7.03.2018
Како резултат на повеќегодишните истражувања, деновиве е изработен првиот дигитално-растерски модел на подрачјата подложни на појава на свлечишта во Република Македонија. Истиот покажува терени, места и зони каде веќе постојат активни свлечишта или има голема веројатност од нивна појава при погодни метеоролошки услови. Моделот е добиен со посебна софистицирана постапка на ГИС-базирано преклопување на повеќе дигитално-квантификувани фактори од значење за појава на свлечишта. Меѓу нив, посебна важност е дадена на геолошкиот (литолошкиот) состав, наклоните на релјефот, типот на наклони, видот на вегетациска покривка, оддалеченоста од водотеците и од патишта и др. За секој од наведените фактори е одреден и доделен т.н. тежински коефициент (кој укажува на релативното значење на некој фактор). Така на пример, најмал тежински фактор кај наклоните е даден за терени до 5 степени, а најголем за терени со наклон од 10 до 30 степени. Што се однесува на геолошкиот состав, највисока вредност е дадена на кластичните седименти и шкрилци, а најмала вредност на компкатните цврсти карпи (кои генерално се непогодна средина за појава на свлечишта). Исто така, издвоени се бафер зони покрај речните текови и патишта, за кои е дадена вредност на влијание. Самите „тежински“ вредности се добиени со сложена постапка на споредба на локацијата на регистрираните свлечишта (близу 200) во однос на секој фактор пооделно. Со собирање на вредностите од сите фактори и за сите слоеви, добиен е вкупен потенцијал за појава на свлечишта на некој дел од територијата на Република Македонија. На крај се издвоени 5 категории на терени и тоа: терени без потенцијал за појава на свлечишта (непогодни за свлечишта), терени со слаб, среден, висок и многу висок потенцијал за појава на свлечишта.
За да се провери точноста на моделот, направена е проверка на крајните резултати со положбата на регистрираните и од наша страна евидентирани свлечишта во Република Македонија (врз основа на теренски истражувања, анализа на топографски и геолошки карти, соодветна документација, анализа на сателитски снимки и дигитални висински модели). Споредбата покажа дека совпаѓањето е прилично високо (92,6%), а со тоа и дека дека добиениот модел (во таканаречена прва апроксимација) е доста прецизен.
Според податоците од добиениот модел, најголем дел од површината на државата, односно околу 60% е без ризик или со многу слаб ризик од појава на свлечишта. Од друга страна, 18% од територијата или околу 4500 km кв. се терени погодни и многу погодни за појава на свлечишта. Што се однесува до висинскиот распоред на подрачја погодни за појава на свлечишта, процентуално, истите најмногу се застапени во висинскиот појас од 500 до 1000 m, потоа од 1000 до 1500 m, а нешто помалку на височина до 500 m. Значителни површини се јавуваат и над 2000 m надморска височина, но овде често станува збор за посебен тип на таканаречени термогени свлечишта.
Секако, за уште попрецизно моделирање, неопходно е да се земат во предвид повеќе дополнителни фактори кои имаат значење за појава на свлечишта: експозициите, положбата во однос на населбите, микро-климатските и метеоролошки фактори и др.
Моделот на подрачја подложни на појава на свлечишта, дава солидна основа за планирање и преземање на превентивни мерки и активности, но и за избегнување на евентуални штети или човечки загуби, посебно при долготрајни и поројни врнежи, или пак при нагло топење на снегот. Тоа посебно ако се има во предвид големината на штетите од свлечиштата и одроните во Македонија, особено во пролетниот и есенскиот период.
Работната верзија на дигиталниот – ГИС базиран модел на потенцијал (или погодност) за појава на свлечишта може да се најде овде. Инаку, резултатите од ова истражување ќе бидат презентирани на големата Меѓународна конференција ICC&GIS-2018, во Репулика Бугарија.
Автор: д-р Ивица Милевски
Соработник: Моника Андрееска
Оваа статија е прочитана 6759 пати!