ИГЕО-поратлот ја надмина бројката од 10000 посетители и 60000 посети!

27.02.2012

За неполни 4 месеци од своето појавување на 11 ноември 2011 година, првиот географски портал во Република Македонија – ИГЕО портал, постигна навистина висока посетеност. Имено, вкупната бројка на посетители надмина 10.000, додека вкупниот број на посети е речиси 60.000. Во овие стотина дена, објавени се точно 120 статии од разни области блиски со географијата, потоа со активностите на студентите географи, статии поврзани со одредени наставно-научни проблеми и слично. Големата посетеност укажува на потребата од јавна достапност на интересни, недоволно познати географски содржини како за нашата држава, така и пошироко. Всушност и главната заложба на порталот не е да се објават што поголем број на статии како бројка, туку да се презентираат колку е можно поверодостојни, научно поткрепени и проверени информации, без желба или потреба за сензационализам, претерувања или популаризам. Во таа смисла, голем дел од статиите се оригинално замислени и напишани од страна на авторите, водејќи сметка за почитување на авторските права и наведување на изворите на податоци доколку се користени. Чест ни е што бројни статии се преземаат од познатите интернет портали во Република Македонија (како fakulteti.mk а преку тоа и time.mk), но и во дијаспората, со особен интерес кон содржините поврзани со малку познатите природни убавини на нашата држава. Воедно, содржините од порталот стануваат се поинтересни и за учениците во основните и средните училишта (особено по предметот географија), но и на сите кои ја сакаат географијата, како една од најинтересните области на науката.

Инаку, 120-те досега објавени статии се подготвени од повеќе професори, асистенти, наставници и студенти на Институтот за географија, меѓу кои: д-р Ивица Милевски (61 статија), д-р Билјана Апостоловска-Тошевска (7 статии), д-р Благоја Маркоски (4 статии), д-р Дејан Илиев (2 статии), м-р Свемир Горин (2 статии). Особено е голем придонесот на неодамна дипломираните географи и студентите од географското истражувачко друштво Природник и тоа: Глигорије Џилвиџиев (11 статии), Ивица Маџевиќ (7), Дарко Стојчевски (7), Анита Тодорова (5), Александар Кирковски (3) и други.
Во идниот период ќе ни биде особена чест доколку уште поголем број други колеги, студенти и автори објават свои интересни статии на порталот, се со цел за поголемо ширење на географската „култура“ во Македонија и подобро запознавање на широката јавност со географските содржини.
Инаку, набрзо ќе следат повеќе новини поврзани со организацијата, дизајнот и содржините на ИГЕО порталот, со што сметаме дека истиот ќе привлече уште поголемо внимание. Воедно, бидејќи целото функционирање на порталот е на волонтерска основа, ги замолуваме сите оние кои што имаат можност и желба да помогнат во нашата работа на каков и да е начин – преку совети, предлози, па до поставување на банери во рекламните полиња.

ИГЕО-портал

Оваа статија е прочитана 5109 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *