Најголемите езера на 7-те континенти

Во следниот текст ви ги претставуваме најголемите езера според површина на сите 7 континенти. Изземајќи го Касписко Езеро за кое во научниот свет се уште не е разграничено дали е типично езеро или таканаречено внатрешно море и на кој континент му припаѓа – на Европа или на Азија, останатите најголеми езера се:

Езеро Ладога во Европа

Езерото Ладога се наоѓа во регионот Карелиа во северозападна Русија, источно од Балтичко Море. Езерото зафаќа површина од 17.675 км кв., максимална длабочина од 230 метри и е на надморска височина од 5 метри. Од југозападниот дел на езерото истекува Реката Нева, а потоа тече кон запад, кон 40 км оддалечениот Санкт Петербург. Најголемото езеро по површина во Европа, Ладога е создадено во издлабена глацијална депресија. Најдлабоката точка се наоѓа кон северните брегови на езерото каде има маркантни карпести клифови. Во јужниот дел езерото е плитко, со ниска брегова линија. Во месец декември се формира мраз на водената површина, а помеѓу месеците јануари и мај смрзнува целата езерска површина. Ладога се снабдува со вода од неколку реки и две помали езера кои истекуваат во него.

Бајкалско Езеро во Азија

Бајкалското Езеро се наоѓа во Русија, јужно од централното Сибирско Плато во близина на Монголија. Езерото зафаќа површина од 31,500 км кв., со максимална длабочина од 1741 метар и надморска височина од 456 метри. Само да напоменеме дека Бајкалското Езеро е и најдлабокото во светот и  во него е складирана дури 20 % од слатката вода на светско ниво. Езерото истекува преку реката Ангара. Има должина од 636 км и ширина од 50 км. Формирано е пред дури 25 милиони години што го прави и најстарото езеро во светот. Езерскиот басен е создаден помеѓу систем на раседи, а со истражувања е докажано дека тие се сеуште активни со што секоја година езерото се проширува за 2,5 см. На запад, Бајкалското Езеро е ограничено со планини, а кон неговите источни делови е ограничено со благи зарамнини. Најдлабоките делови се наоѓаат во централниот и јужниот дел. Постојаниот проток на ладна вода во езерото прави тоа да биде добро снабдено со кислород, со тоа се овозможува во езерото да егзистира жив свет во сите делови, па дури и во најдлабоките. Во Бајкалското Езеро се вливаат повеќе реки, главно долж неговите источни брегови, а меѓу нив ќе ги споменеме Баргузин и Селенга, кои формираат делта при вливот во езерото. Покрај површински, езерото се снабдува со вода и од подземни слатководни извори.

Езеро Викторија во Африка

Езерото Викторија се наоѓа помеѓу државите Кенија, Танзаниа и Уганда. Езерото зафаќа површина од 68.000 км кв., максималната длабочина изнесува 84 метри, а лежи на надморска височина од 1134 метри. Езерото истекува преку реката Нил. Езерото Викторија, кое има неправилна квадратна форма е најголемо езеро во Африка и втор најголем резервоар со слатка вода во светот (по Бајкалското Езеро). Бидејќи не добива некои значителни количини на вода од реките кои се вливаат во него, езерското ниво се регурила со големите годишни количини на врнежи. Бреговите на езерото се едни од најнаселените во светот, бидејќи околу езерото се лоцирани градовите: Кампала, Кисуму и Мванза. Исто така и многу од островите кои се наоѓаат во езерото се населени. Во езерото Викторија живее ендемичниот вид на “нилска пастрмка”, тоа е риба која се наоѓа само во реката Нил и езерото Туркана кое исто така се наоѓа во Африка. При акција да се насели пастрмката во северните делови од езерото направена е голема еколошка грешка. Пастрмката е предатор, односно таа ги напаѓа и се храни со сите останати видови на риби и сега е проширена низ целата површина на езерото и постојано ги намалува популациите на останатите видови.

Големите езера во Северна Америка

Големите езера се наоѓаат на границата помеѓу САД и Канада, освен езерото Мичиген кое целосно се наоѓа во територијата на САД. Големите езера го формираат најголемиот систем на слатководни езера во светот со вкупна површина од 244,000 км кв. Системот го сочинуваат следните езера:

Супериор 82.367 км кв., длабочина 406 метри, надморска височина 183 метри.
Мичиген 58.000 кмкв., длабочина 281 метри, надморска височина 177 метри.
Хјурон 59.570 кмкв., длабочина 228 метри, надморска височина 176 метри.
Ири 25.820 кмкв., длабочина 64 метри, надморска височина 174 метри.
Онтарио 19,010 кмкв., длабочина 224 метри, надморска височина 75 метри.

Системот на Големите езера се излива преку реката Св. Лоренс која истекува од езерото Онтарио. Падот на езерата во глобала е многу плиток. Така, езерото Супериор (или Горно Езеро) се одводнува во езерото Мичиген преку реката Св. Марија. Нивото на водата во Мичиген е речиси исто колку она во Хјурон, а двете езера се поврзани со протоците наречени Макинак, кои се со 6 км широчина. Преку реките Св. Клер и Детроит, Хјурон се одводнува во Ири, кое пак преку реката Нијагара се одводнува во Онтарио. Падот на водата е најголем помеѓу езерата Ири и Онтарио, односно тука се наоѓаат спектакуларните Нијагарини водопади со височина од 51 метар. Големите езера се формирани како резултат на последната ледена доба. Градовите кои ги опкружуваат бреговите на Големите езера дневно користат големи количини на вода за комунални потреби и индустријата. Дел од искористената вода по преработка (прочистување), повторно се враќа назад во езерата. Градот Чикаго, преку канали дел од водата испушта во реката Мисисипи. Делумно и поради тоа, во последните години нивото на водата во Големите езера се повеќе се намалува. Намаленото ниво на врнежи исто така придонесува кон пониско ниво на водата.

Езеро Ттиткака во Јужна Америка

Езерото Титикака се наоѓа во централниот дел на Андите на Алтиплано платото, помеѓу границите на државите Перу и Боливија. Езерото зафаќа површина од 8.772 км кв. и максимална длабочина од 281 метар (речиси колку Охридското Езеро). По својата надморска височина од 3.812 метри, претставува највисоко големо езеро во светот по кое пловат бродови. Титикака кое е најголемото езеро во Јужна Америка, истекува преку реката Десагуадеро. Инаку, езерото има груба овална форма со должина од 195 км и широчина од 80 км. Тоа со тесен проток кој е познат како Тикуина е поделено на два нееднакви делови. Езерото е најшироко во северозападниот дел, а неговите најдлабоки делови се наоѓаат во близина на северниот дел. Југоисточните делови од езерото (јужно од протекот Тикуина) се многу плитки со длабочина до 9 метри. Титикака се снабдува со вода од 20-тина реки од кои најголема е реката Рамис. Секоја година нивото на водата флуктуира за околу 4 метри, со највисоко ниво за време на летните дождови. Испарувањето во аридните делови на планините го намалува приливот за 95 %. Езерото Титикака е дом на повеќе ендемични видови и преставува важна алка во железничката мрежа која ја поврзува внатрешноста на Боливија со морето. Една од неговите највпечатливи карактеристики се пловечките острови на Индијанците Уро. Четириесетината острови направени од човекот се “исткаени” од неколку слоја трска од видот “тортора”, која расте на крајбрежјето на ова гигантско езеро.

Езеро Еуре во Австралија

Езерото Еуре е лоцирано во Јужна Австралија, јужно од пустината Симпсон. Езерото зафаќа површина од 9.700 км кв., максимална длабочина од 5,5 метри и лежи на 16 метри под нивото на морето. Еуре е солено езеро кое не истекува, има значителна површина и е најниска точка на континентот Австралија. Вода добива од повремени извори, кои се снабдуваат со вода од врнежите во поголемиот дел на централна Австралија. Се претпоставува дека езерото порано речиси пресушило и дека денешната големина ја има достигнато во почетокот на XX век, за време на период на големи количини на дожд.

Езеро Восток на Антарктик

Езерото Восток е лоцирано на Јужниот пол, под руската научна станица “Восток”, односно под површината на источната антарктичка плоча. Езерото зафаќа површина од 15.690 км кв., а максималната длабочина му изнесува 510 метри. Бидејќи езерото се наоѓа околу 4000 метри под мразот, неговото ниво е на околу 500 метри под нивото на морето. Восток е најголемото субглацијално езеро од околу 150-те досега пронајдени. Поради својата положба длабоко во ледот, ова езеро се смета за најчисто и недопрено езеро. Водата во него е стара неколку милиони години. И според просечната температура од 3°C водата во него не е смрзната, туку е под огромен притисок од ледот. Во април 2005 година од страна на германски, руски и јапонски научни тимови е утврдено дека во езерото има плима и осека кои се појавуваат како резултат на позицијата на Сонцето и Месечината, а од оваа појава површината на езерото се подигнува за 12 милиметри. Концентрацијата на кислород во езерото е околу 50 пати поголема од вообичаените слатководни езерски води. Поради дупките во ледот и големиот притисок, кислорот продрува низ ледот. Фосилите на микробите стари 200,000 години укажувајќи дека во езерото постојат (или постоеле) услови за живот.

Извори :

http://www.ilec.or.jp/database/eur/eur-37.html
http://www.irkutsk.org/baikal/
http://en.wikipedia.org/wiki/Lake_Vostok
http://www.lake-victoria.net/
http://www.worldatlas.com/webimage/countrys/namerica/greatlk.htm
http://www.laketiticaca.org/
http://www.lakeeyrebasin.org.au/natural_heritage/natural_heritage.html

Подготвиле: Живко Богојески, дипломиран географ и д-р Ивица Милевски.

Оваа статија е прочитана 14033 пати!

One thought on “Најголемите езера на 7-те континенти

  1. Одлично професоре, уште малку ќе излезе и мојата статија за 10-те најголеми езера, ќе биде едно надоврзување на оваа статија…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *