Во Македонија има дури 45 планински врвови повисоки од 2500 м!

27.03.2015

Korab2Деталните анализи на топографските карти и на дигиталните релјефни модели покажаа дека во Македонија има 45 истакнати планински врвови кои се издигаат над 2500 метри надморска височина. Од нив, најголем број се на Шар Планина (30) и на планината Кораб (11). Пелистер (Баба Планина) има само 2 врва повисоки од 2500 м и тоа врвот Пелистер (2601) и Широка (2548 м). По еден планински врв над 2500 м имаат уште Јакупица (Мокра), со највисокиот врв Солунска Глава (2539 м) и Ниџе со највисокиот врв Кајмакчалан (2520 м). Во источниот дел на државата нема ниту еден врв повисок од 2500 м, бидејќи највисокиот, Руен (на Осоговските Планини) е висок „само“ 2252 м.

Инаку, најголем број од наведените планински врвови, дури 32 имаат надморска височина помеѓу 2500 и 2600 метри. Девет врвови се високи помеѓу 2600 и 2700 метри, од кои 6 на Шар Планина, 2 на Кораб и еден на планината Пелистер. ПелистерОстанатите 4 врвови се највисоките во Република Македонија и се издигаат преку 2700 м. Тоа се Голем Кораб (2753 м), Титов Врв (2748 м), Бакрдан (2704 м) и Турчин (2702 м). Интересно е што најновите ГПС мерења и модели со ултра-висока резолуција, оставаат дилема во однос на тоа дали највисок врв е Голем Кораб или пак Титов Врв. Според повеќе методи, и за двата врва се добива височина од 2749 м (на прецизните ДЕМ модели, Голем Кораб дури е 2 м понизок од Титов Врв). Дефинитивниот одговор на ова прашање се очекува наскоро.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 19596 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *