Научен тим предводен од проф. д-р Ивица Милевски неодамна објави труд во меѓународното списание Atmosphere, за подложноста на територијата на Македонија на поројни поплави. За целта на трудот, кој воедно е прв таков кај нас, користени се најсовремени техники на далечинска детекција и сателитски продукти обработени преку Google Earth Engine (GEE). Преку комбинација на повеќе фактори (релјефни, почвени, вегетациски карактеристики, ерозивност на почвата и користење на земјиштето) и соодветна методологија, добиена е извонредно детална карта (во 10-метарска резолуција) на индексот на потенцијална поројност (Flash Flood Potential Index; FFPI), кој покажува кои подрачја се подложни на концентрација на поројни води и создавање на поројни поплави. За подобар просторен преглед, добиените резултати се сведени на ниво на мали сливни подрачја (околу 1300), со површина помеѓу 50 и 100 км2.

Добиените резултати се алармантни: повеќе од половина од територијата на Македонија припаѓа на зони со висока и многу висока подложност на поројни поплави. Најзагрозени се планинските предели и сливовите со стрмни наклони и слаба пошумeност, каде што ризикот од брзо и нагло надоаѓање на водите е особено изразен.
За да се провери точноста на резултатите, во трудот, токму врз основа на FFPI индексот и максималните регистрирани врнежи на територијата на Македонија, пресметани се максималните дневни истекувања и протеци на наведените 1300 водотеци. Добиените податоци се споредени со забележаните апсолутно максимални протеци и појавените (околу 330) поплави, при што е добиено значително совпаѓање. Тоа пак покажува дека целата постапка, од изборот на методологијата, изработката на картите на индексот на потенцијална поројност, до податоците за максималните истекувања и протеци е мошне внимателно и прецизно поставена.

Ова истражување претставува значаен чекор кон подобро разбирање и управување со природните непогоди во Македонија. Трудот не само што нуди научен придонес, туку и практична алатка за институциите и локалните заедници во борбата со сè почестите и поразорни поројни поплави. Резултатите, односно добиените карти во висока резолуција, можат да се применат во системите за рано предупредување, просторно планирање и заштита на населението и инфраструктурата. Тоа особено од причина што досегашните трендови и климатски сценарија, укажуваат на сѐ позачестени екстремни метеоролошки појави во идниот период (поројни врнежи, суши, невремиња и сл.). Во таа смисла, се надеваме дека добиените детални дигитални растерски модели и карти, ќе си го најдат своето место кај релевантните институции.

Резултатите од овие истражувања и модели на потенцијалната поројност, ќе бидат основа за следната работа, која веќе е отпочната, а се однесува на зонирањето на подложноста и ризичноста на Македонската територија од повеќекратни потенцијални геонепогоди (ерозија, свлечишта, поројни водотеци и др.).
Во оваа прилика, упатуваме голема благодарност до авторскиот тим, каде покрај главниот истражувач, значајна улога имаат и м-р Бојана Алексова (докторанд на Универзитетот во Нови Сад), д-р Александар Ваљаревиќ (Географски факултет при Универзитет во Белград) и д-р Пеце Горшевски (Универзитет Бовлинг, Охајо-САД).
Трудот може да се погледне на овој линк, додека моделот на следниот линк.
Оваа статија е прочитана 129 пати!




