Импакт факторот и неговата (зло)употреба

31.12.2014

книгаДеновиве една од најчесто застапените теми низ медиумите се импакт факторот (ИФ) или т.н. фактор на влијание и индексирачки бази на научни списанија, цитирања, истражувачи и сл. Во најголем број од медиумите, само површно, паушално, па дури и тенденциозно се изнесуваат наведените поими. Причина за тоа е што со импакт факторот и индекс-базите, наеднаш почнаа да се занимаваат тие што воопшто нити ги засегало, нити биле во „допир“ или прв пат слушнале за спомената проблематика. Затоа ќе се обидеме многу концизно да појасниме што е импакт фактор и што се научни индекс-бази, меѓу кои и фамозниот Web of Science.

Импакт фактор се однесува на просечниот број на цитирања на трудовите објавени во некое списание во претходните 2 години. Тоа значи дека импакт фактор не се однесува на самиот труд, ниту пак на авторите на трудот, туку на списанието како целина и тоа само за дадена година. На пример, да земеме дека некое научно списание има импакт фактор 1 за 2013 година. Тоа значи дека во просек, секој труд објавен во тоа списание во 2011 и 2012 година бил цитиран по еднаш, во некое индексирано научно списание. Следната година, истото научно списание има различен импакт фактор, а разликата обично е до +-50% (извор).

  • На почетокот, до пред 10-тина години, импакт факторот како „чесен“ и „реален“ показател за значењето на некое научно списание беше во голем нагорен тренд. Меѓутоа, во последно време во светските научни кругови се покренува голема дебата за тоа колку навистина импакт фактор на некое списание е показател на квалитетот на поединечни трудови во тоа списание. Воедно, речиси невозможно е да се процени поединечниот „фактор на влијание“ или „на значење“ на некој истражувач, бидејќи во последните години, трудовите објавени во списанија со висок импакт фактор имаат се поголем број на автори по труд., понекогаш дури и над 10 автори во еден труд. Јасно е дека многу тешко може да се увиди индивидуалниот придонес или импактот на поединецот во таква голема група.
  • Subject-Variation-in-Impact-Factors
    Просечен импакт фактор по научни области (извор)
  • Бројни истражувања потврдуваат дека големината на импакт факторот и бројот на цитирањата е извонредно различен за различни научни дисциплини, па дури и за разни полиња во една иста дисциплина. Во таа смисла, секакво споредување помеѓу научните области и дисциплини е безпредметно (извор).
  • Квалитетот на одреден научен труд и големината на импакт факторот на научното списание во кое е објавен тој труд, воопшто не мора да кореспондираат. Има трудови кои се далеку надпросечно цитирани, но и трудови во истото списание со незначителна цитираност.
  • Бидејќи повисок импакт фактор на некое списание обично носи и поголем профит или позиција, во последно време уредниците (едиторите) на тие списанија се свртуваат кон „пазарно ориентирано“ објавување на трудови. Имено, им се инсистира на авторите во самите трудови да има што поголема цитираност на други партнерски списанија. Потоа, се дава предност на научни прегледи за одредена област што носи голема цитираност, наместо приказ на методологија и резултати од просторно-локализирани и конкретни истражувања. Воедно, се отфрлаат трудови за кои постои проценка дека можеби нема да бидат доволно цитирани на „светскиот научен пазар“.
  • Со цел поголема цитираност, научни списанија (поточно нивните уредници) кои третираат просторно-поврзани проблеми, инсистираат на приказ на истражувања на подрачја и појави од регионално или континентално значење. Така на пример, во хидролошки истражувања се инсистира сливовите да бидат барем над 10.000 км кв., а во Република Македонија таков е само сливот на Вардар. Во последно време се дава предност на трудови што се поврзани со користење на нови и скапи технологии кои се недостапни за помалите и посиромашните држави. Така, неколкукратно сме се сретнале со барањето за употреба на специјални и прецизни ГПС станици или ласерски модели на теренот и слично, кои чинат десетици, па и стотици илјади евра.
  • Во последно време е изразен проблемот на понекогаш непотребно допишување на голем број автори, особено ако се работи за трудови кои се издаваат во списанија со повисок импакт фактор, појава на глобално рамниште наречена псевдо-авторство (извор). Се почесто можат да се видат трудови со по 10, 15, па дури и 20 автори, кои често, меѓусебно едноставно го менуваат редоследот на секој следен труд. Поентата е да се добијат што повеќе трудови со импакт фактор, а обично секој од автоите (или евентуално 2-3 од нив) вистински работат на еден труд. Заради овој проблем, некои списанија настојуваат да го ограничат бројот на авторите на максимум 10 (извор). Јасно е дека во таква ситуација, вистинската вредност на истражувачот, воопшто не кореспондира со бројот на објавени или индексирани трудови и дава сосема лажна претстава за неговиот квалитет (ако се темели само на тој критериум).

Имајќи ги во предвид наведените, но и повеќе други слабости, бројни силни национални и регионални истражувачки организации (германската, американската, британската, италијанската и др.) донесоа декларации и препораки за користење на импакт факторот. Забелешките, декларациите и препораките се во следното:

  • Импакт факторот треба да се користи исклучиво и многу внимателно за споредување на влијанието на научните списанија во рамките на конкретно научно поле, но не за поединечни трудови во тоа списание, а уште помалку како проценка за „вредност“ или „квалитет“ на авторите (истражувачите) на одреден труд (извор).
  • Импакт факторот не смее да се (зло)употребува за споредба помеѓу истражувачи од различни дисциплини, бидејќи неспоредливо различен е и бројот на списанија со импакт фактор за нив. Така, во природно-техничките и медицински науки, за одредени дисциплини има преку 100 списанија со ИФ поголем од 5, додека за општествените, посебно за некои историско-демографски, лингвистички, етнолошки и други дисциплини, воопшто нема списанија со импакт фактор поголем од 2-3, а и вкупниот број на такви списанија е помал од 30-50.
  • Германската и Американската научна фондација, во 2010 година веќе донесоа нови упатства, според кои индивидуалниот придонес на истражувачот за постигнување и напредување во научните позиции, како и за финансирање на проекти, менторства и други научни активности, ќе се оценува според неговата севкупна научна работа и квалитетот на објавените трудови. Се заклучува дека во претходниот период преголемо значење му било посветено на импакт факторот, h-индексот и други библиометриски показатели, кои не укажуваат на севкупниот квалитет на научникот (извор).
  • Поради преголемото значење кое се дава на импакт факторот во проценка на квалитетот на научниот кадар и бројните злоупотреби поврзани со тоа, во 2012 година во Сан Франциско-САД е донесена Declaration on Research Assessment (DORA) која до сега е потпишана од десетина илјади научници и огромен број врвни научни институции (извор).
  • Самиот Thomson Reuters во чии рамки е познатата датабаза на индексирани списанија Web of Sciences јасно укажува дека „ниту една метрика не може целосно да ја изрази комплексноста на придонесот на истражувачите во нивните научни дисциплини, па затоа освен импакт факторот и индекс базите, многу други научни активности треба да се земат во предвид при проценка на некој истражувач“(извор, извор).

Како заклучок, може да се каже дека цитираноста на некој истражувач, бројот на објавени трудови во списанија со импакт фактор, индексираноста на научните списанија во кои се објавени трудовите и слично, треба секако да се земе во предвид при проценка на научната ефектива и да му се даде соодветно значење, со особена внимателност кон различни дисциплини и научни полиња (во различни држави во светот, на овој сегмент му се даваат од 20-70% од севкупната „научна проценка“ на истражувачот, извор). Меѓутоа, за севкупната научна активност, потребно е да се процени севкупната научна и стручна ангажираност, посветеност и влијание во дадено поле или дисциплина: од презентации на меѓународни конференции, експертско учество во научни и апликативни проекти, трудови во национални списанија со посебно значење, научни монографии, промоција и популаризација на науката, изработка на дела со посебна содржина (атласи, збирки, акти и сл.). Тоа е особено значајно за мали држави како што е Македонија, која тежнеејќи кон „глобалниот импакт фактор“, може целосно да го загуби „националниот научен интерес“ (извор)(всушност, ваква опасност увиде и Словенија, па затоа изврши одредена корекција во научната евалуација). За некакво реално квантифицирање на сите наведени сегменти, треба да се изготви и постојано да се ажурира детална датабаза на научниот кадар во Република Македонија, а за секоја активност да се утврди одреден индекс или број на поени. Во оваа постапка, многу важно место, покрај останатите, преку своја програма треба да има Националната Универзитетска Библиотека (НУБ), како што е во речиси сите земји на регионот и пошироко.

Она што е важно, дека во светот, најчесто на универзитетите или научните институции и институти им се остава сами да утврдат критериуми за научен квалитет на своите истражувачи. Тоа е во духот на трката по знаење, квалитет и рејтинг на секој универзитет одделно. Всушност, токму по тоа се препознаваат водечките универзитети и научни центри во некоја држава, регион или пак на глобално ниво.

Автор: д-р Ивица Милевски

 

Оваа статија е прочитана 9851 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *