Утре Земјата е најблиску до Сонцето!

3.01.2014

perihel-afelУтре, на 4-ти јануари во 6.36 часот, планетата Земја ќе биде најблиску до Сонцето за 2015 година, во положба перихел. Во тој момент, нивното взаемно растојание ќе изнесува околу 147 милиони км, што е околу 2,5 милиони км помалку од просечната вредност, односно околу 5 милиони км помалку од максималното растојание (152 милиони км) познато како афел. Поради близината до Сонцето, во месецот јануари Земјата се движи околу 1 км/сек побрзо (30,3 км/сек) по својата патека отколку во јули, што е причина и за малку пократко траење на годишните времиња (зима на северната, а лето на јужната полутопка) во овој период. Иако би требало да се очекува помалото растојание да резултира со потопли јануарско-февруарски лета на јужната полутопка, тоа не е така заради многу понерамномерниот распоред на водата и копното. Сепак, има еден друг многу значаен ефект, а тоа е што количеството на УВ и други зрачења од Сонцето во овој период е поголемо за околу 7%. Тоа зголемување е доволно да предизвика значајни ефекти врз испарувањето на водата во Светскиот океан, влијаејќи врз глобалниот и регионалниот распоред на врнежи. Поради оштетувањето на озонските слоеви, перихелната положба во последно време понеповолно се одразува врз живите организми и човекот, главно преку намалување на имунолошкиот одговор или преку оштетување на кожата и очите. Затоа, без оглед што е зима, треба да се внимава на изложеноста на директното сончево зрачење, особено на повисоките планини!

Поради перихелната положба, Сонцето овие денови одлично се гледа и фотографира со послаби оптички инструменти кои имаат заштита и филтри (може и темна, неупотребена филм-фолија или тенка алуминиумска фолија). Всушност, можат да се видат и неколку сончеви дамки кои постепено ќе исчезнуваат, бидејќи Сонцето влегува во период на мирна активност.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 5363 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *