Дали сме сами во Вселената?

 17.07.2012

Ова прашање веројатно е едно од најчесто поставуваните. Прашање на кое сеуште нема дефинитивен одговор, а можеби ќе поминат уште многу генерации за да се дојде до него. Овде накратко ќе се обидеме да дадеме едно наше видување.

Прашањето дали има и други суштества во вселената, почнало да привлекува поголемо внимание откако донекаде бил разбран составот и структурата на Сончевиот систем. Со усовршувањето на телескопите во XIX век, астрономите увиделе дека останатите планети се слично како Земјата, големи и интересни небесни тела. Сепак, за тоа време сеуште не можеле да објаснат одредени појави што ги забележувале на Марс или Венера. Така, италијанскиот астроном Скјапарели, во 1877 година објавил дека на површината на Марс забележал долги, тесни и прави линии именувајќи ги како canali. Овој збор во италијанскиот јазик не одредува дали се работи за природна или вештачка појава, а не се знае ниту точното мислење на Скјапарели по тоа прашање. Сепак, веста брзо ја пренесуваат британските медиуми, толкувајќи го зборот canali како вештачки канали на површината на Марс (canals). Тоа било сензационална вест, која ја разбудила фантазијата на луѓето дека постојат и други интелигентни суштества. Ваквата состојба уште повеќе ја подгреал познатиот американски астроном Персивал Ловел, кој уште додал дека каналите им служат на „марсовците“ за донесување на вода од влажните поларни, кон сушните екваторски предели. Како поткрепа на својата теза била телескопски забележливата промена на бојата на Марс од зеленикава до црвеникава, што ја толкувал како сезонска промена во вегетацијата. Веќе во 1897 година е напишана и книга „Војна на световите“ која подоцна Орсон Велс ја драматизира на радио и тоа толку убедливо што населението помислило дека навистина Земјата била нападната од Марсовци. Иако неколку години подоцна се докажало дека на Марс нема ниту канали, ниту вегетација, верувањето во вонземјани, марсовци, мали зелени суштества и слично, останало речиси до денес. Всушност, подоцна истакнати астрономи и писатели како Карл Саган тврделе дека живот можеби има и на Венера, Јупитер, Сатурн и други места. Некои пак, како познатиот астроном Фред Хојл, во средината на минатиот век тврделе дека животот на Земјата дошол од вселената преку разни бактерии и микроорганизми. Од тој период се зголемиле напорите некако да се пронајде друга цивилизација или барем жив свет, со што би се покажало дека не сме сами во Универзумот. Главен проблем бил и сеуште е како да се воспостави комуникација со евентуална друга цивилизација.

Постојат два начини да се воспостави комуникација – директна и индиректна. Директната е преку посета на други ѕвезди и планети за кои се претпоставува или знае дека има интелигентен свет или пак самите да бидеме посетени од друга цивилизација. Индиректната е преку размена на пораки. Првата опција во моментот, а и во блиска иднина не е баш многу реална. Растојанијата помеѓу ѕвездите се така големи што времето потребно за патување до некоја соседна ѕвезда користејќи ја најсовремената денешна технологија би било огромно и би траело со десетици и стотици генерации. Така, најбрзите денешни вселенски летала се движат со 20-30 км/сек што за „обични“ услови е огромна брзина. Меѓутоа, со таква брзина потребни се стотици илјади години да се дојде до најблиските соседни ѕвезди. Дури и да се изгради голем вселенски брод со бројна посада спремна да живее во него со генерации, се јавува еден парадокс. Имено, по некое време на Земјата би се усовршила технологијата и би се конструирало побрзо вселенско летало што би го престигнало претходното, „застарено“. Така, на секои можеби 50-тина, 100-тина или повеќе години би било испраќано поново и побрзо летало. Крајна цел во далечната иднина би била да се изгради летало кое би патувало со брзина блиска до брзината на светлината, односно над 250,000 км/сек. Но и тука би се јавил парадокс познат како дилатација на времето. Имено, колку некој објект се движи побрзо, толку (за луѓето) на тој објект времето поминува побавно во однос на времето на Земјата. Така на пример, ако некогаш успее некој да патува со брзина од 270,000 км/сек кон некоја ѕвезда, 10-те години поминати во вселенскиот брод би значеле 20 или 30 години поминати на Земјата. Кога би се вратила посадата на Земјата, ќе забележи неочекувани промени и настани, односно ќе дојде во „иднината“. Енергетските потреби пак за таков пат се огромни. Бернард Оливер, шефот на СЕТИ програмата на НАСА, ги пресметал енергетските трошоци за пат во еден правец до некоја ѕвезда оддалечена само 10 светлосни години, под претпоставка патот да трае 20 години и да се користи енергетски ефикасен вселенски брод. Според тие пресметки, на вселенскиот брод би му требало количество на енергија еквивалентно на вкупно произведената енергија на Земјата во период од 500,000 години! Според тоа, за денешни услови многу поверојатна можност е нас да не посети некоја високо развиена цивилизација, со многу понапредна технологија. Доколку појавата и еволуцијата на жив свет низ вселената не е привилегија само за Земјата, може да се замисли каква технологија би имала некоја цивилизација која би била само 500 или 1000 години пред нас во научно-технолошкиот развој! Дури и во таков случај, тешко е да се предвиди кога, со која цел, како би изгледала таа средба и какви последици би оставила на Земјата. Ако се стават на страна бројните сведоштва, „извештаи“ или „докази“ за видени вонземски летечки објекти и суштества кои во најголем дел се покажаа за измислени, причинувања, природни феномени и слично, не е исклучено во минатото да не

Розвел, 1947

посетила некоја цивилизација или тоа да го прави и денес од некакви причини. Инаку, сведоштвата за НЛО „доживувања“ се намножија по случката Розвел во САД (1947 година) за која до ден денес постојат разни шпекулации и контроверзи. Како и да е, директната средба би била навистина драматична, дури и да е со најдобра и најмирољубива цел.

Ако во догледно време не е можно директно да посетиме некои други ѕвездени системи, имаме технологија да воспоставиме комуникација со евентуални други „комуникабилни“ цивилизации со помош на радио-бранови, ласерски или други сигнали кои низ вселената патуваат со брзина на светлината. Тие бранови можат да патуваат од површината на Земјата до извонредно далечни растојанија без да бидат значително ослабнати или изменети. Бидејќи првите радио бранови на Земјата се емитирани пред околу 100-тина години (преку првите радио и телевизиски преноси), тоа значи дека до денес стигнале на растојание од стотина светлосни години. Во тој радиус има значителен број на ѕвезди, а во последно

Порака на златен диск на леталото Војаџер

време, на многу од нив се откриени и планети, па дури и планети слични на нашата. Сепак, за да се добие „повратна порака“, треба исто толку време колку што требало да стигне сигналот до цивилизацијата. Затоа двонасочната комуникација (слична на телефонски разговор) можеби никогаш нема да биде остварена. Пример, ако некоја цивилизација е на оддалеченост од „само“ 12 светлосни години, толку години се потребни да стигне сигналот од Земјата до неа и уште 12 години да се врати „одговорот“, односно сигналот од таа цивилизација. Значи ако го пратиме прашањето во некаква форма „има ли некој таму“, ќе поминат 12 години додека да го добијат прашањето и уште 12 за да го добиеме ние одговорот. Јасно е дека за покомплексен „разговор“ би требало стотици години. Следен проблем е дали воопшто и како би ја сватиле пораката „вонземјаните“ и соодветно на тоа дали ние би го разбрале одговорот. Сеуште немаме претстава што се потпаѓа под начин на комуникација, па сега за сега само се бараат правилни сигнали кои би личеле на некој вид пораки. Дури и да добиеме некоја правилна порака, таа може да е од природно потекло или да е потребно огромно време и анализи за да се дешифрира пораката. Така, во 60-тите години на минатиот век биле примени многу правилни и кратки сигнали за кои се верувало дека се од некоја интелигентна цивилизација, меѓутоа кратко подоцна се покажало дека станува збор за сигнал од природен објект – пулсар или неутронска ѕвезда.

Поради сите технолошки и сознајни ограничувања што ги имаме, нашите напори за пронаоѓање на можни интелигентни вонземски цивилизации се насочени кон барање на евентуални вештачки сигнали-пораки или пак очекување на евентуална „блиска средба“. Моментално повеќе проекти работат на пребарување на небото во потрага по некакви сигнали од можни интелигентни суштества (особено важен е СЕТИ проектот). Проблем е каде да се бараат, како да се распознаат, потоа да се детектира од каде доаѓаат и правилно да се дешифрираат сигналите. До пред неколку години се пребаруваа одредени типови на ѕвезди во нашата Галактика слични на Сонцето (такви има повеќе милијарди!) под претпоставка дека на нив има поголема веројатност од постоење на „напредни“ живи суштества. Во последно време вниманието е свртено кон екстрасоларните планети слични на Земјата, кои се откриваат во се поголем број и тоа дури и кај поблиските ѕвезди. Дел од нив се во таканаречениот „хабитабилен“ појас каде има потенцијални услови за живот, а веројатно има и вода во течна состојба. Со самото откривање на вакви планети во голем број, барем се урна верувањето од пред неколку децении дека можеби Сонцето е многу ретка ѕвезда што има свој планетарен систем. Покрај останатите наведени проблеми, дури и да откриеме некој недвосмислено вонземски сигнал, ако е од некој подалечен ѕвезден систем: 200, 300, 500 светлосни години, значи дека сигналот е многу стар – всушност од историјата на таа цивилизација и нема никаква логика да се одговара или навлегува во неговата содржина!

Вториот аспект на прашањето „дали сме сами во вселената“ се однесува на постоење на било каков жив свет, не само на интелигентни суштества. Иако е потребен одреден сплет на погодни фактори, сепак се повеќе преовладува мислењето дека животот не е ретка појава во вселената. Ако земеме во предвид дека само нашата галактика има околу 200 милијарди ѕвезди, а на голем број од нив има планетарни системи, тогаш сосема е можно да има илјадници, ако не и милиони планети на кои има некаков жив свет (иако воопшто не е сигурно како би изгледал тој на другите планети). А нашата галактика е само една од стотиците милијарди други галактики!

Метеорит од Марс на кои се најдени микроскопски форми кои наликуваат на фосилни бактерии

Всушност сеуште не сме сигурни дали можеби и на други планети и месечини од нашиот Сончев систем има жив свет. Одговори на тие прашања ќе се добијат многу брзо, веројатно веќе во следните неколку години. Вниманието најмногу е насочено кон Марс, потоа кон Европа-сателитот на Јупитер и кон Титан и Енцеладус – сателити на Сатурн. Веќе во август оваа година на Марс ќе се спушти роботското возило Кјуриозити кое ќе анализира примероци од и под површината на „Црвената планета“. Целта е да се види дали некогаш овде постоеле услови за живот, некакви микроорганизми или пак можеби нив ги има и денес. Подоцна ќе следат мисии кон Европа која има огромен воден океан под замрзнатата површина, Титан со езерата од течен јаглеводород и Енцеладус на кој има силна геотермална активност, водена пареа, а можеби и воден океан под замрзнатата кора.

Енцеладус-сателитот на Сатурн

Интересно е да ги споменеме мислењата на генијалецот Стивен Хокинг кој вели дека како што Земјата не е некоја особена планета помеѓу милијардите други слични планети во вселената, така е и со живиот свет кој сигурно го има на многу други места низ Универзумот. Тој дури се противи на воспоставувањето на комуникација со евентуални вонземски цивилизации, кои би можеле да ја „колонизираат“ Земјата заради свои потреби и цели: „ние Земјаните веројатно би завршиле како Индијанците по доаѓањето на Колумбо“.

Автор на текстот: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 12532 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *