Од одржаниот вебинар за можностите за користење на QGIS

На 15 декември 2024 година, во организација на корисничката група QGIS Македонија, се одржа вебинар на тема „Можности за користење на софтверскиот пакет QGIS во различни сектори“. На вебинарот беа претставени следните презентации:

  • Користење на далечинска детекција за класификација на земјиштето, како подлога за QGIS од д-р Гордана Каплан, професор на Техничкиот универзитет во Ескишехир, Турција,
  • Примена на QGIS во просторното планирање и во секторот за вонредни ситуации од м-р Марко Иванишевиќ, асистент докторанд на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот во Бања Лука, БиХ и
  • Примери на користење на QGIS во земјоделството од Татјана Николиќ, асистент на Биотехничкиот факултет при Универзитетот на Црна Гора во Подгорица.

Презентираните теми беа современи и интересни, давајќи поинакво светло на можностите за користење на QGIS софтверот и неговите додатоци, во комбинација со подлогите и постапките на далечинската детекција (сателитски снимки, CORINE, LUCAS, Google Earth Engine и др.). Воедно, презентерите укажаа на начинот и степенот на користење на слободниот ГИС софтвер во нивните институции и држави.

По трите получасовни презентации, следуваше дискусија од учесниците на вебинарот, особено во поглед на иднината на QGIS и неговото користење во ерата на вештачката интелигенција. Од презентациите и дискусиите, произлезе дека застапеноста на QGIS во последните години се повеќе се зголемува на сметка на комерцијалните ГИС софтверски пакети. Причина за тоа е што овој софтвер има постојани ажурирања, подобрувања, истиот е со бројни додатоци (плагини) и со отворен код, кој по потреба може да се менува од страна на корисниците.

Инаку, на настанот беа присутни околу 40-тина учесници од разни профили (меѓу нив и студенти на Институтот за географија при ПМФ-УКИМ во Скопје), членови на КјуГИС Македонија и други.

Во оваа прилика, како главен организатор на настанот, изразувам особена благодарност до почитуваните гости, предавачи д-р Гордана Каплан од Турција, м-р Марко Иванишевиќ од БиХ (Република Српска) и Татјана Николиќ од Црна Гора, кои со задоволство прифатија да бидат предавачи на вебинарот. Воедно, презентираа современи, корисни и информативни содржини со кој го задржаа вниманието до самиот крај на настанот. Се надевам дека воспоставената соработка не само што ќе продолжи, туку уште повеќе ќе се зголеми. Секако, благодарност до присутните слушатели, кои најдоа време да го следат двочасовниот настан.

Посебна благодарност изразувам до проф. д-р Башким Идризи, кој максимално посветено помогна во организација на вебинарот.

Се надевам дека наскоро ќе следуваат бројни слични тематски работилници со уште поширок аудиториум и актуелни презентации за различни практични примени и достигнувања во полето на QGIS.

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 18 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *