18.02.2012
Голем број на планинари кои се искачиле на највисоките врвови на светот, се согласуваат дека подолу наведените 5 планини односно врвови се меѓу најубавите и најпривлечните, но во исто време и меѓу најопасните и најсмртоносните. За убавината доволно говорат величествените фотграфии, а дека се опасни и смртоносни покажува фактот што на нив стотици планинари ги оставиле своите животи, обидувајќи се да ги искачат.
- К2 (8611 м) на границата помеѓу Пакистан и Кина
Според височината, К2 кој се издига на планинската верига Каракорум е вториот највисок врв на светот (по Монт Еверест, 8848 м), но е далеку потежок за искачување во однос на Монт Еверест. Всушност, планинарите сеуште се во дилема кој е поопасен и посмртоносен – дали врвот К2 или пак Анапурна (8091 м) во Непал. Сепак, К2 главно се смета за технички многу потежок и пострмен, а Анапурна за посмртоносна. К2 го доби епитетот „убиец на жени“, бидејќи од 6 планинарки кои се обиделе да се искачат, само за една – од Шпанија тоа било успешно, а останатите го загубиле животот. До сега на К2 се искачиле 302 планинари (во однос на 2700 кои се искачиле на Монт Еверест), а настрадале дури 80. Најстрашните трагедии се случиле во 1986 година кога настрадале 13 планинари и во 2008 година кога животот го загубиле 11 луѓе, најголем дел од нив паѓајќи во длабока провалија. Застрашувачкиот изглед кој го има овој врв во вид на стрмната, заледена и карпеста пирамида, како и неговата репутација, била причина за повеќе серии, филмови, репортажи и документарни емисии за К2.
2. Анапурна (8091 м) во Непал
Иако е значително пониска од Монт Еверест (8848 м) и од К2 (8611 м), многумина Анапурна ја сметаат за најопасна и најсмртоносна планина во светот, бидејќи над 40% од планинарите кои се обиделе да ја искачат, ги изгубиле своите животи. Дури и патиштата до базниот камп во подножјето на планината се многу ризични и опасни. Така, патот помеѓу местата Марпа и Татопани се смета за најопасен во светот. Шумите во понискиот дел на планината кријат многу мечки, леопарди, отровни змии, па дури и тигри. Лавини, одрони и свлечишта се многу честа појава, особено во пролет. Затоа не е ни чудно што Анапурна од 1950 година (кога за прв пат била искачена) до денес ја освоиле само 130 планинари, а дури 53 загинале.
3. Нанга Парбат (8125 м) во Пакистан
Оваа 9-та по височина планина во светот чие име на Хинду јазикот означува „гола планина“, исто така е позната како многу опасна и тешка за качување. Особено стрмна и опасна е јужната страна која во должина од 10 км се издига за дури 4600 м! Затоа не е ни чудно што во жаргонот на алпинистите се нарекува „планина убиец“ бидејќи од околу 270 планинари кои се упатиле кон врвот на планината, 61 не преживеале. Така, лавините, мразот, смрзнатините биле причина да загинат дури 31 членови на две големи германски експедици во 1934 и 1937 година. При тоа, само во текот на втората експедиција од 1937 година, во еден ден од лавина загинале 16 искусни планинари, што е најголема трагедија од таков тип. Интересно е што во 2005 година, познатиот словенечки алпинист Томаж Хумар сам бил заглавен цели 6 дена на 5900 м на оваа планина, но за среќа пред крајот на своите сили случајно бил здогледан и спасен од пакистански хеликоптер.
4. Кангченјунга (8586 м) на границата помеѓу Индија и Непал
Тоа е трета по височина планина во светот, по Монт Еверест и К2, а името на непалски значи „петте снежни богатства“, бидејќи се состои од 5 врва, секој повисок од 8450 м. До 1852 година се верувало дека всушност Кангченјунга е највисоката планина во светот. Од тогаш, до првото успешно искачување во 1955 година, поминале цели 103 години по многубројни неуспешни и трагични обиди. Инаку оваа планина е доста оддалечена од цивилизацијата и од поголеми градови или поважни патишта, заради што сеуште е „изворно сочувана“ во сета своја убавина и дивина. Сепак, во последните години е зголемен интересот за искачување, но и покрај најсовремената опрема, стапката на смртност на планинарите е околу 22%. Главни причини за трагедиите се честите лавини, силните ветрови, недостатокот на кислород во „зоната на смртта“ (над 8000 м) и други.
5. Монт Еверест (8848 м), Непал
Највисоката планина, поточно највисокиот врв во светот, секако спаѓа и меѓу најтешките и најопасните за искачување. Без оглед што техниките и сигурноста во искачувањето се многу подобрени, а самото искачување има релативно долга традиција, овде речиси секоја година неколку планинари ги оставаат своите животи. Од 1953 година кога за прв пат Едмунд Хилари го освои Монт Еверест, до 2010 година, за „Покривот на Светот“ се жртвувале 216 луѓе, помеѓу кои и Диме Илиевски Мурато – првиот македонец кој се искачил на овој врв, но не успеал да се врати назад. Најстрашниот инцидент се случил во 1996 година, кога како последица на големо снежно невреме, за еден ден загинаа дури 8 алпинисти. Голем дел од несреќите настануваат во „зоната на смртта“ над 8000 метри, каде нема доволно кислород, а воздушниот притисок е многу низок. Поради тоа, дишењето е многу отежнато, а висинската болест предизвикува вртоглавица, повраќање, поспаност, малаксаност, во потешки случаи безсознание и смрт. Уште повеќе ако се има во предвид дека над 8000 м температурите се далеку под нулата, а често беснеат и силни ветрови или снежни бури. Сепак и покрај ризиците, се повеќе планинари се обидуваат да го искачат Монт Еверест без резервен кислород, а од највисокиот камп (на околу 8000 м) до врвот и назад имаат на располагање само неколку часа. Интересно е што овој врв денес важи и за најскап за искачување, бидејќи целата експедиција (со придружба, логистика, помош од шерпаси, опрема и слично) во организација на непалските агенции чини од 20-30 илјади долари!
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 11626 пати!