Кајмакчалан – Највисокиот и најатрактивниот врв на планината Ниџе!

Во Македонија има 45 истакнати планински врвови кои се издигаат над 2500 метри надморска височина. Еден од нив е Кајмакчалан (2520 m) највисокиот врв на Ниџе, планина која се наоѓа на крајниот југ на Македонија на границата со Грција. Планината Ниџе се протега главно во правец југозапад-североисток. Геолошкиот состав на планината (силно метаморфизирани прекамбриумски шкрилци) условил доминација на флувијален и денудациски релјеф. Особено впечатливи се долините на реката Коњарка (извира во подножјето на врвот Кајмакчалан) и Трновчица (извира во северниот дел на планината Ниџе), кои од највисоките делови на Ниџе се спуштаат до Скочивирската Клисура на Црна Река. Во највисоките делови, особено на северните падини на Кајмакчалан, на височина помеѓу 2400-2500 m и западно од врвот Ниџе, на височина од 2200-2300 m се забележуваат периглацијални тревни тераси. До неодамна, Ниџе се сметаше за висока планина на која нема глацијални траги. Сепак, последните истражувања (Милевски, 2021) покажаа дека подрачјето околу врвот Кајмакчалан и изворишниот дел на Коњарка, за врме на Плеистоцен било зафатено со глацијални процеси. За тоа сведочи циркот околу 1,5 километар западно од врвот, во изворишниот дел на Коњарска Река и серијата на челни и странични морени на височина од 1800 до 2050 m.

Кајмакчалан има доминантна и централна положба на планината Ниџе. Врвот е релативно заоблен, оголен, поточно покриен со тревна вегетација. На повеќе места, од подлогата се издигаат камени остенци и блокови, резултат на денудација и селективна ерозија на карпите. На самиот врв се наоѓа црквата „Св. Петар“ која во случај на невреме може да биде краткотрајно засолниште. Од врвот, особено импресивно се гледаат Островското и Петерското Езеро на југ (во Грција), како и областа Мариово на север (во Македонија). Инаку, најблиски населби до Кајмакчалан се селата Скочивир од македонска и селото Чеган и ски-центарот „Ниџе“ (Ворас) од грчка страна.

На македонската страна, до Кајмакчалан најлесно се доаѓа од правец на Битола, преку селата Кравари, Меџитлија, Бач, Добровени и Скочивир. Потоа се поминува покрај рекреативниот парк „Коњарка“, од каде започнува макадамски пат кој е во лоша состојба, погоден само за off-road возила (џипови, планински мотори и велосипеди) и тоа главно во месеците јуни-октомври, при суви временски услови. Од рекреативниот центар „Коњарка“ до врвот Кајмакчалан има околу 30 км, додека од Битола приближно 70 км, така што возењето во еден правец трае околу 5 часа. Поради оддалеченоста од најблиските населби и честите, нестабилни временски услови, искачувањето на овој врв со пешачење или велосипед се препорачува само за професионалци. Најдобра опција за посета на врвот Кајмакчалан е ангажирање на 4х4 теренско возило. Постои предание дека врвот Кајмакчалан името го добил според арамијата „Кајмак” (најдобриот) кој со другарите од својата чета се искачил на врвот, носејќи го собраното злато од извршените акции по селата и патиштата. Меѓутоа постојат и други легенди и преданија за топонимот Кајмакчалан.

Покрај тоа што е највисок врв на Ниџе и еден од највисоките во јужниот дел на државата, Кајмакчалан е познат по тоа што во текот на Првата светска војна бил една од клучните позиции на Македонскиот Фронт. Битката на Кајмакчалан останала запаметена во историјата по големиот број на жртви кои ги претрпеле двете завојувани страни, односно бугарската и српската војска, кои една спроти друга биле стационирани на овој дел на фронтот. И во двете војски имало голем број на присилно регрутирани Македонци од месното население во Мариово и од цела Македонија. Дека врвот Кајмакчалан бил важна стратешка позиција, зборува фактот што бугарите го нарекле „Борисов град“ (по престолонаследникот Борис) бидејќи мислеле дека е неосвоив, додека пак Србите го нарекле „Капија на слободата“. Битката за Кајмакчалан е водена помеѓу 12 и 30 септември 1916 година. Во спомен на овој настан, на црквата „Св. Петар“, сместена на самиот врв, се наоѓа посвета напишана од кралот Александар I Караѓорѓевиќ. Капелата на Кајмакчалан ја чува и приказната за Рудолф Арчибалд Рајс, швајцарски професор, криминолог, фоторепортер и дописник за весници во неколку земји, кој за време на Првата светска војна бил ангажиран од страна на Србија да известува директно за настаните од фронтот. Негова желба била по неговата смрт, вечно почивалиште на неговото срце да биде Кајмакчалан.

Врвот Кајмакчалан нуди преубав панорамски видик кон Мариово на север, а на југ дури до Солунскиот залив. Како на дланка се гледаат околните врвови и сртови, што претставува вистинско уживање во природниот амбиент, особено кога времето е убаво, а атмосферата кристално чиста. Сепак, поради височината и положбата, се случува Кајмакчалан нагло да биде зафатен со магла, облаци и лошо време. Во зимскиот дел од годината пак, врвот е под снег, а во комбинација со невреме, престојот овде може да биде доста ризичен, па и опасен. Без оглед на атрактивноста, поради лошиот макадамски пат и немањето на сместувачки објекти или планинарски дом, Кајмакчалан и овој (македонски) дел од планината Ниџе се слабо туристички искористени. Тоа не е случај од грчката страна, со оглед на тоа што под врвот има скијачки центар (Ворас) и повеќе хотели речиси до 2000 м надморска височина. Токму од тие причини, многу поголем број посетители доаѓаат од овој правец. Како и да е, посетата на Кајмакчалан претставува единствено доживување, одлична авантура и нуди уживање во природниот амбиент. Иако е тешко достапен, погледот од него кон околните планински ограноци и врвови, а посебно на југ кон езерата во Грција, ви го зема здивот. Покрај природните убавини, по страните на врвот може да се забележат стотици ровови, муниција, предмети и други остатоци од големите битки што се случувале особено за време на Првата Светска војна. Тука е и малата, но атрактивна црква оградена со остатоци од гранати, а нејзината бела боја блеска во далечината.

Всушност, за прекрасното искуство што го добив при теренската посета на Кајмакчалан, сведочат и моите фотографии поставени во оваа статија.

Благодарност до проф. д-р Ивица Милевски за корисните сугестии при изработка на статијава.

Автор: Бојана Алексова – постдипломец на Институтот за географија, ПМФ

Оваа статија е прочитана 1657 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *