Малта, неодоливо медитеранско доживување!

18.10.2017

Во текот на летото 2017 година, авторите на оваа статија (секој со своја цел и мотив), имаа можност да ја посетат малата медитеранска држава Малта. Инспирирани од она што го видовме, решивме накратко да ги презентираме нашите сознанија и впечатоци токму во оваа статија.

Официјално наречена Република Малта, тоа е островска држава лоцирана во Јужна Европа. Архипелагот што ја сочинува Малта се наоѓа во Средоземното Море, на околу 93 km јужно од островот Сицилија и речиси 300 km североисточно од Тунис во Африка. Архипелагот се состои од пет острови – Малта, Гозо, Комино и ненаселените островчиња Кемунет и Филфла.  Официјален јазик се малтешкиот е англискиот. Малтешкиот е единствениот семитски јазик од афроазиската група на јазици кој се говори во една европска држава. Малта е членка на Комонвелтот, а од 1 мај 2004 г. членува и во Европската унија како најмала по површина во таа организација.
Најголемиот остров Малта има 245,7 km², долг е 27 km, а широк e 14,5 km. Должината на неговата крајбрежна линија изнесува 137 km. Брегот на островот е скалест. Островот Комино има само 3 жители и зафаќа територија од 3.5 km². Токму на овој мал остров се наоѓа едно од најубавите места на Малта – Сината Лагуна (Blue lagoon). Таа претсавува едно од најспектакуларните знаменитости на малтешкиот архипелаг, привлекувајќи стотици туристи секој ден во текот на летните месеци. Сината Лагуна е плиток залив помеѓу островите Комино и Кемунет со кристално чиста, синкасто-зелена вода.
Вториот по големина остров Гозо има површина од 67 km кв. и население од 31.446 жители. Островот е рурален и во споредба со главниот остров Малта е помалку развиен. Главна атракција овде беше Азурниот прозорец од природен варовник, кој природно се сруши во 2017 година. Меѓутоа островот има и други значајни атракции како  Внатрешното Море и прозорецот Вилд Ил-Миелах.

Kрајбрежјето на островите Малта, Гозо и Комино главно е карпесто. Песочните плажи можат да се најдат на северната страна на островите како што се Златниот залив и заливот Мелиеха на Малта и заливот Рамла на Гозо. Јужните страни пак се со високи клифови, а плажи речиси и да нема. Релјефот на островите е брановидно ридест, со просечната височина од околу 50-100 метри. Највисоката точка е врвот Та ‘Демрек, на 253 m надморска височина, на јужната страна на островот Малта. Малтешките острови биле формирани од поистакнатите возвишенија на копнениот мост што ја поврзувал Сицилија со Северна Африка. При покачување на нивото на морето во холоценот, од овој копнен срт на архипелаг кој сега лежи на работ од африканската тектонска плоча, каде што се среќава со евроазиската плоча. Затоа архипелагот е сместен во зоната помеѓу евроазиските и афричките тектонски плочи.

Климата во Малта е медитеранска и како таква има благи, дождливи зими и топли до жешки, суви лета. Валета има просечна јануарска температура од 9˚C, а просечна јулска од 30˚C. Ако сте во Малта во текот на летните месеци, нема потреба од чадор. Просечните врнежи од дожд во јули се само 1 mm, што значи речиси не се случува да заврне во овој месец, а слично е и во август. Затоа пак, во октомври островите се преплавени со дожд, со околу 120 mm врнежи. Релативната влажност ретко паѓа под 40 проценти. И ветровите можат да бидат силни и чести. Малта нема езера ниту реки, но сепак 50% од нејзината почва е обработлива. Постојат неколку извори и бунари кои обезбедуваат ограничена свежа вода во текот на годината, како што е долината Лунџата во Гозо. Привремени мали реки се појавуваат по поројни дождови. Поради малиот број на извори и бунари, за снабдување со питка вода на бројното население, се користат специјални десалинизатори на морската вода.

Малтешките шуми биле исечени пред повеќе векови, а единствени дрвја кои можат да се видат денес се маслинките, фикусот, цитрусот, борот, тамарискот и др. На ридските падини на Малта и Гозо се одгледуваат лозја и зеленчук. Главни култури се компири, домати и овошје (особено цитрус и тромб). Од крајот на 1990-тите има значително зголемување на производство на винова лоза и маслиново масло. Всушност, пејзажот на Малта и другите острови се карактеризира со терасовидни полиња, сува вегетација, камења и варовник. Ова се должи на долгите часови силно сонце што островите го добиваат во текот на целата година.

Малта е позната како една од најмалите и најгусто населени земји во светот со површина од 316 km кв. и население од над 400.000 жители, што дава густина на населеност од околу 1300 луѓе на километар квадратен. Главен град на оваа држава е Валета, а најголем град е Биркиркара со население од 26.000 жители. Заради густината на населеност, бројните меѓусебно поврзани градчиња, многумина целата држава, а особено островот Малта го сметаат за единствен град. Поради цивилизацијата која се развивала илјадници години, Малта може да се пофали со некои од најстарите камени градби во светот. Овде се менувале многу владетели меѓу кои Римјаните, Маврите, Витезите на Свети Јован, Французите и Британците. Од сите нив останале бројни тврдини, храмови, подземен комплекс на сали и погребни комори. Сместени во центарот на Медитеранот, островите на Малта долго време служеле како стратешки воени места.

Оваа фасцинантна островска држава со сите туристички атракции сместена во центарот на Медитеранот веднаш ќе ве плени со својата безвременска убавина. Валета е посебно убава со ѕидините што го опкружуваат градот, кои се одлично зачувани и се на списокот на UNESCO. Најинтересни градби за посета овде се катедралата Свети Јован, палатата Кастиља, палатата Големиот мајстор, Националниот музеј на уметности итн. Малта нуди богат ноќен живот со голем број дискотеки особено во улицата во Сан Гулија. Всушност, Малта е една интересна островска земја, која ја посетуваат повеќе од милион туристи секоја година. Многумина доаѓаат поради преубавите плажи и чистото море. Сепак, најголемо влијание и придонес за оваа земја има културниот туризам, со бројни споменици, цркви и катедрали. Покрај спомениците и црквите, островот Малта, неговиот брег, и морето кое го заплискува, одлично го отсликуваат синилото на Медитеранот. Плажите на Малта се совршено место за сончање, капење, пливање или нуркање. Постојат бројни скриени плажи, идеално место за оние кои преферираат да бидат сами. Најголемата песочна плажа на Малта е плажата Мелиха за која се верува дека е една од најдобрите плажи на целиот Медитеран. Кога ќе дојдете во Малта, прво што ќе забележите се куќите изградени од варовник, единствен градежен материјал, а претставува заштитен знак на островот. Овој камен на сонце ја менува својата боја од бела во бледо жолта и се стврднува. Уште една атракција се познатите чамци, кои ве водат на романтично возење како во некои минати времиња. Кога ќе зачекорите во кривите и тесни улички ќе ве изненадат капиите на куќите. Тие го задржале колоритот на Медитеранот, а сепак го прифатиле духот на новото време. Малта е земја со многу убавини, но ако немате доволно време за истражување на островот можете тоа да го направите во обиколка со туристички автобус. Има многу места од каде што се поаѓа и со аудиоводич ќе дознаете интересни факти и притоа ќе ги обиколите поголемиот дел од значајните локации. Во билетот е вклучено и разгледување на заливите, така што ќе имате можност да ги видите и најзначајните пристаништа на овој остров

Доколку сте љубител на манастрискиот туризам, Малта е државата за вас. Во Малта ќе наидете на голем број цркви и катедрали. Нејзините граѓани важат за религиозни луѓе, па речиси секој ден во годината е посветен на одреден светец, а бучните прослави со огномети се секојдневна појава од мај до септември. За туристите задолжителна е посетата на катедралата „Сент Џорџ“ од 16 век, која ја изградиле тамошните витези, кои неколку векови владееле со ова место.
Дали сте гурман? Посетете ја Малта и нема да останете гладни. Медитеранот особено се чувствува во кујната, па така ќе уживате во свежите локални сезонски производи и вкусно припремените морски плодови. Осбено се чувствува влијанието на италијанската кујна, а во најново време од британската и француската. Се јаде многу риба и се пијат италијански вина. Специјалитети покрај рибата, се и малтешкиот зајак, туната и пикантните колбаси, кои ќе ви откријат еден поинаков вкус.
Малтежаните се љубезен и дружељубив народ, кои вашиот одмор со сигурност ќе го направат многу поубав со нивното гостопримство. Најпознатите летувалишта на Малта се настанати во округот на стариот град и рибарските местенца. Ако ја посетите Валета, никако не ја пропуштајте катедралата Свети Јован во која е сместено едно од последните ремек дела на Караваџо, како и палатата на малтешките витези, која денес е седиште на претседателот и парламентот. Уште едно урбано место што вреди да се посети е Слиема, модерен град и престижна туристичка дестинација од спротивната страна на Валета. Заливот помеѓу Валета и Слиема е едно од поживите места и е секогаш полн со туристи кои сакаат активен одмор во текот на денот и на ноќта.

Има уште нешто што можеби ќе ве привлече да ја посетите Малта. Тоа е познтото село каде што „живее“ Попај Морнарот, еден од омилените анимирани ликови на сите генерации. Станува збор за забавен парк, а селото уште е наречено „Сладок Рај“. Местото претставува туристичка атракција за најмладите, но и за сите други возрасти. Тука можат да се видат сите останати ликови од легендарниот цртан филм како Олива, Дибек, Перо Плескавица, бебето и останатите. Посетителите имаат на располагање луди железници, куќички со разни игри, музеи, куклени претстави, проекција на филмови со Попај, скари на отворено и други интересни настани. За возрасните, понудата вклучува мини голф и бесплатна дегустација на вино. Во зависност од сезоната, се менуваат и активностите, па во зима се приредува Божиќна парада со Дедо Мраз.

Жителите на Малта се љубители на животните – особено мачките. Интересно е што мачките ги сметаат за свети животни за кои имат изградено куќички и ги хранат како кралеви. Да напоменеме дека се вози од спротивната, десна страна, па треба да се внимава, особено ако сакате рента-кар.

Малта претставува магнет за туристите. Мала и уникатна земја која навистина вреди да се посети барем еднаш во животот. Тоа посебно имајќи во предвид дека од неодамна компанијата Wizzair има директни летови од Скопје до Малта, кои чинат околу 3000-4000 денари во двата правци. Цените за сместување во стандардни апартмани и хотели се слични како во Скопје или Охрид, а преку Airbnb може да се најдат интересни ефтини понуди. Цените во продавниците се околу 20-50% повисоки од оние во Македонија, а во рестораните се нешто повисоки отколку во Скопје. Билет за во градски превоз чини 2 евра (еврото е национална валута), но затоа пак има можност да се купи 7-дневен билет со неограничено возење за 21 евро. Севкупно, за еден краток викенд престој, ќе ви бидат потребни околу 200 евра по лице, а за неделен престој двојно повеќе. Инаку, во летниот период има многу туристи и сезонски работници од Балканските држави па и од Македонија, со оглед на тоа што неделната плата се движи помеѓу 150 и 300 евра. Така, помладите често ги комбинираат сезонската работа и одморот на оваа преубава островска држава.

Автори: д-р Ивица Милевски, Ивона Грашкоска и Сара Стаменкоска

Оваа статија е прочитана 12257 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *