12.06.2019
Научните и оперативните делови познати како метеорологија и метрологија терминолошки се исклучително блиски и слични, но се дијаметрално различни. Исто така во обичниот живот и во говорот се мешаат поимите метеорологија и метрологија.
Светскиот ден на метеорологијата или познат како светски метеоролошки ден е 23 март, како ден кога стапи на сила Конвенцијата за организирање на Светска метеоролошка организација, а тоа е 23 март 1950 година. Седиштето на Светската метеоролошка организација е во Женева. Светскиот метеоролошки ден се слави во целиот свет, како и во Република Македонија во Управата за хидрометоролошки работи.
Светскиот ден на метрологијата е 20 мај кој се слави по повод потпишувањето на Метарската Конвенција во која членува и Република Македонија преку Бирото за метрологија. Светски ден на метрологијата претставува одбележување на прифаќањето на Метарската конвенција од 17 земји во Светот во 1875 година,
Mетеорологија (од грчки μετέωρος, “високо на небото”, и -λογία, -logia) е интердисциплинарна наука која ја проучува атмосферата, времето и климата и која ги проучува временските појави и процеси, и во последните дваесетина години и големата област од науката позната како климатски промени. Првите пишани материјали од метеорологијата датираат уште од IV век пред нашата ера. Нив ги напишал најголемиот научник на своето време, филозофот Аристотел. Во своето дело наречено Meteorologica, овој филозоф пишува за некои значајни појави како што се врнежите, ветровите, молњите, виорите, светлосните појави и други, кои ги објавил во вкупно четири книги. Од друга страна пак се смета дека метеорологијата е млада наука, бидејќи своите најголеми достигнувања ги остварила кон крајот на XIX и почетокот на XX век, со откривањето на повеќето инструменти за определување на физичко-метеоролошките состојби на атмосферата, и формирањето на метеоролошките набљудувачки системи. Подоцна, со повеќето теоретски и експериментални истражувања на регионално и светско ниво, како и со откривањето на некои закони за атмосферата, користејќи ги фундаменталните закони од другите научни области (од физиката, астрономијата, механиката, математиката, статистиката и сл.) метеорологијата се вбројува во групата на егзактни науки.
Почетоците на меѓународното организирање во доменот на метеорологијата е формирање на Меѓународната метеоролошка организација во 1873 година, со организирање на Меѓународен метеоролошки конгрес, и подоцна на 23 март 1950 година кога се формираше Светска метеоролошка организација со седиште во Женева, кога стапи на сила Конвенцијата за организира на Светска метеоролошка организација. Метеорологијата е физика на атмосферата на долниот и најнискиот, и во исто време, најгустиот дел од атмосферата кој се протега до височина од околу 30 km. Научната област која се занимава со изучување на високите слоеви од атмосферата (над 30 km) е наречена аерономија.
Поделбата на метеорологијата е условена од развојот на инструментите, опремата и техниката со која се служи самата наука, како и теорискиот и практичниот развиток на метеоролошката наука и во зависност од височината на истражувањето на атмосферата. Според тоа метеорологијата се дели на следниве делови: Теоретска метеорологија, Климатологија, Инструментална метеорологија (наука за инструментите и опремата) и методи на метеоролошки мерења и набљудувања, Синоптичка метеорологија, Применета (апликативна) метеорологија и Општа метеорологија. Научните сознанија од метеорологијата како и другите области помеѓу земјите во светот се поврзуваат и пренесуваат преку меѓународните и светските организации, асоцијации и здруженија, како и преку Светската метеоролошка организација (СМО) која е специјализирана агенција на Обединетите нации (ОН).
Основни цели и задачи согласно законот за хидрометеоролошка дејност (Службен весник на РМ, бр. 103 од 19.08.2008 година), Член 1 се уредуваат основите на функционирањето на хидрометеоролошката дејност во Република Македонија и надлежностите на Управата за хидрометеоролошки работи, додека согласно Член 2. е воспоставен единствен метеоролошки и хидролошки набљудувачки систем кој е интегрален дел од глобалниот метеоролошки набљудувачки систем, во меѓународни размери.
Во Член 6 од Законот се дефинирани следните активности:
- Хидрометеоролошката дејност ги опфаќа работите поврзани со развојот и функционирањето на хидрометеоролошкото бдеење, истражување на атмосферата, климата, водите и почвата и работи на примена на метеорологијата и хидрологијата и
- Хидрометеоролошката дејност опфаќа: координација, комуникација и соработка во навременото известување при вршењето на хидрометеоролошко бдеење и истражување со државните субјекти одговорни за превенција, рано предупредување, справување и управување со кризи на државно и локално ниво, навремено информирање за времето, климата и водите за потребите на одржливиот развој, со цел за намалување на загубите на луѓето и материјалните добра предизвикани од временски непогоди и други катастрофални настани и економски придобивки на државата.
Метрологија е наука за мерењето, упоребата на законските мерни единици и еталоните, референтните материјали и прометот и употребата на мерилата, оцената на сообразноста на типот на мерилата и верификација на мерилата, важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и др. Светскиот ден на метрологијата е 20 мај кој се слави по повод потпишувањето на Метарската Конвенција во која членува и Република Македонија преку Бирото за метрологија. Конвенцијата ја постави рамката за глобална соработка помеѓу науката за мерење и нејзините индустриски, комерцијални и општествени примени. Главната цел на Метарската Конвенција е единството на мерењето во светот, која е воспоставена пред повеке од 130 години. Во Република Македонија Бирото за метрологија, како дел од Министерсвото за економија е институција која за е задолжена за извршување задачи за одржување на системот за законски мерни единици, развој на мерните единици, остварување на национални мерни еталони, обезбедување метролошка следливост на мерењата, калибрација и верификација на мерила.
Во 2018 година 20 мај-Светски дена на метрологијата му беше посветен на „Постојана еволуција на Меѓународниот систем на мерни единици (SI)“ бидејќи се очекува да се усвои една од најголемите промени во SI системот, како што се дефинирање на одредени единици на мерење – маса, температура и рефидираниот SI систем на единици. Одбележувањето на 20 Мај како Светски ден на метрологијата претставува потсетување на прифаќањето на Метарската конвенција од 17 земји во Светот во 1875 година, со која е поставена рамката за меѓународната соработка во метрологијата, како и нејзината примена во индустријата и во комерцијалната и социјалната примена.
Бирото за метрологија во мај 2010 година стана полноправна членка на Европска организација на национални метролошки институции (EURAMET). Со полноправно членство во организацијата, односно признавање на компетентноста, Бирото се стекна по исполнување на критериумите пропишани во актите на EURAMET.
Согласно Сл.весник на Република Македонија Бр. 55 и согласно Законот за метрологија во Член 1. Со овој закон се уредува метролошкиот систем во Република Македонија; надлежноста на Бирото за метрологија; законските мерни единици; еталоните; референтните материјали; прометот и употребата на мерилата; оцената на сообразноста на типот на мерилата; верификација на мерилата; важноста на ознаките и сертификатите за сообразност на типот на мерилата и ознаките и жиговите, односно сертификатите за верификација на мерилата од странско потекло; метролошкиотнадзор над количините и ознаките на пакуваните производи; надзорот над примената на овој закон и други прашања од значење за метролошкиот систем заради обезбедување мерно единство во Републиката и со светот.
Сепак важно е да се констатира дека метеорологијата е наука за атмосферата, времето и климата, а метрологијата е наука за мерењето и мерилата. Светскиот метеоролошки ден е 23 март, додека светскиот ден на метрологијата е 20 мај. Управата за хидрометеоролшки работи и Бирото за метрологијата се задолжени државни организации и институции кои се занимаваат со активностите од доменот на метеорологијата и хидрологијата, како и со метрологијата, како научни и оперативни делови од природните науки како и од доменот на метрологијата.
Со дозвола од авторот преземено од: www.cooltura.mk/opshtestvo/shto-e-meteorologija-a-shto-metrologija
Автор: д-р Пеце Ристевски, дипломиран метеоролог, Центар за промоција на култура и туризам-Скопје
Оваа статија е прочитана 4866 пати!