Ерозија на земјиштето – Значаен проблем за Република Македонија

Ерозија на земјиштето е универзален процес, во еден или друг облик (водна, еолска, механичка) присутен во сите подрачја на светот. Во услови на непореметена природна средина, интензитетот на ерозија е слаб, при што постои рамнотежа помеѓу однесувањето на земјиштето и брзината на неговото создавање.

Меѓутоа, како резултат на антропогените промени на природната средина, ерозивните процеси се многу посилни, забрзани, поради што постепено се влошува структурата на земјиштето или доаѓа до негово потполно однесување. Така деградираните површини не можат да се обработуваат или стопански да се искористуваат и обично се напуштаат. Според проценките на Светската организација за храна, штетите кои произлегуваат од забрзаната антропогена ерозија во глобални рамки денес се проценуваат на околу 200-250 милијарди долари годишно, а само во САД тие изнесуваат 50-65 милијарди долари. Во овие проценки се вклучени само директните штети, додека ако се земат во предвид и индиректните, тие се многу повисоки.Според извештајот на Европската агенција за животна средина, главни причина за големиот интензитет на современите ерозивни процеси се: промена на начинот на користење на земјиштето, неправилно и несоодветно земјоделско производство, намалување на површи-ната под шуми, зголемување на густината на населеност, забрзаниот урбан развој и притисокот на урбаните центри, раст на светската економија и наметнатата потреба од задоволување на потрошувачката за различни материјални добра, брзиот (неконтролиран) развој на туризмот, климатските промени и др. Затоа во Светот на овој проблем му се посветува многу големо внимание.

Поради поволните прородни карактеристики и влијанието на човечкиот фактор, подрачјето на Република Македонија се одликува со голем интензитет на ерозија на земјиштето. Потврда за такво нешто се распространетите видливи ерозивни и акумулативни процеси и форми, потоа мерењата на матноста на реките, засипувањето на вештачките акумулации, мерењата на експерименталните станици и сл. Врз основа на сите тие мерења, анализи и истражувања, добиени се одредени показатели за просечниот годишен интензитет на ерозија. Така, според Картата на ерозија на Република Македонија, средногодишната продукција на ерозивен нанос изнесува близу 700 мЗ/км2/год., што одговара на земјишен слој со дебелина од 0,7 мм. Тоа е меѓу највисоките вредности за државите во Европа и далеку ја надминува т.н. нормална, физиогена или геоморфолошка ерозија. Во регионален поглед, интензитетот на ерозија е прилично воедначен во различните делови на Република Македонија.Генерално, во централниот и источниот дел на државата преовладуваат површинската и линиската водна ерозија, а во западниот дел преовладуваат процеси на лизгање на земјиштето и на распаѓање (раздробување) на карпите. На контактот пак на стрмните планински страни и зарамнетите котлински дна, обично се врши засилена акумулација на еродираниот материјал, особено за време на поројни врнежи. Различните типови на преовладувачки ерозивни процеси се последица главно на специфичностите на геолошко-педолошкиот состав, наклоните на релјефот, количеството и режимот на врнежи и типот (густина) на вегетација.

Вака силните, забрзани ерозивни процеси се во корелација со антропогената деградација на животната средина, особено со претераното уништување на природната вегетација во последните неколку векови. Последиците пак се бројни и разновидни, во најголем дел штетни и несогледиви. Во зависност од тоа како се манифестираат, тие се директни и индиректни, краткотрајни и долготрајни, локални и регионални, можат да предизвикаат послабо и поголемо нарушување на животната средина и дури да бидат директна закана за опстанокот на живиот свет и луѓето во некој простор. Меѓу позначајни последици спаѓаат однесување на продуктивниот почвен слој, плакнење на хранливите материи во почвата, засипување на површинските води со нанос (механичко загадување на водите), засилено натрупување на еродиран нанос врз површини со природна и културна вегетација, забавен раст и развој на вегетацијата, промена на хидролошкиот режим и др.Сето тоа директно или индиректно се одразува на влошување на еколошките услови и на квалитетот на природните ресурси, кои се неопходни за човековата егзистенција. Всушност, засилената ерозија, во многу делови на Република Македонија претставува директен ограничувачки фактор за социо-економски развој, a во руралните средини често предизвикува процеси на економско опаѓање и депопулација. Уште повеќе, забрзаното плакнење (однесување) на корисните минерали од почвата што е карактеристично за некои подра- чја во нашата држава (јод, селен, цинк, калиум, магнезиум и др.), на подолг рок доведува до здравствени нарушувања кај животните и кај човекот. Тоа значи дека големиот интензитет на ерозија, во одредена мерка влијае врз појавата на разни озбилни здравствени потешкотии (затоа во последно време се повеќе се препорачува употреба на органско-минерални додатоци во исхраната). Ваквите силни ерозивни процеси се особено воочливи во подрачјето на Кумановско, особено Козјачијата, потоа во Славиште, во Кратовско, во Малеш, Пијанец, Овче Поле, Мариово, во пониските делови на Дебарската Котлина и др. Секако стопанско- демографското пропаѓање на овие простори е последица и на други социо-економски фактори, но не треба да се запостави влијанието на екцесивните ерозивни процеси, поради кои значително се ограничени расположивите природни ресурси, неопходни за нормална егзистенција.

Во Република Македонија, до сега не е водено доволно сметка за овој аспект, кој особено е поврзан со руралниот развој. Меѓутоа, искуствата од другите европски држави со сличен проблем (Србија, Бугарија, Грција, Јужна Италија, Јужна Шпанија), покажуваат дека без намалување на интензитетот на ерозија, не е можно да се одржи или забрза руралниот развој. Затоа, пред да се размислува за било какво активирање (заживување) на руралните подрачја, неопходно е првин да се согледа состојбата со ерозивноста на теренот. Доколку се застапени процеси на интензивна, забрзана ерозија (што е најчест случај во нашата држава), потребни се мерки за нејзино сведување во толерантни рамки (под 400 мЗ/км2/год.). Доколку пак подрачјето веќе е значително оштетено или уништено со ерозивни процеси, мора да се превземат комплексни мерки за санација. Во двата случаја неопходно е планско уредување на овие „осетливи,, простори.Поради наведеното, при согледување на состојбата со животната средина во Република Македонија и при планирање на идниот развој, особено внимание треба да се посвети на ерозивните процеси. Во таа смисла, неопходно е со посебни методи и техники, кои обично се сложени, да се издиференцираат подрачја со различен потенцијал за ерозија или акумулација. Со диференцијацијата се издвојуваат подрачја со слаба, умерена, силна или многу слина ерозија односно акумулација (овие два процеси се меѓусебно поврзани). Последните две категории укажуваат на терени или простори со голем ерозивен ризик, каде животната средина е доста загрозена, а во прашање е доведен и опстанокот на човекот.

Заради сето наведено потребен е и поширок, сеопфатен општествен ангажман кон овој проблем, почнувајќи од образовните институции, преку владини до невладини организации. Во високообразовните установи, покрај Шумарскиот, Земјоделскиот и Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, ерозијата како јасно одредена географска проблематика, започна да се изучува и на Институтот за географија при ПМФ во Скопје.

Извори:

  • Ѓорѓевиќ М., Трендафилов А., Јелиќ Д., Ѓорѓиевски С., Поповски А. (1993): Карта на ерозија на Република Македонија, книга I -текстуален дел, Завод за водостопанство, Скопје.
  • Милевски И. (2001): Рецентната ерозија во Кумановската Котлина и нејзиниот третман во просторното планирање. Магистерски труд, ракопис Милевски И. (2006): Ерозивните процеси и развојот на руралните подрачја во Република Македонија. Зборник од меѓународниот симпозиум за рурален развој, Охрид.

Автор: проф. д-р Ивица Милевски, ПМФ-УКИМ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *