Колку точно е висок Монт Еверест?

1.03.2012

Откако е утврдено дека Монт Еверест е највисокиот врв на земјината топка, постојано се јавуваат недоразбирања за тоа колку всушност е неговата височина. Во меѓувреме, повеќе од 4,000 алпинисти се искачија “на покривот на светот”, кој се издигнува на границата помеѓу Непал и Кина, откако Едмунд Хилари и Тензиг Норгај го освоија за првпат во 1953 година. Меѓутоа, Непал е во разидување со својот северен сосед околу точната висина на планинскиот врв, кој за првпат бил измерен во 1856 година. Досега се користи мерењето кое во 1954 година го објавија Индијците, според кое Монт Еверест е висок 8,848 метри, заедно со снежната покривка.
Кина пак тврди дека нејзините мерења на Монт Еверест од 2005 година се најпрецизни до сега. Според тие мерења, висината на врвот изнесува точно 8.844,43 метри, не сметајќи го снегот чија дебелина за време на мерењата изнесувала 3,5 метри. На тој начин повторно се добива вредност од 8848 м. Сепак, Непал сака да изведе сопствени мерења со кои би се потврдиле или корегирале претходните, иако и да се добие некоја разлика, таа не би била повеќе од неколку метри. “Непал не располага со потребните технички и научни, како и финансиски средства за да може да го измери Монт Еверест”, вели генералниот директор на Заводот за статистика. “Потребна ни е меѓународна помош кога станува збор за опрема, научно истражување и стручна помош за анализа на податоците. За таа цел, подготвуваме понуда која и официјално ќе ја претставиме пред потенцијалните донатори”, додава тој, истакнувајќи дека е потребна опрема која што ќе може да функционира на температури и до минус 70 степени Целзиусови.
Осум од највисоките врвови, вклучувајќи го и Монт Еверест, се наоѓаат во Непал или по должината на границите со Кина и Индија. Мерењата кои во 1999 година беа направени со помош на сателитска технологија, ги направија членови на експедицијата на National Geographic од Вашингтон и Музејот на науки во Бостон. Тогаш се покажа дека планината е висока 8,850 метри, меѓутоа, истражувачите не беа сигурни колку е висока само планината, без снежната покривка. Алпинистите кои неодамна се искачиле на Монт Еверест тврдат дека планинските глечери се намалуваат и дека снегот полека исчезнува од деловите на планината кои водат до врвот.
Всушност, додека не се дефинира која височина би требало да се земе како вистинска: дали со снегот или без него, никогаш нема да се добијат усогласени податоци. Тоа особено што дебелината на снежната покривка не само на Монт Еверест, туку и на сите останати многу високи врвови осцилира по неколку метри. Уште поинтересно е што додека разни држави, агенции и институции се обидуваат да ги измерат врвовите со прецизност до сантиметар (често и од маркетиншки причини). Меѓутоа, факт е дека поради влијанието на геотектонските движења и промени, секоја година височината на Монт Еверест и другите истакнати врвови, природно се зголемува за по околу 1 сантиметар.

Делумно преземено од: http://zazabava.com/premeruvanje-na-mont-everest

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *