Летото 2025 година се очекува да биде со натпросечни температури во тримесечниот период јули-август-септември, со зголемена фреквенција на топлотни бранови, епизодна нестабилност и локализирани конвективни врнежи. Според прогнозите од ECMWF и Коперниковата служба за климатски промени (C3S), просечната температура за јули и август може да биде повисока за 1–2°C над климатската норма (1991–2020), особено во пониските урбани подрачја. Иако количините на врнежи ќе останат блиски до нормалата, распределбата ќе биде нерамномерна, со зголемена веројатност за краткотрајни, но интензивни локални временски непогоди. Нестабилноста ќе биде дополнително поттикната од позитивните аномалии на температурата на морската површина (SST-Sea Surface Temperature), пониски вредности на приземниот воздушен притисок и неутрални услови за ENSO (El Niño–Southern Oscillation; Ел Нињо–Јужна Осцилација).
- Главни атмосферски фактори
Според Климатскиот центар за Прогноза (CPC-NOAA), Ел Нињо индексот се очекува да остане неутрален со 82% веројатност за периодот јуни–август 2025. Постојат изгледи неутралната состојба да продолжи и во зимата 2025/26, но со 41% можност да премине во Ла Ниња (La Niña; ладна фаза). При неутрални услови, се засилува улогата на регионалните атмосферски шеми, како што се Северно-Атлантската Осцилација (NAO-North-Atlantic Oscillation) и Арктичката Осцилација (AO-Arctic Oscillation) кои се значајни климатски фактори за динамиката на поларниот центар со низок притисок во најсеверните делови од континентот и статусот на млазната струја која ги разграничува воздушните маси и фронтални системи. Летото 2025 година се очекува да биде под влијание на неутрална до благо позитивна фаза на Арктичка осцилација (AO) и поларниот вртлог. Ова може да доведе до поголеми геопотенцијални вредности (барички гребени) над Западна Европа како и ниско геопотенцијални аномалии (термо-барички долини) над Источна Европа. Резултатот е јакнење на меридијанскиот градиент над Балканот, што поттикнува нестабилност и конвективна активност во Македонија. Северно-Атлантска осцилација (NAO) се очекува да биде неутрална до благо позитивна, со тенденција на доминација на висок притисок во Средна Европа. Во однос на температури на морската површина (SST) морските површини од Јадранско и Егејско Море покажуваат аномалии од +0.5 до +2.0°C, што придонесува за зголемено испарување и повеќе влага во граничниот слој на атмосферата и поголем потенцијал за локални невремиња и грмежи.
- Прогноза на температурата
Кои се очекуваните трендови? Сезонските климатски модели на ЕУ-Коперникус (C3S) за летниот тримесечен период (јули–август-септември), покажуваат позитивна температурна аномалија во југоисточна Европа и Македонија и тоа помеѓу 1 и 2°C. Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF), како и глобалниот GFS модел на Националниот Центар за Атмосферски Истражувања (NCEP) од САД, предвидува почеток на првиот топлотен бран околу 24 јуни, привремено суспендиран поради дестабилизација на времето на 27–28 јуни и 3–4 јули. Продолжени топлотни епизоди се очекуваат во јули и август, со можни температурни рекорди (Сл. 1).


- Временски нестабилности и врнежи
Според горенаведената анализа, летото 2025 покажува одредени синоптички и динамички сигнали поврзани со поволни услови за развој на нестабилности, за разлика од минатогодишниот изразен сушен и екстремно топол карактер. Имено, повеќе метеоролошки модели укажуваат на понизок притисок над југоисточна Европа и повисок притисок над северните делови на континентот, што создава услови за формирање на синаптико-динамички образец на циркулација со засилено Атланско влијание. Тоа, од метеоролошки аспект, подразбира зголемена веројатност за летни нестабилности, односно повремени грмежливи процеси, локални врнежи и изразита атмосферска динамика.
Иако трендот на температурите е за 1 до 2°C над просекот за сезоната, не се детектираат јасни сигнали за значаен дефицит на врнежи, што дава одредена веројатност дека опасноста од интензивни суши и шумски пожари би била поумерена во споредба со минатата сезона (Сл.3). Исто така, се очекува серија топлотни бранови, но со повремени прекини поради атмосферски промени, што дополнително ги намалува условите за долготрајни екстреми. C3S не покажува силен сигнал за врнежи, па се очекуваат вредности блиски до климатскиот просек. Врнежите ќе бидат локални и конвективни, нерамномерно распоредени, со потенцијал за развој на мезоскални конвективни системи (МКС) како и локални грмежи, град, силен ветер и обилни врнежи за кратко време. Во јули и август, се очекуваат периодични топлотни бранови (со умерен интензитет, помалку екстремни од 2024 година, засилување на сушни услови, особено во втората половина од јули и август, поголема опасност од пожари, која е во согласност со фазата на созревање на вегетацијата (Таб. 1).
Табела 1. Очекувања по месеци за лето 2025
Месец | Температура | Врнежи | Клучни карактеристики |
Јуни | Значително над нормалата
(од 1 до 3 °C) |
Под нормалата изразен дефицит | Прв топлотен бран (24 јуни), нестабилност (27–28 јуни), високи температури |
Јули | Над нормалата (1 до 2 °C) | Околу нормалата | Можни топлотни бранови, суша во втората половина со почеток на шумски пожари, но и повремени нестабилни услови |
Август | Над нормалата (1 до 2 °C) | Околу нормалата | Зголемен ризик од пожари, можни топлотни бранови, суша во втората половина но и повремени нестабилни услови |
Септември | Благо над нормалата
(0.5 до 1 °C) |
Околу нормалата | Постепено балансирање на атмосферата, благо намалување на толината, постабилни денови, можни повремени нестабилности |
Во јули и август, се очекуваат периодични топлотни бранови (со умерен интензитет, помалку екстремни од 2024, засилување на сушни услови, особено во втората половина од јули и август, поголема опасност од пожари, која е во согласност со фазата на созревање на вегетацијата.

4. Екстремни временски настани и потенцијални природни (гео) непогоди
Претходно наведените прогнози упатуваат на зголемен ризик од пожари во летото 2025, особено во шумските и руралните области на Македонија. Со оглед на високите температури, скромните врнежи и намалената влажност, условите ќе бидат поволни за ширење на пожари, особено во јули и август, кога традиционално е пикот на пожарната сезона. Покрај климатските фактори, човечките активности, како запуштени земјоделски површини и намалена одржливост на шумите, дополнително го зголемуваат ризикот. Особен ризик од појава на пожари ќе има вдолж патиштата кои минуваат низ пониските и посушни делови на државата, во близина на шумски комплекси, особено од четинарски тип.

Како што е претходно напоменато, топлотните бранови нема да се толку долготрајни како во летото 2024 година, односно се очекува да се пократки, но поекстремни (со повисоки температури). Затоа е неопходна добра подготвеност на соодветните здравствени установи, со почитување на препораките на здравствените работници, во поглед на заштита од високи температури. Важно е да се напомене дека сувите услови и топлотните бранови можно е да доведат до други проблеми, како недостиг на вода, особено во земјоделските области. Локалните невремиња, иако не се очекува да бидат екстремни и во голем обем, можат да предизвикаат привремени проблеми. Прогнозите покажуваат можни појави на локализирани поројни поплави, со зголемен ризик за руралните подрачја во подножјето на планинските падини, но и за некои урбани подрачја. Посебно зголемен ризик се очекува во почетокот на месец јули и во месец август. За да се минимизираат ризиците, се препорачува следење на официјалните метеоролошки извештаи и предупредувања, особено од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Северна Македонија. Со оглед на значителниот потенцијал од поројни поплави, претерана ерозија, свлечишта и шумски пожари, во минатиот период, беа изработени мошне детални и прецизни модели (карти) кои ги означуваат ризичните и проблематични подрачја. Дел од нив се претставени на долните слики.
Во таков контекст, укажуваме на потребата од навремено следење на развојот на временските услови, особено во однос на земјоделството, шумското стопанство и водоснабдувањето. Како експерти од областа на метеорологијата и природните (гео) непогоди, целта на овој аналитички осврт е да ги предочи потенцијалните ризици и можности на надлежните институции и јавноста и да придонесе кон подобро превентивно делување и подготвеност.
5. Заклучок
Летото 2025 година се издвојува како сезонски период во кој климатските услови ќе бидат проследени со зголемена динамика и потенцијални ризици, но истовремено и како шанса за демонстрирање на проактивна отпорност на општеството. Првичните метеоролошки сигнали упатуваат на температурни отстапувања од просекот, со присуство на серија топлотни бранови, но со можни интервали на нестабилност, кои би ја ублажиле заканата од долготрајни суши и пожари какви што се бележеа во изминатите години.
Особено е важно да се истакне дека, според сите досегашни анализи, климатската и временска слика за ова лето најмногу ќе зависи од регионално покренати синоптичко-динамички системи и обрасци на циркулација, кои ќе го определат интензитетот, времетраењето и распределбата на топлината и нестабилностите во текот на сезоната.
Во таа смисла, летото не треба да се гледа исклучиво како климатска закана, туку и како повик за навремено препознавање на ризиците, стратешко дејствување и градење капацитети за прилагодување. Со научно заснована проценка на ризикот, со ефикасна интерсекторска соработка, како и со добро координирани превентивни активности, можеме навремено да ги минимизираме последиците од климатските екстреми. Тоа би помогнало во следните аспекти: значи:
- Заштита на човечките животи и јавното здравје преку подготвени системи за рано предупредување и јавна информираност,
- Намалување на економските загуби, особено во секторите земјоделство, енергетика и шумарство,
- Јакнење на институционалната отпорност и промовирање на научните и иновативни сознанија и одржливи политики и практики што ќе обезбедат долгорочна прилагоденост кон климатските предизвици.
Овој сезонски климатски преглед е подготвен со цел да послужи како стратешки ориентир и аналитички придонес во процесот на носење одлуки, планирање и подготвеност на институциите, засегнатите сектори и пошироката јавност. Во крајна линија, климатската отпорност не е само прашање на реакција, туку и на визија, солидарност и одговорност – кон сегашните и идните генерации.
Автори:
Проф. д-р Владо Спиридонов и проф. д-р Ивица Милевски Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје
Скопје, 24 Јуни 2025 год.
Оваа статија е прочитана 81 пати!