26.02.2012
Во зимскиот период од годината, особено во месеците февруари и март, во долината на реката Радика има чести појави на лавини. Тие најмногу се јавуваат од Торбешки Мост, па низводно се до Бошков Мост кај с. Скудриње. Бидејќи на одреден дел (во должина од 25 км) овде поминува регионалниот пат Маврово-Дебар, токму овој пат е често на „удар“ на лавините, предизвикувајќи прекини на сообраќајот, оштетувања на патот и предизвикувајќи опасности по животот на луѓето. За тоа колку опасни може да бидат лавините во долината на Радика говори трагедијата од февруари 1956 година, кога кај с. Стрезимир од огромна лавина загинале 52 лица, работници на ХС Маврово. Тоа е најголема трагедија предизвикана од лавини не само во Македонија туку и пошироко.
Се поставува прашање зошто лавините се толку честа појава во долината на Радика и зошто предизвикуваат толку проблеми на наведениот патен правец Маврово-Дебар.
Лавините како природна појава, претставуваат релативно ненадејно откинување и сурнување на големи снежни маси низ стрмните планински падини. Постојат различни типови на лавини во зависност од начинот на настанување, материјалот што го носат (само снег; снег со карпи, земјиште и дрвја; земјиште со парчиња карпи и помалку снег и сл.), морфологијата, големината и други карактеристики. Меѓу основните предуслови за формирање на лавина е можност за натрупување на поголемо количество на снег и постоење на стрмен терен кој ќе услови откинување на снежната маса и нејзино забрзано движење надолу. Двата услова се извонредно поволни во долината на Радика од месноста Торбешки Мост па се до Бошков Мост. Имено, овде реката Радика е многу длабоко всечена помеѓу Корабскиот масив од западната и планината Бистра од источната страна. Особено стрмна (во вид на кањон) е долинската страна кон планината Бистра, долж која главно минува регионалниот пат Маврово-Дебар и по која се сурнуваат најголем дел од лавините. Така, малку посеверно од манастирот „Св. Јован Бигорски“, долинските страни стрмно се искачуваат до врвот Карбула (2148 м) на Бистра, достигнувајќи височина од 1400 м и наклон над 50 степени! Втората поволност е големото количество на снежни врнежи во овој простор. Всушност, ова е најврнежливото подрачје во Македонија со околу 1000-1400 мм годишно, значително повеќе во однос на останатите простори (просекот за целата држава е околу 600-700 мм). Поради големата височина на теренот од 700 до над 2000 метри, во зимскиот дел од годината врнежите се во вид на снег, а поволните експозиции пак, условуваат негово значително натрупување. Значи во зимскиот период, особено во месеците јануари и февруари, западните, стрмни падини на Бистра кон долината на Радика се натрупани со големи навеви на снег, а локалниот ветер кој дува во правец север-југ (по долината на Радика), некаде ги прави овие навеви уште поизразени. Кон крајот на зимата и почетокот на пролетта, може да се јават и т.н. лавини-свлечишта, кога лавината од повисоките делови, предизвикува свлечиште во пониските делови. Тогаш, покрај снег, таа носи многу земјиште и неотпорни, раскршени карпи, кои поради влагата од стопениот снег или од дожд, лесно се слизнуваат. Вакви лавини на овој простор беа доста чести во 2010 година.
Условите за непосредно активирање на лавина се јавуваат кога снежните маси ќе ја изгубат својата кохезија и поради тежината и стрмниот терен ќе јурнат низ падините на Бистра кон долинското дно на Радика. Обично најчести причини за тоа се напукнување на снежната маса и губење на компактноста на снегот поради преголема навеаност и тежина, потоа поради општо затоплување на времето со врнежи од дожд или поради повисоките температури кон подножјето на планината (често по долината на Радика има продори на потопол воздух од правец на Дебар), потоа поради замрзнување на површинските снежни слоеви кои стануваат потешки и нестабилни во однос на подлабоките и бројни други причини. Во овој простор одредено влијание врз појавата на лавините има и човекот преку големите засеци на патот (патиштата), потоа преку сеча на шумите на несоодветни места погодни за формирање или транзит на лавини и слично.
Лавините во долината на Радика, најчесто се формираат на височина од 1500 до 1900 м. Кога еднаш ќе се активира лавината, поради стрмниот наклон таа се движи до самото подножје, односно запира на зарамнината на регионалниот пат или на долинското дно на Радика. Доколку е студен, снежен период (обично јануари-почеток на февруари), а лавината се движи по лавински коридор, таа носи повеќе снег, а помалку земјиште и карпи. Обратно е доколку лавината е голема и поминува преку шумски подрачја, зафаќајки стебла, гранки, земјиште, камења и слично или пак ако се создаде мешавина од снег, кал и камења (обично во февруари-март, поретко април). Вакви поголеми лавини кои воедно имаат елементи на свлечиште или одрон се извонредно опасни и тешки за санација.
Бидејќи долината на Радика на потегот влив на Мавровска Река – Бошков Мост е карактеристична по појава на лавини кои обично ги има неколку десетици годишно, неопходно е да се преземат соодветни превентивни и заштитни мерки кои главно се доста скапи и сложени. Дел од тие мерки се давање на предупредувања за можна опасност од лавини, располагање со соодветна механизација за брзо расчистување на лавините, многу внимателно вештачко предизвикување лавини, потоа преземање на градежнотехнички и биотехнички мерки во извориштата на лавините и попречно во коридорите и слично. Меѓу посигурни, но релативно скапи мерки се изградба на специјални тунели и „настрешници“ долж ризичните потези на патиштата, или поместување на коловозните ленти доколку е тоа поисплатливо и посигурно.
Во моментот, единствена сигурна мерка е внимателно движење по патот Маврово – Дебар во месеците јануари-март, без задржување надвор од возилата, држење на поголемо растојание помеѓу возилата (барем 20-30 м), избегнување на ноќно и попладневно возење (теренот има западна експозиција и во попладневните часови може да се подобрат термичките услови за појава на лавина) и за секој случај, носење на топла облека и опрема.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 5667 пати!