Колку езера има во Република Македонија?

11.01.2012

Кога ќе прашате некого колку езера има во Република Македонија, може да очекувате најразлични одговори: некој ќе каже само 3 мислејќи на големите котлински езера, друг пак ќе спомене бројка од 10-тина заедно со познатите вештачки езера или може да чуете 50, 60 или 80 езера.  Сепак, бројката е многу поголема, но точната можеби никогаш нема да биде прецизирана од едноставна причина што нема јасно разграничување меѓу езеро од една страна и локва, вир и слични мали водени басенчиња од друга страна. Во светотската литература како долна граница за тоа што треба да се смета за езеро се наведува водена површина од 1 па до дури над 40 хектари! Кај нас, во одредени случаи (пештерски, глацијални или други езера) како граница се земаат и многу помали вредности од околу 0,01 хектари што одговара на површина со димензии од 10х10 м.
Дури и според овие ниски гранични вредности за езера, бројот на езерата во Република Македонија не е многу голем, но се за­ста­пени речиси сите видови на природни езера и околу 120 вештачки езера. Особено значење за нашата држава имаат трите тектонски природни езера: Охрид­ското, Преспанското и Дојранското. Тие ги исполнуваат најниските делови во истоимените котлини. Од нив најголемо, најубаво и најатрактивно е Охридското Езеро, кое уште се нарекува бисер на Балканот. Сместено е во југозападниот дел на Македонија, помеѓу висо­ките планини Јабланица и Мокра Планина од западната и Галичица од источната страна, на надморска височина од 695 м. Поголема површина на езерото (230 км кв.), лежи во Македо­нија, а помал дел (119 км кв.) припаѓа на територијата на соседна Албанија. Има елипсеста форма со должина во правец север-југ од 30 км, широчината (во правец исток-запад) му е 14 км, а должината на брегот е 86 км. Охридското Езеро е меѓу најдлабоките (286 м) и нај­провидните езера (22 м) во Европа, со прекрасна синкасто-зелена боја на водата. Голе­мото количество на вода во езерото, влијае врз климата во овој простор, а севе­рниот и јужниот ветер условуваат движење на езерската вода и појава на бранови високи до 2 м. Заради севкупната убавина на езерото, бројните заливи, полуострови, убавината на окол­ните планини кои стрмо се издигаат над езерото, постоењето на преку 140 видови енде­мични животни и др., Охридското Езеро е внесено во листата на при­род­ните реткости на УНЕСКО. Споменатите одлики, но и бројните археолошки локалитети, 365 цркви и мана­сти­ри во областа, се причина Охридското Езеро годишно да го посетуваат стотици ил­јади домашни и странски туристи.

Преспанското Езеро е на исток од Охридското, помеѓу планините Галичица на запад и Пелистер на исток, на надморска височина од 853 m. Езерото кое има вкупна површина од 275 км кв. го делат 3 држави: Македонија (177 км кв.), Албанија (50 км кв.) и Грција (48 км кв.). За разлика од Охридското Езеро кое е со елипсест облик, Преспанското Езеро има непра­вил­на форма и е издолжено во правец север-југ од 29 км, а широчината му достигнува 17 км. Нај­големата длабочина е 54 м. Преспанското Езеро е интересно по разгранетоста на брегот со за­ливи, полуострови, песочни плажи и еден мал остров кој се вика Голем Град. Овој остров е познат по остатоците од стара населба и по разновидниот растителен и живо­тин­ски свет. Островот го населуваат голем број на змии. Исто така, мно­гу интересна појава е тоа што водата од Преспанското Езеро преку подземни канали низ пла­ни­на­та Галичица истекува кон пониското Охридско Езеро, во вид на повеќе силни извори. Се­вер­ниот дел на езерото е богат со вегетација и со разни видови на птици, заради што е про­гласен за природен резерват („Езерани“). Прекрасниот пејсаж, речиси недопрената природа, при­јатната клима и чис­ти­от „лековит“ воздух се причина во последно време Преспанското Езеро да привлекува сè по­ве­ќе туристи.

Дојранското Езеро е најмало од тектонските езера, со површина од само 43 км кв., од што на Македонија и припаѓаат 2/3, а на Грција 1/3. Тоа е најниско природно езеро во наш­ата татковина кое лежи на 148 м н.в. Има елипсеста-речиси кружна форма со пречник од околу 8 км и е доста плитко бидејќи најголемата длабочина му изнесува само 10 м. Поради полож­бата и малата длабочина, Дојранското Езеро преку лето е многу топло, но преку зима поне­когаш делумно замрзнува. Богато е со жив свет, особено со риби, а покрај брегот има широк појас од трска. Водата во летниот период се смета за лековита, бидејќи се јавува редок феномен на цутење на алгите.

Интересно е што до пред околу милион години, речиси во секоја котлина имало големо котлинско или тектонско езеро, а некои од нив биле значително поголеми и од денешното Охридско Езеро. Такви големи езера постоеле на просторот на денешната Скопска Котлина, Кумановска Котлина и Овче Поле, потоа многу големи езера имало во подрачјата на Пелагонија, Тиквешка, Струмичка, Беровско-Делчевска, Гевгелиско-Валандовска и други. Со всекување на реката Вардар кон Егејско Море, најголем дел од овие езера истекле и се исушиле. Од нив останале само трите големи денешни тектонски езера (кои сепак се многу помали отколку што биле во минатото) и неколку мочуришни езерца на дната на некои котлини.

Освен трите поголеми езера, во Република Македонија има 40-тина мали глацијални при­род­ни езера, сместени на високите планини, на височина од 1600 м до 2500 м. Најмногу ги има на Шар Планина (18), потоа на Кораб со Дешат и Крчин (12), Јабланица (4), Стогово (3), Пелистер (2) и Јакупица (2). Овие езера иако се ма­ли, доста се атрактивни заради положбата и изгледот. Едно од најубавите е Големото Езеро на Пелистер, на височина од 2218 м, кое е најдлабоко (15 м), најпровидно и најпосетено гла­ци­јално езеро во Македонија. Најголемо пак е Боговинско Езеро на Шар Планина, долго 450 м (ЈЗ-СИ), а широко 210 м (СЗ-ЈИ). Во карстните подрачја на нашата земја, како раритетни и уникатни се утврдени шест мали природни езерца во пештерите (Алилица, Слатински Извор, Ѓоноица, Бела Вода и др.), и неколку карстни езера во карстните полиња (Тони Вода на Бистра и др.). Едно езеро кај Кавадарци е создадено со природно слизнување на земјиште (Моклишко Езеро), а слично такво е создадено и во Дебарца (Требенишко Езеро). Покрај наведените има и шест мочуришни езерца (Катлановско, Издеглавско, Стењско и др.), неколку крајречни меандерски езера покрај реката Вардар низводно од Скопје и прекрасното изворско езерце покрај Охридското Езеро кај Св. Наум. Покрај нив, специфични и многу интересни се двете мали денудациони езерца во изумирање на самото било на планината Козјак над с. Страцин и слично на нив Кундинско Езеро кај с. Кундино-Пробиштипско.

Покрај природни, во нашата држава се изградени околу 120 големи и помали веш­тач­ки езера, кои се користат за разни потреби: водоснабдување, наводнување, произ­водство на елек­трична енергија, за рибници и др. Најголеми вештачки езера се Тиквешкото Езеро на Црна Ре­ка, езерото Козјак на реката Треска, Мавровското Езеро на Мавровска Река и Дебарското Езе­ро на Црни Дрим, сите со површина од 13-14 км кв. и најголема длабочина околу 100 м. Тие имаат повеќе намени, како за добивање на електроенергија, за наводнува­ње, а доста се посетени и од туристите. Најмногу мали вештачки езера пак има во Струмичката и во Гевгелиско-валандовската Котлина.

Од претходно наведеното, произлегува дека во Република Македонија има околу 70 поголеми или помали природни езера и уште околу 120 вештачки езера, што значи дека вкупниот број на езера е околу 190-200. При тоа, само Охридското Езеро има вода повеќе од сите останати езера заедно. Инаку, езерата во нашата држава се користат за различни намени: наводнување и добивање на хидроенергија, потоа за водоснабдување, рибарење, заштита од поплави, туризам и рекреација или едноставно претставуваат атрактивни или значајни природни појави.

Извори:

Василески, Д. (1995): Класификација на езерата во Република Македонија според начинот на постанок на езерските базени. Географски разгледи, кн. 30, стр. 71-79, Скопје.
Василески Д. (2008): Требенишко Езеро. Годишен зборник на Институтот за географија бр. 37, Скопје, 5-20
Колчаковски Д. (2004): Физичка географија на Република Македонија, Универзитетски учебник, скрипта, Скопје
Стојмилов А. (2003): Физичка географија на Република Македонија, Универзитетски учебник, Скопје
http://en.wikipedia.org/wiki/Lake

Автор: д-р Ивица Милевски 

 

Оваа статија е прочитана 27431 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *