Деновиве, во реномираното меѓународно списание Open Geosciences беше објавен трудот Мултихазардно моделирање на подложност на ерозијата и свлечишта на национално ниво, на примерот на Република Македонија, од авторите проф. д-р Ивица Милевски (ПМФ-УКИМ, Скопје), м-р Бојана Алексова (МААРИФ-Скопје), проф. д-р Тин Лукиќ (ПМФ-Нови Сад), проф. д-р Славољуб Драгичевиќ и проф. д-р Александар Ваљаревиќ (двајцата од Географскиот факултет на Белградскиот Универзитет). Во трудот е направен обид на зонирање на територијата на Македонија, според подложноста на ерозија и свлечишта, со посебен акцент на особено изложените и ризични подрачјата. За таа цел, како влезни параметри се користени повеќе дигитални бази на податоци (слоеви), како:
- Геолошката-литолошката основа (видови на карпи) и почвена карта, класифицирани според цврстината и отпорноста на ерозија;
- Дигитален модел на релјефот и од него произлезените наклони, експозиции и конвексност/конкавност на теренот;
- Покриеност и начин на користење на земјиштето (преку Corine Land Cover растер моделот);
- Видливи ерозивни процеси на теренот (преку т.н. BSI индекс);
- Оддалеченост од патишта, реки и населби (според бафери на векторизирана основа);
- Изотермна и изохиетска карта на државата (добиени од сателитски снимки во Google Earth Engine) и др.
Овие влезни параметри се обработени преку посебни емпириски равенки и верифицирани математичко-статистички постапки (метод на ерозивен потенцијал, стапка на честина), користејќи соодветен ГИС софтвер (SAGA, QGIS). Со серија пресметки се добиени класата на ерозивност на теренот, просечниот износ на ерозија (во m3/km2/год), како и степенот на подложност на појава на свлечишта.
За проверка на точноста на резултатите, користени се теренски сознанија, податоци од мерењата на наталожениот нанос во вештачките акумулации, поклопувањето на класите од моделите со положбата на регистрираните свлечишта и сл. При тоа е пресметана точност од 79-88% што за голема национална територија е сосема задоволителен резултат. На крај, извршено е преклопување на терените со најголема подложност на ерозија и свлечишта (односно на двата модели), при што е добиена т.н. мултихазардна зона, која е особено загрозена од комбинираната изложеност на двете појави.
Инаку, податоците од моделите покажуваат дека дури 22,3% од територијата на Македонија е со силен ерозивен потенцијал или значителна подложност на свлечишта. Од тоа, на 3,8% од територијата (на околу 1000 km2), овие закани се изразито високи и од двојна природа, односно се препокриваат и комбинираат. Ваквите подрачја треба максимално да се избегнуваат за стопански и градежни цели (домување, инфраструктура, разни објекти и сл.), или пак доколку е неопходно, претходно да се преземат внимателни противерозивни, биотехнички и градежно-технички мерки.
Истражувањето е особено значајно со оглед на постојаниот тренд на климатски промени, глобално затоплување и зачестеноста на екстремни настани, особено краткотрајни врнежи со голем интензитет. Во таа смисла, без оглед на процесот на деаграризација и напуштање на руралните простори (а со тоа намалување на ерозивноста), во наредниот период за очекување се зачестени геонепогоди од катастрофален вид. Токму затоа, моделот на ерозивно-свлечишни подрачја е солидна основа за издвојување на „ризични подрачја“ кои треба да се под особено внимание.
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 40 пати!