Западна туристичка магистрала

14.06.2017

За нашата држава, Република Македонија, може слободно да се каже дека претставува простор каде речиси секој дел од нејзината природа содржи или има посебна впечатливост и привлечност. Па така, во оваа статија ќе се обидеме да опишеме еден дел од тоа, односно во продолжение ќе стане збор за една сообраќајница која се вбројува во категоријата на една од најинтересните од туристичка гледна точка, а тоа е сообраќајницата или патниот правец Скопје-Маврово-Струга (долг 205 km), односно ,,Западната туристичка магистрала‘‘.

Западната туристичка магистрала својот назив го добила бидејќи таа поминува низ едни од најинтересните делови, од многуте што ги има нашата Македонија, каде што се испреплетуваат котлини (Полошката, Мавровската, Дебарската и Охридско-струшката), планини (Жеден, Шар Планина, Сува Гора, Бистра, Кораб со Дешат и Крчин, Стогово, Караорман и Јабланица), познати зимско-спортски локалитети (Попова Шапка и Бистра), вештачки езера (Мавровско, Дебарско и Глобочичко), реки и долини (Вардар, долината на Радика со истоимената река и долината на Црн Дрим со истоимената река), клисури (Барич, Дримколската), бањи (Дебарските бањи Косоврасти и Бањиште), важни културни и историски споменици и предели и простори со извонредни високо амбиентални и пејзажни вредности кои нудат многубројни и разни услови за туризам.

Западната туристичка магистрала започнува од Скопската Котлина и продолжува во западен правец по магистралниот пат А2. Движејќи се попатно низ преграбенска долина, каде што од десна страна се наоѓа планината Жеден (Голем Жеден, 1259 m), а од лево Мал Жеден, патот полека благо се

Титов Врв (2748 m)

спушта кон плодната Полошка Котлина и градот Тетово и околните населби. Тоа е простор со неколку значајни духовни, историски и културни обележја.

Веднаш над него или во неговата височина се наоѓа Шар Планина (Титов Врв, 2748 m), а на падините на оваа наша ,,снежна убавица‘‘, пак, на 1780 m се наоѓа и зимско-туристичко-рекреативниот локалитет ,,Попова Шапка‘‘ каде што во зимскиот период е погодно за скијање, а потоплиот период, кога природата цвета со својот сјај, планината е особено погодна за одмор и планинарење бидејќи содржи многубројни и разновидни предели, пејзажи и видици кон околниот и подалечен простор, извори, планински езера, водопади и слично.

Покрај градот Тетово, Западната туристичка магистрала продолжува понатаму низ Полошката Котлина. Така, од нејзината десна страна е Шар Планина, а од лево планината Сува Гора (Дупен Камен, 1857 m). Напред, од левата страна се отвора градот Гостивар, а веднаш недалеку од него од десната страна се издвојува патот за Вруток. Местото каде што се наоѓа изворот на нашата најголема и најдолга река – Вардар.

Поглед кон Полог и градот Гостивар при не многу поволни временски услови

Заминувајќи го градот Гостивар, патот продолжува и се искачува нагоре сѐ до раскрсницата каде што истиот се одвојува од магистралниот пат А2 и Западната туристичка магистрала продолжува по регионалниот пат Р1202 кон Националниот Парк ,,Маврово‘‘, потоа највисоката котлина во Македонија, односно Мавровската Котлина (1195 m) која, пак, сега претставува вештачка акумулација, односно Мавровското Езеро, Маврови Анови па по регионалниот пат Р2235 до Маврово. Патем, од издвојувањето од магистралниот пат А2 па сѐ до влезот на Националниот Парк, попатно се наоѓаат неколку точки, кои пак доколку временските услови се поволни, овозможуваат мошне добар поглед кон Горен Полог и градот Гостивар со планината Сува Гора во позадина.

Националниот Парк, Мавровското Езеро, Маврово, Никифорово, Леуново и планината Бистра (Меденица, 2163 m) претставуваат простор богат со неизмерна природна убавина и вредност кој е мошне погоден за одмор, пашачење, заздравување, планинарење, велосипедизам и слично во потоплиот период кога природата е жива и цвета во целиот свој сјај, а зимскиот период е погоден за скијање и зимските спортови на зимско-спортскиот локалитет ,,Заре Лазарески‘‘ кој се наоѓа на 1270 m н.в.

Недалеку од Маврово е и селото Галичник, меѓу другото, посебно познато по својата Галичка свадба која се одржува на 12-ти јули на празникот Петровден.

Западната туристичка магистрала потоа продолжува понатаму покрај Мавровска Река, па така десно се ограноците на Шар Планина, а лево планината Бистра кои следат сѐ до почетокот на долината на реката Радика. Патот потоа поминува по една од најживописните и највпечатливите долини, а тоа е кањонската долина на бисерот на македонските реки, односно реката Радика. Оваа река кањонот го градела мошне долг период, при тоа, пробивајќи се помеѓу планинските страни на Кораб (Голем Кораб, 2753 m) со Дешат (Веливар, 2373 m) и Крчин (Голем Крчин, 2341 m) во продолжение на запад, додека Бистра (Меденица, 2163 m) и Стогово (Голем Рид, 2268 m) на исток кои, пак, го следат патот од десната и левата страна сѐ до градот Дебар, но истовремено се мошне добар предизвик за љубителите на планинарењето. Попатно, од десната страна, недалеку од селото Ростуше се Дуфскиот кањон и водопадот Дуф, додека од левата страна се наоѓа манастирот Св. Јован Бигорски, а исто така од двете страни, десно, односно лево се издвојуваат патишта кои водат кон населбите од Мијачијата, односно Реканскиот крај. Овие простори се препознатливи по повеќе обележја меѓу кои се: копаничарството (резбарството) особено познато по резбарите од селата Гари и Тресонче чии многубројни ремек-дела (пример, во манастирот Св. Јован Бигорски) се карактеризираат со висок уметнички квалитет и достигнуваат високи уметнички и културни дострели не само во нашето туку и во поширокото светско резбарско сликарство, потоа народната и впечатлива градба и архитектура на куќите во Галичник, Битуше, Јанче, Лазарополе, Гари (во чија близина се наоѓа впечатливиот мост ,,Елен Скок‘‘) и други, фолклорот и носиите од овие простори и населби, значајните духовни светилишта и сл.

Поглед кон Дебарско Езеро

На местото каде патот се одвојува кон Реканскиот крај завршува Националниот Парк ,,Маврово‘‘, а напред се издига планината Стогово. Понатаму, попатно, од десната страна се Дебарските бањи, односно бањите ,,Косоврасти‘‘ и ,,Бањиште‘‘ која се наоѓа недалеку од градот Дебар, а кои, пак, се карактеризираат со извонредна лековитост на нивните термо-минерални води, додека напред се отвора Дебарското Езеро. Од левата страна, пак, најпрво е патот кој оди кон населбите од Жупа, а потоа продолжувајќи кон градот Дебар, на брегот на Дебарското Езеро, во селото Рајчица се наоѓа и манастирот ,,Св. Ѓорѓи Победоносец‘‘. Потоа, патот води кон градот Дебар и вештачката акумулација, односно Дебарското Езеро.

Западната туристичка магистрала продолжува по регионалниот пат Р1201 Дебар-Струга, покрај Дебарското Езеро, каде што попатно постојат неколку места кои овозможуваат мошне добар поглед кон ова езеро.

Движејќи се во тој правец, на исток е планината Стогово (Голем Рид, 2268 m), а во нејзино продолжение планината Караорман (Орлов Камен, 1795 m) која се простира сѐ до Струшко Поле.

Долината на Црн Дрим и езерото Глобочица

Заминувајќи го Дебарското Езеро, патот води низ долината на реката Црн Дрим и Дримколската Клисура. Така, лево или на исток е пределот Малесија со неговите населби и вештачката акумулација Глобочица, а десно, односно на запад се живописните дримколски населби и планината Јабланица (Црн Камен, 2257 m) која се простира до крајот на Западната туристичка магистрала. По заминувањето на Глобочичко Езеро, Западната туристичка магистрала навлегува во Охридско-струшката Котлина.

Попатно, кај местото ,,Суво Поле‘‘ патот се издвојува кон посебното своевидно привлечно и познато Вевчани со својата природа, архитектура, духовна и материјална култура, фолклор и традиција, Вевчанските Извори и друго, а во неговата височина, пак, источната страна на прекрасната планина Јабланица (Црн Камен, 2257 m) која претставува вистинско уживање за сите добронамерници и љубители на природната убавина.

Покрај Вевчани, патот продолжува низ Струшко Поле и дел од неговите населби кон градот на поезијата, односно Струга. Овој град е познат по туризмот особено во летниот период, по Струшките вечери на поезијата, по крајбрежјето на Охридското Езеро и плажите, по реката Црн Дрим и по други историски, духовни и културни споменици.

Поглед кон Охридско-струшката Котлина, Охридското Езеро и планината Галичица

Тука завршува Западната туристичка магистрала, но патот води и кон градот кој претставува голема своевидна духовна и културна ризница, односно нашето најпознато туристичко место – Охрид.

Исто така, заедничка карактеристика на сите овие места, покрај природните убавини, духовните, културните, амбиенталните, фолклорните, музичките, историските и сите други вредности, е и вкусната храна која е застапена во многубројните угостителски објекти во Тетово и околината, Гостивар и Вруток, Мавровскиот регион, Мијачијата и Реканскиот крај, Дебар, Вевчани, Струга и Радожда и други.

Истовремено, со оглед на природно-географските, сообраќајните и други услови или фактори на пределите низ кои минува Западната туристичка магистрала истата е најпривлечна и најпрепорачлива во потоплите пролетни денови, топлиот, односно летниот период и убавите есенски денови, додека во зимскиот период најпривлечни се зимско-туристичко-рекреативните локалитети.

Ова претставува само дел од многубројните карактеристики за просторот низ кој минува Западната туристичка магистрала и за кои може уште многи на долго и на широко да се пишува, раскажува и претставува. Воедно, истите се неисцрпен извор на повторен и повторен восхит и убавина, спокојство и мир и енергија кои ги полнат душите и го заздравуваат духот на сите добронамерници.

Литература:

  1. АППТРМ (2015): Позначајни манастири во Република Македонија, Туристички водич до манастирите во Република Македонија. Агенција за поддршка и промоција на туризмот на Република Македонија, Графички Центар-Скопје, Скопје;
  2. Будиноски М. (1984): Туристички локалитети на планината Јабланица, нивна валоризација и денешна состојба на туризмот, Гeогр. Разг. Книга 21-22, стр.: 131-145, Скопје;
  3. Колчаковски Д. (2006): Физичка географија на Република Македонија, Високошколски учебник, стр.: 1-273, Скопје;
  4. Карта на Република Македонија (2009), 1:500 000. Тримакс Картографија, Скопје;
  5. Павловски Ѓ. (1994): Татковино – Убавино, Геогр. Чит. за VIII одделение, Просветно Дело, стр.: 1-53, Скопје;
  6. Панов Н., Штетиќ С. (2008): Туристичка географија, Селектор, стр.: 1-174, Скопје;
  7. Патна Карта на Република Македонија, 1:300 000, Тримакс Картографија, Скопје;

 Интернет страни:

  1. http://www.igeografija.mk/Portal/
  2. npmavrovo.org.mk

Фотографии: Лазороски Т. (фото. 2,3,4 и 5), Стојчески Д. (фото. 1)

Подготвил: Трајче Лазороски, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 12230 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *