Шар Планина е позната по извонредните природни убавини со кои располага. Бројните спектакуларни врвови, циркови, глацијални езера, длабоки речни долини, клисури и кањонски делови, водопади, многубројни потоци, богатиот биодиверзитет, ги пленат посетителите кои уживаат во овие величествени убавини. Токму поради тоа, значителен дел на оваа планина е прогласен за Национален парк. Колку и да ги имаме посетено и прошетано Шарпланинските убавини, секогаш има нешто „ново“ да се види. Така, од неодамна, на вљубениците во природата им се достапни за посета преубавите водопади на Камењанска Река кај с. Камењане.
Камењанска Река е краток планински водотек (9 км) кој извира под Карабунар на надморска височина од околу 2000 м. Настанува со спојување на Ситничка Река и Воишанска Река кај с. Јеловјане. Низводно од Јеловјане па до селото Камењане, во должина од околу 2 км, Камењанска Река длабоко и стрмно се всекла во овој дел на Шар Планина, изградувајќи кратка, но атрактивна клисура. Овде, на кратка должина, реката има голем надолжен пад од близу 400 м, со бројни брзаци и водопади. Целата појава претставува еден маркантен слап, кој се протега на надморска височина од 700 до 1000 м. Поконкретно, станува збор за девет поголеми (високи од 3 до 13 m) и бројни помали водопади кои скалесто се редат еден над друг, во должина од 1,5 км. Секој водопад, без оглед дали е поголем или помал, има сопствена убавина, во која ќе уживате во било кое време од годината, со оглед на тоа што водопадите се полноводни преку цела година. Сепак, особено фасцинирани ќе бидете доколку ги посетите во текот на есента или во доцна пролет кога се топи снегот на планинатаи кога имаат најмногу вода.
Водопадите на Камењанска Река се ретко убав природен феномен и истите во основа имаат теконско (раседно) потекло, со оглед на тоа што се протегаат покрај доминантниот расед кој ја одделува Шар Планина од Полошко Поле. Освен раседната предиспозиција, водопадите имаат и ерозивен карактер, со оглед на различната отпорност на мезозојските шкрилци и дијабази кои овде наизменично се сменуваат. Така, реката побрзо ги еродира шкрилците во однос на дијабазите, создавајќи скокови т.е. водопади.
До водопадите се доаѓа мошне едноставно, преку асфалтниот пат до с. Камењане. Во центарот на селото се свртува кон подножјето на планината, поточно во правец на долината на Камењанска Река, а во тоа ќе ви помогнат лесно забележливите патокази. Она што причинува особено задоволство е тоа што со залагање на локалното население, пристапот до овие водопади е одличен и добро вклопен во природниот амбиент. За патеките, скалите и останатата туристичка опрема, главно е користен дрвен материјал. Речиси кај секој поголем водопад се поставени дрвени клупи, маси, видиковци за фотографирање и сл.
За да ги разгледате водопадите ќе ви бидат потребни околу 1 до 2 часа, меѓутоа восхитени од природната убавина, веројатно ќе се задржите многу подолго. Треба да напоменеме дека не е препорачана посета при влажно и врнежливо време, бидејќи патеката, а посебно скалите, може да бидат лизгави и ризични за минување. Исто така, треба да се знае дека најмногу посетители има за викендите, особено во летниот период од годината, па посебно треба да се биде внимателен при разминување. За време на нашата посета, бевме пријатно воодушевени од зачуваноста на природата – речиси и да немаше траги од отпадоци и човечко присуство, што навистина е реткост кај нас. Се надеваме дека и понатаму, бројните посетители ќе бидат совесни и ќе водат сметка за зачувување на природата, таква преубава, каква што е. Без оглед на заложбата на поединци – ентузијасти од с.Камењане, треба да се најде организиран начин за одржлива, долгорочна заштита и управување со овој извонреден локалитет.
Освен во убавината на водопадите, доколку имате време ви препорачуваме да ги посетите селата Јеловјане и Урвич, кои имаат извонредна положба (над водопадите) на височина од околу 1200 м. Исто така, можете да уживате во неколкуте ресторани и кафулиња во селото Камењане. Ќе бидете изненадени од љубезноста и гостопримството на локалните жители.
Автори: д-р Ивица Милевски и Бојана Алексова