Моето прво истражување
Беше тоа во април, далечната 1995 година. Заедно со моите колеги, „кумановци“, апсолвенти на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет, се договоривме да ја посетиме Бислимска клисура на реката Пчиња, во близина на градот Куманово. До тогаш, имав само слушнато за некаков „Бислим“ и тоа во неубава конотација, како лош, каменлив, непознат и непристапен простор („Бислим да фатиш“ кажано во негативна конотација). Сепак, за мене, клисурата беше еден вид откровение, не ни претпоставував дека на само 10-тина минути возење од Куманово, има таков типичен карстен простор. Токму затоа, веќе на следната средба, со задоволство му потврдив на мојот професор по геоморфологија (наука за релјефот), почитуваниот проф. Томе Андоновски, дека сакам да земам дипломска работа од тој предмет (кој ми беше омилен) и тоа на тема за Бислимската Клисура, за која претходно немаше речиси ништо во литературата. Така, од мај до ноември 1995 година, поминав главно истражувајќи ги карпестите предели на клисурата, особено возбуден што на тој мал простор од 6-7 км, „открив“ неколку пештери, пропасти, вртачи, понори, отсеци, раседи и слично. При тие десетина теренски посети, сфатив дека клисурата е уникат не само за подрачјето на Кумановско, туку и пошироко, што уште повеќе ме мотивира да ѝ се посветам. Занесен во желбата сериозно да истражувам и да дадам нешто оригинално од себе, од тогашната географска библиотека (од чичко Илија библиотекарот) зедов еден куп геоморфолошки и геолошки учебници, сепарати, зборници, трудови, списанија од поранешна Југославија, сето со цел да дознам барем малку повеќе за процесите и формите кои ги среќавав на терен. Во сето тоа, огромен поттик ми даде менторот, проф. Андоновски, кој (по негови кажувања) беше воодушевен од работата на дипломската. Како прав методичар и човек со широки видици, не само што ме насочи, туку ми даде „одврзани раце“ за моите идеи и замисли. Така, по неколкумесечна навистина напорна истражувачка и теренска работа, во декември 1995 година, успешно ја завршив и одбранив дипломската, на која како оригинален труд сум си горд и ден денес, по цели 30 години. Посветената и сериозна работа на дипломската (на Бислимската Клисура), на некој начин ми ја одреди иднината, а сите тие добиени знаења, беа одличен старт за понатаму.

Моето второ истражување
Речиси во истиот период, летото 1995, нашиот близок Кумановски сосед (дедо Ристо, инаку голем авантурист и човек со широки познавања), низ еден од бројните интересни разговори, ми спомена дека кај селото Куклица (Кратовско) имало високи карпи кои личеле на луѓе, па од тука било името на селото. Првин мислев дека е погрешна информација, шега, или дека се неколку обични карпести форми. Со мојата огромна љубопитност, а веќе влезен во филмот, не ми требаше многу да фатам пат за селото Куклица и да проверам какви се тие камења. Бев воодушевен кога сфатив дека станува збор за десетици земјени пирамиди, за кои претходно учевме дека во регионот ги има само во Ѓавоља Варош кај Куршумлија во Србија. Немаше крај на мојата радост што „открив“ уште една интересна релјефна појава и локалитет кој бил целосно непознат кај нас (барем во дотогашната литература). По втор пат, веќе во пролетта 1996 година, се занесов во нови истражувања, овој пат на Куклица, со намера да го изработам мојот прв научен труд. По прочитани десетици, да не кажам стотици различни научни и стручни текстови, почнав полека да навлегувам во „тајните“ на струката. Сфатив дека она што сме го учеле на студиите, било само една капка во морето на знаење неопходно да се „склопи“ нешто сериозно. Веќе во јуни истата година, на проф. Андоновски му ги доставив работните верзии на трудовите за Бислим и Куклица, отпечатени на обична машина за чукање. Бев полн со сомнежи, дали сум напишал како што треба, дали има смисла, личи ли сето тоа воопшто на нешто. Сепак, професорот беше мошне задоволен, како од работните материјали кои му ги доставив, така и од стручната дискусија која ја разменивме. Уште повеќе, ме праша дали би сакал да станам негов млад соработник (практично асистент). За мене, тоа беше гром од ведро небо, особено што си замислував дека тие места не се „за било кој“. Од друга страна, уште од мали нозе, уживав во љубопитноста и „истражувањата“, растурајќи и составувајќи разни играчки, подоцна електрични и електронски апарати, телескопи, па се до т.н. „микро компјутери“ (тогаш популарниот C-64).

Истражувачките почетоци на Институтот за географија
Како и да е, сериозно го прифатив предизвикот, па во декември, 1996 година, една година по дипломирањето, бев примен на Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет како стручен соработник. Тогаш, првична и главна мисла ми беше да дадам максимум од себе и да не го „засрамам“ професорот (таа мисла ме води до ден денес, иако за жал, професорот веќе не е меѓу живите). Веднаш по вработувањето, се запишав на магистерските студии, а меѓу првите работи што ги направив тогаш, беа да ги испрочитам речиси сите стручни и научни материјали во географската библиотека, особено оние поврзани со геоморфолошките карактеристики, форми и појави во Македонија. Конечно, по речиси 2 години од вработувањето, во списанието Географски разгледи беа објавени моите први оригинални трудови (тогаш, ние помладите моравме „да почекаме“:) и тоа за користење на геоинформатичкиот софтвер Surfer & Bryce за прикажување на релјефот (во 1998 година, оваа тема беше нешто ново), потоа трудот за подземните карстни форми во Бислимска Клисура (1999), малиот труд за Лишков Пештер (1999), а следната (2000 година) и трудот за Куклица. Истиот период, со проф. Андоновски изработивме два труда за загадување на карстот во Кумановската Котлина и за загадување на карстот на национално ниво (во Македонија), презентирани на Конгресот на Македонско Еколошко Друштво во 1998 година. Работејќи на трудот за загадување на карстот во Кумановската Котлина, носев десетици примероци вода од бунарите околу карстните области (особено околу Бислим), во Заводот за здравствена заштита во градот Куманово, а резултатите за жал, беа поразителни. Воедно добив многу подобра претстава за поврзаноста на површинските и подземните води во карстот, што ми послужи за голем број подоцнежни истражувања и апликации. Инаку, кон крајот на 1990-тите, немавме многу избор за објавување, немавме ни интернет, а за некои пософистицирани софтверски алатки не стануваше збор. Сепак, веќе во првите неколку години на ПМФ, си направив цел список на наслови и предлози за (според мене) интересни истражувања кои сакав да ги завршам и да ги публикувам во некое догледно време.

Магистерската работа
Во 1998 година, почнав со работа на магистерската тема, која (по препорака на менторот), се однесуваше на рецентната ерозија во Кумановската Котлина. Тоа за мене беше нешто сосема ново, воопшто не работено од географите кај нас, особено не во некој посериозен обем. За среќа, добив одлична поддршка од двајца драги професори на Шумарски факултет, кои веќе имаа значително искуство со истражување на ерозијата, секако од нивен, шумарски аспект. Охрабрен, опремен со крос-мопед, полн со нови идеи и запознаен со новата (ГИС) технологија, го поминав речиси секое долче и делче на Кумановската Котлина, од Кратовско на исток, до Липковско и Гошинце на запад и од Прешевско на север, до Овчеполието на југ. Така, во екот на конфликтната 2001 година, успешно ја завршив и одбранив магистерската. Во неа направив обид за користење на ГИС-технологијата во моделирање на интензитетот на ерозија, издвојување на ризичните подрачја, користење на 3Д модели за анализа на ерозивноста и слично. Подоцна (преку интернет) разбрав дека всушност сум бил меѓу првите кои направиле софтверска имплементација на моделот за потенцијална ерозија на Гавриловиќ, а на таа тема изработив и објавив труд во 2001 година. По магистрирањето, си дадов кратка пауза, по што следеше преточување на делови од магистерската во стручни и научни трудови, кои беа публикувани во 2002 година.
Истражувања за докторската дисертација
Таа 2002 година, почнав да си го поставувам и прашањето за темата на докторската дисертација. Менторот ми предложи да направам детална геоморфолошка (релјефна) анализа на Осоговските Планини, највисокиот и најпространиот планински масив во источниот дел на државата. На почетокот бев скептичен, особено што некои професори ми укажуваа дека оваа планина сепак е „монотона“, без некои особени гео-вредности. Токму тие укажувања ме поттикнаа (со доза на мој пркос, кој секогаш ме турка напред кога сум сигурен во нешто) да барам појави со што би докажал дека и не е баш така, а секако да го оправдам и размислувањето на менторот. Така, се занесов со обработка на палеовулканскиот релјеф на западната страна на планината, потоа глацијалниот и периглацијалниот релјеф во највисоките делови околу Царев Врв и Руен, стариот езерски и речен релјеф во пониските делови, а посебен акцент дадов на современата ерозија. На крајната југозападна страна на планината, утврдив дури и постоење на мали „оази“ на карстен релјеф, особено на Бугарската страна. Произлезе дека планината сепак не е толку монотона како што на прв поглед изгледа, а уште поголем е предизвикот да се препознае и објасни нешто што кај другите планини многу полесно би се воочило (барем визуелно). Така, во 2006 година, конечно, по четири напорни години работа, ја одбранив докторската дисертација. Во комисијата, 4 од 5-те члена беа професори-експерти тесно поврзани со проблематиката која ја работев (еден геолог, два геоморфолози, еден хидролог и еден картограф), со тогашен предлог да има и дополнителен член-геоморфолог од странство (почитуваниот проф. Балтаков од Софија). Сето ова ми беше поттик максимално да се подготвам за одбраната и истата успешно да заврши. Работејќи на докторската, а со цел идентификација и компарација на одредени релјефни појави, покрај Осоговските Планини, вршев детални истражувања на планината Влаина, Малешевските Планини, ниската планина Манговица и многу други низ Македонија. Од тие истражувања произлегоа дваесетина мои оригинални научни и стручни трудови кои беа објавени помеѓу 2004 и 2008 година. Од аспект на истражувања и публикувања, особено плодни беа 2007 и 2008 година, бидејќи само за тие две години, објавив дури 15 трудови, речиси сите како прв или единствен автор, а од нив, 8 во странски списанија и зборници од конференции.

Проектни истражувања, студии и апликации
Насобраните и покажаните знаења и искуства, беа причина за мојот прв посериозен проектен ангажман (од страна на Македонското Еколошко Друштво-МЕД) веќе во 2007 година на тема: изработка на Студија за природно-географските вредности на Осоговските Планини и одредување на најзначајните гео-локалитети на планината. Речиси во исто време, со драгите колеги од Бугарија (проф. Балтаков, проф. Кендерова и проф. Сарафов), дојдовме до идеја за заеднички билатерален проект за ерозивните процеси на планините Огражден, Малешевски Планини и Влаина. Конечно, речиси две години по поднесувањето во МОН, го добивме проектот, кој заеднички го работевме 2009 и 2010 година. Ни самиот не знам како, но набрзо почнаа да се нижат проектите еден по еден. Секој проект, студија, апликација, беа посебна приказна, за мене многу значајна, затоа што токму проектите кои ги работев претставуваа спој на теоретско знаење и барање начини за најдобро практично искористување на тоа знаење. Всушност, со оглед на слабите финансии и стопирањето на проектите од МОН, тие ангажмани ми беа можност за дополнителни истражувања, учења, нови идеи, нови техники и технологии, запознавање со луѓе и стручни лица од најразлични области. И така, до денес бев дел од експертски тимови во речиси 100 локални, национални, билатерални, меѓународни и проекти во странство, било како учесник, тим лидер (раководител) или клучен експерт за дадена област. Од сите тие активности, произлегоа илјадници страници составуван, размислуван, премислуван, анализиран, проверуван експертски текст, карти, модели, мултимедијални содржини, сето со бројни непроспиени денови и ноќи, со недели и месеци пред лаптоп или на терен, далеку од семејството, другарите, пријателите, по планини, долини, ридови, понекогаш сам, со исчекување на фамозното ДА, студијата е во ред, прифатена е. На крај следува задоволството од она што е сработено, особено кога ќе видиш дека барем дел од твоето знаење и истражување се ефектуирало во некој нов заштитен простор (национален парк, споменик на природата, заштитен предел и др.), нов реализиран инфраструктурен проект (пат, ветерница, далновод и сл.), уреден и промовиран туристички локалитет, заштитени подрачја од некој потенцијален природен ризик (свлечиште, порој, ерозија) и слично.
Истражувања поврзани со геодиверзитетот, геонаследството и неговата заштита
Особено ми е драго што некои проектни студии во кои учествував, беа основа за воспоставување на нови или ре-прогласување на постоечки заштитени подрачја. Такви се студиите за валоризација на Шар Планина (поврзана со прогласувањето на Националниот парк (НП) Шар Планина), Осоговските Планини (врз основа на која е прогласено Заштитен предел (ЗП) Осогово), Малешево (прогласен ЗП Малешево), Студијата за валоризација на Скопска Црна Гора, Студија за валоризација на специфична палеовулканска област „Градечки Чуки“ кај Крива Паланка, Студијата за валоризација на кањонот Камник, потоа студиите за ревалоризација на НП Маврово, ЗП Водно, СП Матка, СПР Тиквеш, Студијата за природна реткост Киселичка Пештера, Елаборатот за вулканските бомби кај Неокази, плановите за управување на НП Пелистер, НП Галичица, СП Маркови Кули, ЗП Осогово, стратешка оценка на план за управување со НП Шар Планина и други. Покрај наведеното, задоволство ми е што врз основа на моите истражувања на Куклица и објавениот труд во 2000 година, овој локалитет во 2008 година беше прогласен за Споменик на природата. Исто така, задоволен сум што дадов свој (се надевам значаен) придонес во Националната стратегијата за заштита на природата заедно со соодветната студија (во делот на геоморфолошкото наследство), како и во двете студии за природните карактеристики и за природното наследство за Просторниот план на Македонија 2021-2040. Од друга страна, разочаран сум што и покрај бројните обиди, сеуште не се покрена иницијативата за заштита на Бислимска Клисура, мошне значајно природно добро во Кумановско, а сеуште не е на повидок конкретно воспоставување на геопарк кај нас, иако со колегите од УГД работевме детална истражувачка студија за потенцијалниот геопарк Кратово-Злетово (кој ги има сите неопходни содржини за геопарк), како и одредени содржини во Демиркаписката област (заедно со колеги од Универзитетот Ферара во Италија и УГД во Штип). Воедно, повеќе години работев на Студија за СП Маркови Кули и соодветно досие за внесување на овој геолокалитет во листата на УНЕСКО. Инаку, периодов (летото 2025 година) со поголем тим експерти вршиме детални истражувања за валоризација на геовредностите на Демиркаписка Клисура и на планината Јабланица, а резултатите ќе покажат каков степен и колкав опфат на заштита ќе добијат овие подрачја. Исто така, во постапка е и изработка на голема едиција за заштитените подрачја во Македонија, со очекување дека истата ќе ја завршиме до 2026 година.

Истражувања поврзани со физичко-географски појави и локалитети како туристички атракции
Како човек кој е пасиониран вљубеник во природата, во изминатите години учествував како тим лидер и клучен експерт во истражувања и во изработка на дваесетина студии и стратегии од доменот на туризмот, особено во делот на гео-вредностите како туристичка атрактивност. Такви се Стратегијата за развој на туризмот во Североисточниот плански регион со Студија за одржливо користење на природните ресурси (2010), потоа Стратегијата за развој на туризмот во Источниот плански регион со соодветна студија (2015), Студијата за валоризација на природни и културни потенцијали во Бислимска Клисура во функција на туристички развој (2014), Студијата за мапирање на туристичките рути во Североисточен плански регион (2014), Студијата за туристичко искористување на природните вредности на Општина Гостивар и Маврово и Ростуше (2015), Регистарот за потенцијали на рурален туризам во Источниот плански регион (2017), Студијата за развој на енотуризам во Тиквешкиот регион Тера-Воно (2019), Студијата за развој на „паметен“ туризам во прекуграничниот регион Крива Паланка-Лесковац (2022), Студијата за туризам базиран на природа во НП Маврово и НП Шар Планина (2023) и други. Освен наведените стратешки документи, во 2014 година изработивме план за туристичко уредување на Бислимска Клисура, а во 2016-2017 година, преку издавачката куќа Тримакс и Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, имав можност дигитално да изработам речиси стотина информативни карти и табли за планинари и велосипедисти, кои беа поставени на соодветни локации низ државата. Истата година изготвив туристичка карта за општина Липково, а во 2020 година, бев дел од тимот за изработка на повеќе промотивни туристички материјали за Источниот плански регион.
Истражувања и студии за потенцијални природни (гео) непогоди
Би ги спомнал и студиите за природни (поточно гео) непогоди на кои работев со одличен тим соработници, како што беа прекуграничниот проект на општините Пехчево и Симитли за зачувување на природните ресурси и заштита од природните непогоди (2013-2014), потоа Студијата за мониторинг на СП Куклица (2022), Студијата за ерозивни подрачја во Општина Куманово (2023-2024), Студијата за промените на нивото на Караниколичко Езеро (2023) и други. Особено големо внимание, време и труд посветив на Студијата за климатски промени за Просторниот план на РСМ (2021-2040) работена во 2022-2023 година, а која е прва таква секторска студија за нашиот национален просторен план. Важно е да напоменам дека овие истражувања ми послужија како основа за публикација на повеќе трудови во реномирани странски списанија, особено во последните неколку години.
Останати истражувања и апликации
Освен истражување, заштита и промоција на вредното геонаследство, за мене огромен предизвик, но и животно искуство беа бројните експертски студии за оценка на влијание врз животната средина кои ги работев од 2015 година до сега (повторно главно во делот на гео-аспекти и гео-влијанија). Такви се студиите за далноводот Берово-Иловица (2016), за ветерниот парк Чичавица (2018) и Селац-Бајгора на Косово (2018), ветерниот парк Башаид во Србија (2020), ветерниот парк Фуше Арез во Албанија (2022), потоа студиите за железничките линии Куманово-Деве Баир-секција 3 (2017), Косово Поле-Подујево (2020), за автопатиштата Скопје-Блаце (2023), Гостивар-Кичево (2024-2025), за и други. По малку внимателно, но на крај сепак успешно, со еден мал, но одличен тим експерти, ја изработивме студијата за зеленило за подрачјето на ГУП Куманово (2024), во која свое место доби и заштитата од ерозија и други природни непогоди. Добар дел од предвидените инфраструктурни и други зафати оценети со споменатите студии се веќе изградени-реализирани, а предложените мерки во најголем дел имплементирани.
Овде мора да го споменам и учеството во повеќегодишниот проект „Геохронологија на глацијалните форми и пештерските седименти во Македонија и импликации за квартерниот развој на релјефот во централниот дел на Балканскиот Полуостров“ финансиран од унгарскиот национален фонд за наука. Со проектот кој се реализираше во периодот 2017-2023 година (а по иницијатива на драгиот колега д-р Марјан Темовски), беа опфатени неколку високи планини во Македонија (Јабланица, Јакупица и Шар Планина), со цел да се добие подобра слика за глацијалните фази во изминатите неколку стотици илјади години на територијата на Македонија.
Покрај наведените научно-стручни и апликативни активности, мојата голема љубов кон картите и дигиталните технологии, ме поттикна во 2014 година, да се нафатам на изработка на голем Атлас на светот во издание на Просветно Дело. Оваа задача за мене беше предизвик, бидејќи со сета тогаш достапна технологија, требаше да најдам начин да направам атлас со над 100 географски карти и тоа јас самиот, за само 6 месеци. Со навистина натчовечка работа, најдов соодветни дигитални алатки, погоден софтвер и добри бази на податоци и во предвидениот рок успешно го склопивме и издадовме атласот. Сепак, поради премногу краткото време, некои ситни дотерувања останаа недовршени, како обврска за следното издание. Освен Атласот, големо внимание, време и труд, посветив на дигиталната изработка на првата детална Педолошка карта на Македонија во размер 1:200,000 и 1:50,000, од 2015 година, работена заедно со колеги од Земјоделски Факултет, Земјоделски Институт и со помош на ФАО. Доволно е да се каже дека картата е од огромно стопанско значење за нашата држава. Истата (2015) година, со помош на најнова достапна технологија, работев на навигациски карти за реномираната TomTom навигација, потоа на серија училишни работни карти од Просветно Дело, а подоцна и на серија тематски карти за Стратегијата за рамномерен регионален развој за периодот 2020 – 2029.

Сите истражувачки сознанија, идеи и замисли, тешко можев да ги преточам во класичен труд, или друг пишан документ, па во 2011 година, решив да воспоставам портал (познат како ИГЕО), каде освен моите текстови, свои првични прилози и статии ќе објавуваат студентите, но и останатите колеги. До 2021 година, на порталот беа објавени преку 1200 статии, од кои речиси половината мои, а голем дел од нив оригинални, со презентирани резултати од лични истражувања. За жал, набрзо потоа, новиот уредник на порталот ја смени замислата и концептот да објавуваат што повеќе студенти и постдипломци заради своја промоција, но и промоција на Институтот и ПМФ. Како и да е, заради промена на концепцијата, моите статии ги префрлив на сопствен портал (igeoportal.net), со цел истите да бидат зачувани и повремено дополнувани. Денес, повремено, кога ќе имам доволно време, се обидувам да објавам нова статија, но сето тоа во дозирана мерка, со оглед на хаотично и неетичко преземање на оригиналните статии без никакво цитирање или наведување на изворот (за некои статии ми требало години и години претходно истражувачко искуство).
Покрај порталот, кој не беше сосема доволен да се изнесат, промовираат и укажат сите добиени сознанија, уште од 1997 година ги користев другите медиуми (особено телевизиски), главно во делот за подигање на јавната свест за потреба од поголема заштита на значајните природни (гео) подрачја и локалитети. Во таа смисла, водејќи сметка за не-претерување, но и за сопственото расположливо време, учествував на голем број телевизиски, радијски и други гостувања, давања изјави на актуелни теми, свои ставови, заклучоци и др.
За научните трудови
Секој од успешно завршените ангажмани, дали е проект, студија, научен труд или статија, бара огромна посветеност, желба, упорност и искрена работа. Со таа моја желба и упорност (која секако можеше да биде и поголема), од моето прво истражување на Бислим, до денес, вкупно изработив околу 140 трудови, а дополнителни десетина се дадени во печат и очекувам нивно публикување до крајот на годината. Денес, кога мошне често има едноставно „лепење“ на коавтори без реален придонес, лично ми е важно што во 75 трудови сум прв автор, а се стремам таквиот тренд на оригиналност во замислите и идеите да го задржам и понатаму.
Инаку, на почетокот, од една или друга причина, оправдано или не, повозрасните колеги инсистираа трудовите да бидат објавувани на македонски јазик и во македонски списанија, иако беше јасно дека сепак меѓународните списанија и објавувањето на англиски е „виза кон светот“. Токму затоа, последните 10-тина години, вниманието ми е насочено кон пореномираните странски списанија, со цел многу поширок круг на заинтересирани истражувачи од различни континенти, да ги осознаат нашите вредни, интересни и значајни геопојави, а и достигнувањата во нашата географска наука. Во таа смисла, во 2011 година го објавив мојот прв труд во странско списание со фактор на влијание (реномираното Zeitshrift fur Geomorfologie), а до моментот на ова пишување, во вакви списанија публикував или се во постапка на објавување вкупно 30-тина трудови. Всушност, објавувањето на трудови во индексирани и влијателни меѓународни списанија, денес е значајно и заради подигање на рејтингот на ПМФ и на УКИМ, па сакале или не, сите (особено помладите) треба да се стремиме кон тоа. Токму затоа, во последните 10-тина години, се обидувам да воспоставам соработка со што поширок круг на препознаени експерти од областа на геосот и блиски до физичката географија, не само од Балканот, туку и пошироко, со оглед на ограничениот (сосема мал) број експерти од тие области во рамките на нашата држава.
Согледувајќи го недостатокот од рецензенти, наспроти се поголемиот наплив на трудови и доцнењата на публикување токму во реномираните списанија, а со желба да бидам барем малку од помош, покрај сите останати обврски, последните години се посветив и на рецензии во научните списанија. Кај некои издавачки куќи, тоа е и начин да се објави нешто, што вообичаено чини 2-3 илјади евра (принцип на ваучери за секоја рецензија и попусти). Така, до сега рецензирав преку 120 трудови, потоа домашни и странски монографии, учебници, карти и други содржини за кои беше побарана експертска рецензија.
Наместо заклучок
Сето она што го работев изминативе 30 години, беше незамисливо без поддршка и разбирање од моите најблиски, потоа пријателите, колегите од ПМФ, од Македонија и од странство и секако без почитуваниот проф. Томе Андоновски, кој ми даде одлична насока во кој правец да се оди. Сепак, голем проблем во досегашните, а веројатно и идни истражувања, претставува недостатокот на млад кадар од физичката географија и геонауки на нашиот Институт, особено таков кој би сакал посветено и со голем жар да работи на истражувањата на геосот и поврзаните природно-географски процеси. За среќа, во државава сеуште има млади ентузијасти и истражувачи кои работат и објавуваат (како што е м-р Бојана Алексова, со која во последните 2 години објавивме дури 12 трудови во списанија со фактор на влијание), но токму тие, најчесто остануваат вработени по други (наместо истражувачки) институции.
Инаку, последните години, младите генерации обично се потпираат на „семоќта“ на новите технологии, кои нудат бројни предности, можности кои порано беа незамисливи. Сепак, во географијата и геонауките, теренската работа останува незаменлива и примарна. Она што ќе се види со свои очи, тешко може да се долови и разбере од фотографија, видео, дронска снимка или пак 3Д модел, иако сите нив, мошне често ги користам во истражувањата, но како помошни материјали. За теренска работа пак, неопходни се соодветна подготовка и превозно средство, желба да се пропешачи некој километар, да се остави стравот од домашни и диви животни на страна, а пред се да се знае што се задачите и очекувањата од тој терен. Претходната добра подготвеност со неопходни сознанија за просторот и она што се работи, јасно поставените цели и добро претпоставените резултати се рецепт за успешно истражување со реализирана крајна цел-објавен труд, прифатена-одобрена студија, елаборат, извештај, карта и слично.
А јас, со надеж за добро здравје, во годините кои следат, ќе се потрудам да реализирам барем дел од бројните истражувачки идеи кои ми се моткаат низ глава. Би посакал тоа да биде заедно со моите студенти, магистранти и докторанди (на ПМФ-УКИМ), со драгите колеги Македонија и од странство и со сите оние чесни, искрени луѓе кои имаат голем ентузијазам, жар, ведар дух, енергија и посветеност кон својата работа.
Автор на текстот: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 56 пати!