Магистрант на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, објави научен труд во реномираното меѓународно списание Atmosphere

Деновиве во познатото меѓународно списание Atmosphere излезе труд под наслов: „Modelling Water Erosion and Mass Movements (Wet) by Using GIS-Based Multi-Hazard Susceptibility Assessment Approaches: A Case Study – Kratovska Reka Catchment, North Macedonia„ (во превод: Моделирање на водната ерозија и лизгање на земјиштето со користење на ГИС базиран мултихазарден пристап, на примерот на сливот на Кратовска Река (Северна Македонија)“. Главен автор на трудот е Бојана Алексова, магистрант на Институтот за географија при ПМФ во Скопје, а како коавтори се јавуваат д-р Тин Лукиќ од Департманот за географија во Нови Сад, д-р Ивица Милевски од Институтот за географија во Скопје, д-р Велибор Спалевиќ од Биотехничкиот факултет во Подгорица и Академик д-р Слободан Марковиќ од Департманот за географија во Нови Сад. Вредно е да се напомене дека до сега, ова е прв труд на магистрант од Институтот за географија, објавен во реномирано меѓународно списание (со импакт фактор 2,9).Трудот е резултат на неколкугодишни интензивни теренски истражувања, анализи и тестирања на најсоодветен пристап за мултихазард зонирање на теренот базиран на ГИС и далечинска детекција (во рамките на изработката на магистерската работа која опфаќа слична проблематика). Публикуваните резултати покажаа дека меѓу најдобрите пристапи за моделирање на геохазарди е комбинација на математичко-статистички методи, со експертски избор и квантификација на т.н. „тежински“ фактори. Од истражувањата пласирани во трудот, се покажа дека 3,13 % од вкупната површина на сливот на Кратовска Река е зона со висока веројатност од појава на мултихазарди (свлечишта и прекумерена водна ерозија). Особено пространи површини се под ризик од силна водна ерозија и акумулација на наносен материјал. Овие области се протегаат главно по долинските страни на Кратовска (Табачка) Река, од село Горно Кратово, низводно кон градот Кратово. Причина за тоа е големата оголеноста на теренот, сиромашната вегетација, стрмните падини, големите наклони и присуство на карпи со мала отпорност на ерозија.Истражувањето опфати и проценка на точноста на резултатите или т.н. валидација на применетиот пристап. За ЕПМ моделот (модел на потенцијал на ерозија, според Гавриловиќ, 1972), тоа беше споредба со ГИС базиран ЕПМ пристап имплементиран на Крива Река, потоа споредба со податоците за седиментација на сливот на Крива Река, како и хеуристичкиот пристап со оценка од три експерти за ерозија. Споредбата или „валидацијата“ на применетиот метод, покажа сосема прифатлива точност на добиените резултати за потенцијалната ерозија и продукција на нанос. Од друга страна, валидација на моделот за подложност на свлечишта, се спроведе со подготвен инвентар на свлечишта. Во тој поглед, локациите на 31 свлечиште евидентирани во текот на теренските истражувања беа споредени со зоналноста на моделот, кои резултираа со преклопување од 80,7% во високо ризичните и многу високо ризичните зони подложни на свлечишта. Исто така, за целите на овој труд беа пресметани кривата ROC и AUC вредноста. Врз основа на добиените податоци, вредноста на AUC изнесува 0,856, што укажува на солидно ниво на точност за употребениот модел.Резултатите од овој труд, покажаа дека сливот на Кратовска Река е мошне ерозивен и подложен на свлечишта, но и други природни непогоди. Добиените резултати, во иднина може да се користат како основа за понатамошни истражувања и усовршувања на методологиите за проценка на ризик од ерозија и свлечишта, вметнување на дополнителни фактори, подобрени техники за валидација (како што е Kappa индексот) и подобрени пристапи за моделирање.

Во оваа пригода сакам да изразам огромна благодарност особено до проф. д-р Тин Лукиќ и проф. д-р Ивица Милевски, кои со бројни коментари и сугестии ми помогнаа во финалното обликување и објавување на трудот. Воедно, лично, интензивно работам на неколку нови истражувања и трудови, кои се надевам дека наскоро ќе бидат објавени во познати меѓународни списанија. Сето тоа ќе придонесе за моето натамошно лично усовршување и како основа за докторските студии. Всушност, денес е речиси незамисливо млад истражувач, да нема публикувано научен труд во позначајно меѓународно списание, а во најголем број држави е незамисливо некој да биде избран за доцент без барем неколку такви трудови.

ЛИНК ДО ТРУДОТ

Оваа статија е прочитана 300 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *