спори, бактерии и други биолошки материјали. Претходните се главно т.н. природни аеросоли, но во последно време се повеќе се застапени вештачките, како: честички и гасови кои настануваат од фабрики и индустриски процеси; ситни честички кои се ослободуваат при согорување на фосилни горива; прашина и други честички кои настануваат при градежни и рударски активности; производи како спрејови за чистење, лак за коса и други кои ослободуваат ситни капки во воздухот и др. Аеросолите имаат значително влијание врз здравјето на луѓето и околината. Тие можат да предизвикаат респираторни и кардиоваскуларни заболувања, особено кај осетливите групи како деца и постари лица. Покрај тоа, аеросолите имаат улога во климатските промени бидејќи можат да рефлектираат или апсорбираат сончева светлина, што влијае врз температурата на Земјата.

Без оглед на големото влијание, на аеросолите сеуште не се посветува големо внимание, што е и една од задачите на HARMONIA. Во оваа COST акција учествуваат претставници од речиси сите Европски држави. Од досегашните активности и состаноци, се увиде дека високоразвиените држави вложуваат навистина огромни средства (милијарди евра) во мерни инструменти, сателити, опсерватории и истражувања на аеросолите. За разлика од нив, посиромашните држави како Македонија, единствено можат да придонесат со истражување и користење на слободно достапни продукти (модели, сателитски снимки и сл.) за различни практични цели.

На состанокот во Рејкјавик, беа претставени 15-тина истражувања. Најпрвин, на присутните им се обрати ректорот на Земјоделскиот универзитет на Исланд (каде всушност и се одржа состанокот), кој накратко го претстави самиот универзитет и неговите активности. Потоа беше презентирана Исландската метеоролошка служба и нејзините истражувања во делот на аеросолите. Понатаму следеа презентации од повеќе учесници за најновите сознанија во истражувањата на аеросолите, опремата и сателитите кои се користат, базите на податоци и сл. На крај, се одржаа состаноци по работни групи за да се дефинираат натамошните активности.

Од состанокот на националните претставници на HARMONIA, одржан на Земјоделскиот Универзитет во Рејкјавик

Мојот престој на Исланд, покрај разгледувањето на главниот град Рејкјавик, беше надополнет со еднодневна теренска екскурзија по т.н. Златен круг (Golden Circle), со посета на извонредните вулкански предели во западниот дел на островот. Меѓу нив, особен впечаток ми оставија младиот кратер Керид со кратерското езеро во него, потоа гејзерската област Гејзир (или Гејзер), извонредниот водопад Гулфос и Националниот парк Тингвелир. Сите наведени појави се уникатни, па не е ни чудно што секојдневно ги посетуваат илјадници туристи од сите страни на светот.

Дел од Националниот парк Тингвелир западно од Рејкјавик, особено познат по пукнатината долж која се раздвојуваат двете големи континентални плочи: Европската (т.е. Евроазиската) и Северноамериканската. Според мерењата, тоа раздвојување е околу 1,5-2 см годишно.

 

Водопадот Гулфос, вкупно висок 32 метри. Обично има мошне голема количина на вода, или околу 200 метри кубни годишно.

Впечатливо е што туризмот на Исланд (како впрочем и целата држава) е мошне развиен во секој поглед: инфраструктурно, сообраќајно, организациски, технички и сл. Впрочем, овој остров (кој на прв поглед наликува на негостопримлива, ретко населена, студена и каменлива пустина), економски, технолошки, образовно, научно и во секој поглед е многукратно поразвиен од Македонија. Тоа ја покажува вековната упорност на Исланѓаните да извлечат максимум од природата таква сурова каква што е, воедно почитувајќи ја и чувајќи ја до крајни можни граници. Секако, во тој процес образованието и науката секогаш биле врвен приоритет, а така е и денес.

Автор: проф. д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 74 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *