Градот Куманово се наоѓа во северниот дел на Македонија и по Крива Паланка, претставува најсеверниот град во нашата држава. Просторно лежи во централниот дел истоимената котлина, поточно во брановидната зарамнина Жеглигово (Кумановско Поле), на составот на Коњарска и Липковска Река. Во рамките на новиот ГУП (генерален урбанистички план), градот зафаќа површина од 35,5 км2. Најголемата должина е во правец југозапад-североисток (од населбата Железничка Станица до населбата Христијан Карпош или Рајкова Куќа) и изнесува 9,7 км. Во меридијански правец пак, најголема должина (линиско растојание) е помеѓу населбите Долно Коњаре на север и Донков Млин, односно Гоце Делчев на југ и изнесува 7,5 км. Слична е и оддалеченоста помеѓу крајните точки на населбата Долно Коњаре и Мачја Глава.
Во однос на топографијата, градот се протега на надморска височина од 278 м покрај речниот тек на Кумановска Река кај населбата Донков Млин (југоисточниот дел на градот кон населбата Доброшане), до 471 м во највисокиот дел на населбата Христијан Карпош или Рајкова Куќа (во североисточниот дел на градот). Просечната пак височина на градскиот опфат изнесува 373 м, по што е еден од пониските градови во Македонија.
Кон средишниот дел на градот, од северозападен правец тече Липковска Река (која извира од планината Скопска Црна Гора), а од северниот правец, Коњарска Река (која извира на територијата на Република Србија). Двете реки се спојуваат кај населбата Средорек, на 318 м надморска височина, создавајќи ја кратката Кумановска Река, десна притока на реката Пчиња. Всушност, градот Куманово е лоциран на долинските страни на Кумановска Река, Липковска Река, Коњарска Река и нивните повремени притоки (долинки, долови) во опфатот на ГУП-от.
Централниот (стар) дел на градот, главно е распослан на зарамнет терен, односно на десните речни тераси на Липковска и Кумановска Река, со релативна височина од 5 м и 15 м, или на надморска височина од 320-340 м. Околните населби пак, се наоѓаат на ниски и заоблени ридести возвишенија, како што се:
На источната страна:
- Османов Рид (390 м), Мечкина Карпа (412 м), ридот Кршла (437 м) и Почивалов Рид (452 м) на кои е населбата Христијан Карпош или Рајкова Куќа,
- Баневотрлски Рид (369 м) на кој е населбата Перо Чичо (Банево Трло),
- Голем Рид (425 м) на кој се населбите Игор Тричковиќ (Тромеѓа) и Пуковско.
На јужната страна:
- Зелен Рид (379 м) на кој е населбата Гоце Делчев,
- Бел Брег (396 м) на кој се градските гробишта, а на падините е населбата Трета МУБ,
- Мачја Глава (458 м), во чие подножје се наоѓа населбата Тоде Мендол и дел од индустриската зона,
- Ридот (406 м) на кој се населбите Бабин Дол и Бајрам Шабани.
На западната страна:
- Влашки Рид Рид (431 м) на кој е поголемиот дел од индустриската зона,
- Бедињски Рид (428 м) на кој е населбата Железничка Станица и дел од индустриската зона.
Наведените ридови се заоблени, ниски, со релативна височина од 50 м до најмногу 120 м, одвоени главно со слаби повремени водотеци кои функционираат како такви за време на посилни врнежи. Поради наведеното, просечниот наклон на теренот во опфатот на ГУП-от е мал, односно 4,7° или околу 8%. Сепак, одредени делови од градот се наоѓаат на пострмни падини. Таква е особено левата долинска страна на Кумановска Река, од Спомен Костурницата до Голем Рид (403 м) кај Проевска Бања сосема на југ, со наклон од 10° па и повеќе. На релативно стрмен терен (над 10°) се делови од населбите Перо Чичо (Банево Трло), 3 МУБ, Бајрам Шабани и Гоце Делчев. Теренот пак над и под железничката пруга (која поминува покрај и паралелно вдолж Кумановска Река кон кон с. Бељаковце) е изразито стрмен, често со наклони над 20°, поради што е изразито непогоден за градба, но и други стопански активности. Со оглед на стрмноста и слабо отпорната геолошка подлога, овој терен е подложен на ерозија, свлекување, одронување и слично. Во таа смисла, соодветна вегетација би ја намалило изложеноста на вакви појави, особено ризични за време на силни врнежи.
Спротивно на претходното, најниските делови од градот, покрај коритата на Липковска, Коњарска и Кумановска Река се изложени на високи подземни води и на потенцијално поплавување. Тоа се однесува особено за деловите кои се изградени на најниските речни тераси (3-5 м) на овие реки околу и низводно од населбата Средорек. Овде за време на врнежи и високи води, доаѓа до поплавување на подрумските простории на станбените и комерцијални објекти. Добро е што од 2008 година, коритото на Кумановска Река е солидно регулирано, а со тоа ризикот од излевање на реката надвор од коритото драстично е намален.

Поради правецот на протегање на долините на Кумановска, Липковска и Коњарска Река, градот се одликува со доминација на југозападни и јужни падини, а послабо се застапени северните и источните експозиции. Поради тоа, осончаноста на градските делови во текот на годината е релативно голема и се движи околу 2200-2300 часови. Отвореноста на просторот кон север и кон југ пак, условува значителна проветреност, особено помеѓу пролетта и есента. Поради ветровитоста, особено од правец на Прешевската удолина, а главно заради заштита на земјоделските култури, во втората половина на минатиот век, северно од градот Куманово се подигнати десетина паралелни ветрозаштитни појаси.
Автор: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 18 пати!