05.11.2017
Градот Рејкјавик се наоѓа на островот Исланд и претставува еден од најинтересните, највпечатливите и најпосетените градови во “Земјата на мразот и лавата“. Градот е сместен во заливот Факсафлои, кој се наоѓа во југозападниот дел на островот. Името на градот Рејкјавик всушност е произлезено од неговата местоположба, залив во чија близина има термални извори кои испаруваат т.е. “чадат“, оттаму зборот Рејкјавик во превод значи “Залив на чадот“. Рејкјавик се наоѓа на 64° северно од екваторот и по својата географска широчина е најсеверниот главен град на планетата Земја. Во контекст на тоа, Рејкјавик е лоциран во близина на артичкиот поларан круг, каде што временските одлики се изразени со големи крајности. За време на најкраткиот ден во текот на зимата, денот во Рејкјавик трае само 4 часа, а ноќта 20 часа. Обратно е во текот на летото за време на најкратката ноќ. Климатските карактеристики, се условени од влијанието на Атланскиот Океан и Голфската морска струја. Рејкјавик, иако се наоѓа во близина на северниот поларен круг, нема студени и сурови зими, главно се чувствува влијанието на Голфската струја која ги затоплува овие предели, притоа зимските температури во просек се движат од – 1,8 ⁰C во декември до – 2,4 ⁰C во јануари и февруари. Најниската температура во Рејкјавик е измерена на 30.01.1971 година, а истата изнесувала – 19,7 ⁰C. Летата се свежи без појава на високи температури, просечните летни температури се движат од 12,4 ⁰C во јуни и 14,2 ⁰C во јули. Инаку, рекордно највисоката температура во градот е забележана во текот на 2008 година, а истата достигнала температура од 25,7 ⁰C. Врнежите се среќаваат во текот на целата година. Рејкјавик во просек има по 148 врнежливи дена. Врнежите се најизразени во текот на зимата, а помалку се среќаваат во текот на пролетта. За Рејкјавик постојат записи кои тврдат дека градот е основан во 870 година, кога всушност била создадена првата населба на островот Исланд. Потоа се губи трага на овој град. Во текот на 18 век, на истата локација повторно е изграден нов град, кој главно претставува трговско – пристанишен центар. По осамостојувањето на Исланд од Данска на 1 декември 1918 година, Рејкјавик станува главен град на Исланд.
Имено, во почетокот на 19 век, градот Рејкјавик имал околу 600 жители, а еден век подоцна населението на градот се зголемило на 6.300. Во периодот по Втората Светска Војна, Рејкјавик започнува нагло да се развива и шири, притоа во 1950 година има околу 55.000 жители, а во почетокот 2000 година истиот двојно се зголемува и има население од 110.000 жители. Денес (2017 год.), во градот и неговата потесна околина живее население од околу 123.000 жители или речиси 1/3 од населението на Исланд. Рејкјавик покрај тоа што е главен град преставува индустриско – градежен, трговско – економски, културно – образовен и сообраќајно – туристички центар на островот Исланд. Архитектурата на градот Рејкјавик главно е претставена со традиционалните скандинавски и швајцарски тип на градба. Швајцарскиот тип на градби својата експанзија ја доживува во текот на 19 век, а истиот е претставен со ниски дрвени куќи, обоени во најразлични бои, сина, жолта, црвена и сл. Покрај овој тип, во градот се среќаваат градби изградени од камен, како што е Рејкјавската градска црква. Денес во градот Рејкјавик се повеќе се забележува плански изграден простор со планско градени објекти, на кои доминира модерниот стил на градба.
Во поглед на животната средина, Рејкјавик е еден од најеколошките градови во светот. За Рејкјавик важат епитетите град кој секогаш има чист воздух, град без оџаци и град кој чади, но не загадува. Најголем дел од домаќинствата во градот се затоплуваат со користење на геотермалната енеригија т.е. користење на топлата вода од гејзерите и термалните извори. Всушност самата Исландска држава максимално го има искористено овој природен ресурс. Геотермалната енергија покрај тоа што се користи за производство на електрична енергија и загревање на домаќинствата, се користи и во земјоделството за загревање на стаклениците и оранжериите. Најатрактивни и најрепрезентативни знаменитости на градот Рејкјавик се: црквата – Халгримс (највисоката градба во Рејкјавик), споменикот на Лаиф Ериксон, музејот Перлан (мулти – функционален музеј), концертната сала – Харпа, Спа – центарот „Blue Lagoon“ (Сина Лагуна) и др. Секако дека најголем интерес на туристите кои доаѓаат во Исланд и Рејкјавик им предизвикуваат многуте атрактивни и фасцинантни гејзери (1), водопади и вулкани (2, 3). Во 2016 година, Рејкјавик и Исланд го посетиле околу 1,7 милиони туристи. Најголем дел од туристите доаѓаат од: САД, Велика Британија, Германија, Франција, Канада инт. За крај ќе наведам уште еден особено интересен факт, градот Рејкјавик е збратимен со нашиот македонски град Струмица.
Рејкјавик
Спа центар – Сина Лагуна
Извори:
http://blog.icelanddesign.is/reykjavik-design-guide/
https://www.getyourguide.com/
http://icelandmonitor.mbl.is/news/nature_and_travel/2016/09/21/tourism_to_bring_in_10_prosent_of_iceland_s_gdp_in_/
href=”http://icelandreview.com/news/2013/01/04/reykjaviks-sister-cities”>http://icelandreview.com/news/2013/01/04/reykjaviks-sister-cities
http://www.visitreykjavik.is/
href=”https://en.wiktionary.org/wiki/Reykjav%C3%ADk”>https://en.wiktionary.org/wiki/Reykjav%C3%ADk
https://en.wikipedia.org/wiki/Reykjav%C3%ADk
Автор: Дарко Стојчески, дипломиран географ
Оваа статија е прочитана 10652 пати!