Палеовулканската област Градечки Чуки се наоѓа околу 5 km северно-северозападно од градот Крива Паланка. Станува збор за остатоци од стара, олигоценска (пред околу 30 милиони години) вулканска структура, која се состои од десетина палеовулкански купи, некови, мал еродиран кратер (калдера), скаменети лавични текови, вулкански бомби и др. Сето наведено, како и слоевите од вулкански туф, укажуваат на претежно експлозивен тип на вулканизам, со големо количество на пирокластичен материјал. Оваа мала и „изолирана“ вулканска област, по типот на ерупциите, просторно, но и временски е поврзана со блиската, многу поголема Кратовско-Злетовска вулканска област на запад. Вулканските карпи биле основа за создавање на бројни денудациски форми во вид на блокови, остенци, мали вдлабнатини, карпести прозорци и др. Сите тие се резултат на селективната ерозија, а во областа ги има на стотици, па и илјадници.
Во сообраќаен поглед, локалитетот Градечки Чуки е лесно пристапен преку два локални асфалтни патни правци. Едниот пат води од Крива Паланка до с. Огут и минува точно низ средишниот дел на Градечки Чуки. Вториот асфалтен пат води до јужната страна на локалитетот. Започнува од Крива Паланка, минува преку с. Градец и завршува кај испосницата на Св. Јоаким Осоговски. Вкупната должина на овој пат изнесува 8 km.
Положбата на локалитетот Градечки Чуки кој се наоѓа на 1000 до 1200 m надморска височина, на ограноците на планината Билино, условува мошне пријатна, континентално-планинска клима со свежи лета и студени зими. Поради релјефната отвореност и присојната експонираност, осончувањето е долготрајно, што особено погодува за посета и престој на овој простор. Во хидрографски поглед, локалитетот Градечки Чуки е сиромашен со извори, а и тие што ги има се слаби и преку лето често пресушуваат. Сепак, на контактот на вулканитите и шкрилците, во шумскиот предел, има неколку посилни извори од кои настануваат блиските потоци и рекички. Тие имаат мошне променлив проток во текот на годината, а во сушниот период често остануваат без вода. Дополнителна атрактивност на просторот, му даваат младите долини на Градечка Река, Габарска Река и Домачки Дол, сите кратки десни притоки на Крива Река. Долните секции на овие долини се речиси вертикално всечени во основната маса од андезити и шкрилци, што пак укажува на диференцираните неотектонски движења и усогласувањето на водотеците со нивото на Крива Река. За последица, речните корита им се тесни, каменливи, со појава на мали водопади високи до 3 m. Овој простор е интересен и по богатиот биодиверзитет, со разновидни видови на растенија, од кои некои се ендемични.
Освен природните вредности, локалитетот Градечки Чуки и поширокиот простор се одликуваат со типична селска архитектура, посебен тип на куќи и помошни објекти, извонредно вклопени во природниот амбиент. За изградба на споменатите објекти, човекот користел локални природни материјали: вулкански карпи, кровни шкрилци, дрвна граѓа и сл. Исто така, овде се наоѓа значаен археолошки локалитет Градиште, со повеќе вертикални хоризонти кои датираат во поодалечното минато (бронзено време). Истиот се уште се истражува, а ископувањата се во тек. Покрај него, има и други археолошки остатоци во областа.
Денес овој простор е речиси целосно раселен, со само 50-тина постојани жители. Сепак, со оглед на атрактивноста и одличната сообраќајна поврзаност, локалитетот Градечки Чуки нуди одлчни можности за развој на геотуризмот, рекреативно планинарење, планински велосипедизам, верски туризам (посета на испосницата на Св. Јоаким Осоговски и црквата Св. Никола), излетнички туризам и др. За да се подобри туристичката посетеност, неопходна е соодветна промоција, поставување на туристичка сигнализација, патокази, инфо-табли, маркирање на патеки, организирање на велосипедски тури, изведување на културни манифестации, поставување на видиковци и други содржини.
Со оглед на изобилството на природни вредности на така мал простор (особено од геодиверзитетот), локалитетот Градечки Чуки кај Крива Паланка заслужува да добие некаков степен на законска заштита и да влезе во Националната мрежа на заштитени подрачја. Во таа смисла, при туристичкото уредување на овој простор мора да се води сметка за зачувување на природните вредности, па и културните содржини, кои се мошне автентични за овој дел од Паланечко.
Како и да е, со оглед на сето тоа што го видовме при нашите теренски посети и истражувања, искрено ви препорачуваме да го посетите локалитетот Градечки Чуки и да се восхитувате на преубавите природни пејзажи, пријатната клима и чистиот воздух. Присуството на овој простор можете да го збогатите со посета на прекрасниот манастир „Св. Јоаким Осоговски“ кој што се наоѓа во непосредна близина на локалитетот и уживање во некој од локалните ресторани.
Автори: д-р Ивица Милевски и Бојана Алексова
Оваа статија е прочитана 1893 пати!