Природна реткост „Геолошки профил Звегор“ – уникатно геонаследство!

Карактеристичниот геолошки профил Звегор се наоѓа на околу 0,5-1,0 km североисточно од селото Звегор, на надморска висина од 740-850 m. Профилот има должина од околу 0,75 km, средна широчина од стотина метри и површина од 7,8 ha. Поради својата уникатност и потребата од заштита, согласно Законот за заштита на природата, во 2019 година, карактеристичниот геолошки профил Звегор е прогласен за природна реткост. Основна цел за заштита на локалитетот е превенција од физичка деградација.

Геолошкиот профил е значаен по тоа што на мал простор се застапени карпи од различни геолошки периоди, од најстари, палеозојски, до најмлади – квартерни. Карпите се менуваат на кратки растојанија, и тоа од амфиболски габрови (стар палеозоик), гранодиорити (млад палеозоик), песочници, песокливи глинци и конгломерати (тријас), милотинизирани услоени варовници, конгломерати (палеоген), песочници, глинци и лапорци (неоген), кварцлатити (палеоген), глини, суглини и песоци (неоген), чакали и песоци (неоген), алувиум (квартер) итн. Јадрото на профилот го чинат гранитите на делчевскиот батолит, поточно гранодиоритите, кои се цврсти, локално раздробени, по боја сиво-жолтеникави до сиво зеленкасти и со зрнеста структура. На повеќе места долж профилот, директно преку гранитите, лежат палеогените (еоценски) седименти, кои се пробиени со вулкански карпи – кварцлатити, преку кои, пак, се навлечени мезозојските (тријаски) варовници. Варовниците се во вид на помали и поголеми блокови, со метарски до декаметарски димензии. Тие се  темно до светлосиви по боја, со многубројни белузлави калцитски жици. Карстификацијата е слабо изразена, со исклучок на најголемите блокови во областа (кај с. Град, с. Киселица и др.), каде што се јавуваат мали пештери. Палеогените (кенозојски) седименти се претставени со флишната фација составена од жолти песочници, ретки прослојци на алевролити и сиви алевролитски глинци со наизменична појава и слабо изразена градација. Кварцлатитите се мошне цврсти карпи, поради што стрчат во релјефот. Сепак, поради минералошката хетерогеност, тие се подложни на површинско напукнување, дробење и ронење. По боја се светлосиви до сивозеленкасти и ретко светлорозови. Составени се главно од крупни кристали (фенокристали) на санидин, потоа плагиоклас, кварц, амфибол и од биотит, а акцесорни минерали се апатит, магнетит и титанит. По старост се палеогени, најверојатно олигоценски, а се придружени со локални наслаги на вулкански туф. Најмлади карпи на профилот се квартерните седименти: речни тераси на Звегорска Река, делувијални наслаги и сл.

Слика 1. Контактна зона на кврацлатитите (лево) и палеогенскиот флиш (десно).

Карактеристичниот геолошки профил „Звегор“ е уникатен и по раседната серија, односно скалестите раседи, кои ги одвојуваат литолошките единици и долж кои е спуштен Делчевско-беровскиот ров. Формирањето на оваа депресија почнало пред околу 30 милиони години со таложењето на палеогените седименти, чија генеза е проследена со вулканизам, а како крајна завршна фаза е формирањето на квартерните наслаги, кои лежат преку сите постари формации.

На карактеристичниот геолошки профил „Звегор“ и во неговата околина има повеќе декаметарски блокови од тријаски варовници со темна до светлосива боја. Во нив има многубројни калцитски жици, што укажува на тектонските улови под кои дошло до навлекување преку помладите карпи. Нивната дебелина се цени на околу 400 m, а тријаската старост е определена врз основа на многу ретки, неодредливи отпечатоци од школка и брахиоподи. Слабо се карстификувани, наместа распаднати на површината поради атмосферски влијанија. Интересно е што во близина (од спротивната страна на долината на Звегорска Река), на варовниците има неколку вртачи, а кај селата Град и Киселица, две мали пештери долги до 100 метри.

Слика 2. Тријаски варовници навлечени преку кварцлатити и палеогенски флиш.

Палеогенските седименти на карактеристичниот геолошки профил „Звегор“ се претставени со флишната фација со жолти песочници, ретки прослојки на алевролити и сиви алевролитски глинци со наизменична појава и слабо изразена градација. Песочниците се најзастапени во флишот и постојат повеќе вариетети според нивниот гранулометриски состав. Многу се чести вертикалните литолошки промени во вид на ритмички сменувања со алевролитски глинци. Таложени се во морска средина за време на горен еоцен до олигоцен.

Слика 3. Вулкански туфови и палеогенски флиш.

Од вулканските карпи, на карактеристичниот геолошки профил „Звегор“ се јавуваат кварцлатити и туфови. Кварцлатитите се мошне цврсти карпи, поради што стрчат во релјефот. Сепак, поради минералошката хетерогеност, тие се подложни на површинско напукнување, дробење и ронење. По боја се светлосиви до сивозеленкасти и ретко светлорозови. Составени се од крупни кристали на санидин, потоа плагиоклас, кварц, амфибол и од биотит, а акцесорни минерали се апатит, магнетит и титанит. По старост се палеогени (еоцен-олигоценски), а се придружени со локални наслаги на вулкански туф (главно дацитски туфови).

Слика 4. Кварцлатити со крупни кристали од санидин, кварц, амфибол и биотит.

Текст и фотографии: проф. д-р Ивица Милевски, ПМФ, УКИМ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *