Основни геовредности на Демиркаписката Клисура

Демиркаписка Клисура е најмаркантна клисура на реката Вардар. Започнува од утоката на реката Бошава и се протега се до с. Удово во должина од 19,5 km. Клисурата е всечена меѓу разграноците на Конечка (Серта) и Градешка Планина на исток и разграноците на Кожуф, односно Маријанска Планина со Крастовец (899 m) на запад. На овој дел реката Вардар пресекува мезозојски (јура-креда) варовници, под кои се наоѓаат базалти, дијабази и гранити. Варовниците имаат светло-сива, сивкаста до сиво-синкаста боја и на влезот во клисурата, речиси вертикално се издигаат над реката Вардар. Страните на клисурата се високи 500-600 m и на некои места доста стрмни, особено во почетниот дел кај Демир Капија, каде што се речиси вертикални.

Слика 1. Влезниот (северен) дел на Демиркаписката Клисура, стрмно всечен во сивкасто-бели јурски варовници. Фото: Милевски, 2021.
Слика 2. Средишниот дел на клисурата со Голем Карадаг (922 m) во позадината. Фото: Милевски, 2021.

По дното на клисурата има големи напласти на алувијален нанос од реката Вардар и од локалните притоки. Затоа има појава и на неколку мали речни острови, од кои најголем е Демиркапискиот Остров. Во почетниот дел од клисурата е краткиот (1,1 km), но типичен кањон на Челевечка или Иберлиска Река (лева притока на Вардар), со вертикални варовнички страни длабоки 250-300 m.

Слика 3. Клисурата на Челевечка Река пред вливот во Вардар. Фото: Милевски, 2021.

Во овој простор се регистрирани повеќе пештери, меѓу кои Бела Вода, Горен Змејовец, Змиска Пештера и повеќе помали пештери. Бела Вода е најдолгата пештера во Демиркапискиот карст (879 m) и јужниот дел од Северна Македонија. Се наоѓа од десната страна на реката Вардар, на само неколку стотици метри низводно од Демир Капија, односно околу 300 метри по стариот тунел и пат за Гевгелија, веднаш под карпите кај патот. Пештерата, како важна геоморфолошка форма, треба да се зачува како природен феномен (Милевски, 2013). За таа цел, Бела Вода е ставена на листата за прогласување на заштитено подрачје. Пештерата Горен Змејовец (или Змејовец) се наоѓа на Илимов Рид, од левата страна на сувата долина што се спушта од Краставец, на надморска височина од 630 m. Влезот на Горен Змејовец е голем, но затоа треба да се оди пеш околу 2,5 km.

Слика 4. Влезниот канал и сифон во пештерата Бела Вода. Фото: Милевски, 2010.

Во Демиркаписката Кли­су­ра, се­верно од с. Градец има не­колку интересни, мали речни острови. Тие се тесни, издолжени во правецот на течење на ре­ката и покриени со дрвенеста вегетација, што значи дека се многу „поста­билни“ на засипување, поплавување или други промени. Најголемиот од нив е „Демиркапискиот остров“ во сре­диш­ниот дел на клисурата. Тоа е и еден од најголемите речни острови во Ма­ке­до­ни­ја. Должината во правец северозапад-југоисток му изнесува 550 m, нај­голе­ма­та широчина му е 115 m, а најголемата височина 5 m (Милевски, 2014).

Слика 5. Сателитска снимка на Демиркапискиот остров-ада (Google Earth, 2016).

Островот кај с.Удово е еден од најголемите речни острови во Македонија. Има генерален правец СЗ-ЈИ и во тој правец должината му изнесува 700 m. Вкупната површина на островот изнесува 4 хектари. Иако највисоката точка е само 4 m над коритото на Вардар, островот речиси никогаш не е целосно плавен.

Што се однесува до климатски карактеристики, Демиркаписката Клисура претставува природната граница за Медитеранското влијание долж реката Вардар. Поради Медитеранското влијание, климата се карактеризира со модифицирана Медитеранска клима. Во однос на хидролошките карактеристики на Демиркаписката Клисура, главна водна артерија на овој простор е реката Вардар кон која течат притоките: Челевечка Река, Луткова Река, Водисир, Градешка Река и Аразлиска Река на левата и Старата Река, Голема и Мала Јаворица на десната страна. Без оглед на слабата количина на врнежи на овој простор, поради геолошкиот состав, најголем дел од водотеците функционираат во текот на целата година, иако нивните протеци се доста слаби.

Од наведените основни географски карактеристики, се воочува дека Демиркаписката Клисура има бројни геовредности и тоа: една од најмаркантните клисури на Вардар, во почетниот дел со речиси вертикални (кањонски) страни, со карстен релјеф по страните (пештери и пропасти), со малиот кањон на Иберлиска Река во почетниот дел, моќни алувијални наноси по дното и повеќе мали речни острови и многу други. Сепак, дел од тие геовредности се под силни антропогени закани, што е особено евидентно со изградбата на автопатот, поточно делницата Демир Капија-Смоквица. Трасата на автопатот и градежните активности од големи размери, драстично го променија природниот пејзаж, особено релјефот, а сосема сигурно ќе влијае и на биодиверзитетот на овој простор. Искрено се надеваме дека при изградбата на автопатот, но и во оперативната фаза, се водело и ќе се води сметка за минимизирање на влијанијата, па и делумна ревегетација и регенерација на градежните зони, зафати и објекти долж овој дел на автопатот. Заради сите вредности што ги има, се надеваме дека оваа извонредна клисура наскоро ќе биде репрогласена со закон, како Споменик на природата. Со тоа, ќе се сочуваат нејзините убавини за идните генерации.

Референци:

  • Милевски, И. (2013): Пештерата Бела Вода кај Демир Капија, една од најдолгите во Македонија. ИГЕО Портал, https://igeoportal.net/?p=4071
  • Милевски, И. (2014): Македонија има 13 „вистински“ острови. ИГЕО Портал, https://igeoportal.net/?p=5179

Изработиле: д-р Ивица Милевски, редовен професор на ПМФ, УКИМ и Бојана Алексова, магистрант на ПМФ, УКИМ

Оваа статија е прочитана 274 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *