MDPI – меѓу реномето и сомнежите: предаторски издавач или легитимна опција?

Неодамна, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје донесе одлука да не финансира трудови објавени во MDPI списанија. Според поддржувачите на оваа политика, одлуката е оправдана како мерка за заштита на академскиот углед и насочување на јавните средства кон реномирани и стабилни издавачи. Други пак, сметаат дека генерализираното исклучување може да ги лиши научниците од можност да објавуваат во квалитетни MDPI списанија со висок импакт фактор.

MDPI (Multidisciplinary Digital Publishing Institute) е швајцарски издавач на научни списанија со отворен пристап, кој во последната деценија бележи експлозивен раст. Во 2020 година станал најголем издавач на open-access публикации во светот, а само во 2024 година објавил околу 238.000 научни трудови. Главниот двигател на овој раст се специјалните изданија (special issues), кои привлекуваат голем број автори поради брзиот рецензиски процес и широка тематска покриеност.

Сепак, токму брзината и обемот се во сржта на критиките кон MDPI. Во споредба со вообичаениот просек од неколку месеци до една година, многу списанија на овој издавач имаат временски период од два до три месеци од поднесување до објавување, што според дел од академската заедница е несоодветно за темелна рецензија. Понатаму, бројот на специјални изданија расте со илјадници годишно, отворајќи прашања за квалитетот и тематската релевантност. Финскиот Publication Forum (JUFO) во 2024 година деградира 271 списание од MDPI и Frontiers на најниско ниво (0), означувајќи ги како „непрепорачливи“ за финансирање или академска евалуација.

Сепак, MDPI е член на COPE, OASPA и STM, а голем број од неговите списанија се индексирани во Web of Science и Scopus, со висок импакт-фактор во своите области. На пример, Remote Sensing е Q1 списание во „Geosciences, Multidisciplinary“ со импакт-фактор од 4.1 (2024), користено и ценето во геопросторни науки. Applied Sciences е Q1 во „Engineering, Multidisciplinary“ со JIF од околу 2.5, додека Atmosphere има понизок импакт (Q2, JIF ≈ 2.3). Sustainability е Q2 во повеќе категории, со силни варијации по тематски области, што значи дека квалитетот често зависи од уредничкиот тим на конкретното специјално издание.

Мислењата на научниците се поделени. Некои истакнуваат дека имале позитивно искуство со коректна и конструктивна рецензија, транспарентни правила и брзо објавување. Други сметаат дека рецензијата е „површна“ и дека големиот број специјални изданија ја разредува научната вредност. Во онлајн форуми и научни платформи како ResearchGate и Reddit, дел од истражувачите јавно велат дека избегнуваат MDPI поради негативната репутација во нивната област, иако признаваат дека познати научници објавуваат таму.

Практиките во светот се разликуваат. Некои универзитети и истражувачки институции, особено во Северна Европа и Кина, формално ги ограничуваат или не ги финансираат публикациите во MDPI, Frontiers и Hindawi, сметајќи ги за ризични од аспект на академска репутација. Во исто време, интересот за објавување кај MDPI продолжува да расте, особено кај автори кои ја ценат брзината, видливоста и отворениот пристап.

Помеѓу младите истражувачи се гледа прагматичен став: брзото објавување им е важно за конкурси за работни места, грантови и напредување; долгиот циклус „поднесување–рецензија–повторно поднесување“ во реномирани списанија може да трае со месеци па и години. Современ преглед во PNAS нотира дека оценувањето (рецензирањето) обично трае неколку месеци, а периодот од поднесување до објавување, неретко години, што директно влијае на кариерата и мотивацијата. Слични забелешки за „криза на рецензиите“ и претераните одолговлекувања, се почесто даваат и врвните универзитети. Критиките дека се чека предолго за одлука/објавување кај дел од традиционалните издавачи се добро документирани (просек над 100 дена до прва одлука; често повеќе од 6 месеци), а волуменот на трудови ја оптоварува доброволната рецензентска мрежа. Ова е дел од поширока системска дебата за квалитетот и одржливоста на научното издаваштво.

Од друга страна, MDPI има активна политика на ваучери за рецензенти: за секој рецензирачки извештај, рецензентот добива ваучер кој намалува дел од трошоците за идно поднесување. Оваа мерка поттикнува и мотивира вклучување на рецензенти и делумно го амортизира глобалниот дефицит на рецензии, иако критичарите велат дека стимулот може да повлече и несакани ефекти. Сето претходно ја објаснува привлечноста на издавачи со побрзи објавувања (како MDPI), без автоматски да гарантира конзистентен квалитет.

Заклучокот е дека MDPI претставува мешан екосистем: во него има списанија со висок углед и стабилна рецензија, но и такви со проблематични уреднички практики и непостојан квалитет. Затоа, научната заедница препорачува внимателна селекција поединечно по списание и специјално издание, наместо генерална забрана или целосно прифаќање.

Проблемот со хиперпродукција на трудови

Во последните години, во научното издаваштво, вклучително и во дел од списанијата на MDPI, се забележува тренд на хиперпродукција на трудови и несразмерно зголемување на бројот на коавтори. Не е редок случај, еден истражувач да биде коавтор на десетици трудови во текот на една година, а понекогаш дури и на повеќе од 20 или 30 публикации, што отвора прашања за реалниот обем на нивниот придонес. Слично, појавата на трудови со 20, 30, 50, па и над 100 автори, кои во одредени случаи немаат јасна улога во истражувањето, предизвикува сомнеж за деградација на научната етика и нарушување на принципот на одговорно авторство. Според ICMJE Recommendations и насоките на COPE, авторството треба да се додели само на лица кои значајно придонеле во идејата, методологијата, анализата или пишувањето на трудот, а не како „почесно“ или „подарено“ авторство (gift authorship) заради пријателски, институционални или политички причини. Истражувања објавени во Scientometrics и Accountability in Research укажуваат дека прекумерното коавторство и хиперпродукцијата се делумно поттикнати од притисокот на академските системи кои ја мерат продуктивноста според бројот на публикации, како и од комерцијалните интереси на дел од издавачите, каде големиот број автори значи и поголем број на плаќачи. Овој феномен, иако не е ограничен само на MDPI, добива посебно внимание во контекст на издавачи со голем обем на специјални изданија, каде притисокот за брзо пополнување на содржини понекогаш резултира со пофлексибилни критериуми за авторство и рецензија.

Наместо заклучок

MDPI не може формално да се класифицира како предаторски издавач, но:

  • Не сите списанија имаат ист квалитет.
  • Некои се солидни и влијателни (Sensors, Remote Sensing, Water), додека други се сомнителни или новоосновани со слаб уредувачки тим.

При објавување во MDPI:

  • Потребно е да се избере списание кое е индексирано во WoS/Scopus.
  • Да се провери уредничкиот одбор, последните броеви и рецензентскиот процес.
  • Да се избегнуваат списанија без импакт фактор или со премногу општа и слабо дефинирана тематика.

Според искуствата на авторот на овој текст (кој има објавено 15-тина трудови и извршено околу 50 рецензии за списанија од MDPI), впечатоците се различни. Така на пример, списанијата Remote Sensing, Applied Sciences, Atmosphere, Sustainability, Land, Waters, Forests и некои други, имаат навистина ригорозни рецензии, во последно време со посебен акцент на детекција на евентуално користење на вештачката интелигенција во трудовите и на непотребно самоцитирање. Од друга страна, кај некои MDPI списанија, трудовите се објавуваат без целосно да се земе во предвид укажувањето и препораката на рецензентот. Сепак, ваква појава е забележана и кај други т.н. „реномирани“ издавачи.

Од сопствените искуства произлегува и фактот што некои реномирани издавачи и списанија, последниве години се извонредно бавни во публикувањето дури и на прифатените трудови, што пак е недозволиво во време на секојдневни иновации, технолошки промени и достигнувања. Главна причина за тоа е напливот на трудови и недостатокот на рецензенти (многумина сакаат да поднесат труд, но ретко кој сака да направи рецензија, особено ако таа не е платена или мотивирана, а најчесто е така). Како и да е, останува фактот дека многу поголема меѓународна видливост (за истражувачот, институцијата, па и универзитетот) се постигнува ако се објави труд во афирмирано MDPI списание прифатено во SCOPUS и WoS, особено ако е со импакт фактор над 2, отколку во (не)индексирано списание со целосно сомнителен или непостоечки процес на рецензија и слаба цитираност.

Во таа смисла, еве некои факти што говорат дека MDPI НЕ е класичен предаторски издавач:

  1. Има многу индексирани списанија во WoS и Scopus:
    • MDPI објавува преку 400 списанија, од кои над 100 се индексирани во Web of Science (SCI/SSCI) со импакт фактор.
    • Примери: Sensors, Remote Sensing, Sustainability, Geosciences, Water, Atmosphere – сите имаат фактор на влијание и се признати во своите области.
  2. Следи политика на отворен пристап (Open Access)
    • Сите трудови се достапни бесплатно, но се плаќа Article Processing Charge (APC), што е честа практика во Open Access моделите.
  3. Рецензентски процес (peer-review)
    • Иако често забрзан, сепак постои формален рецензентски процес.
    • Автоматски се доставуваат рецензии и авторите можат да одбијат или прифатат уредувачи/рецензенти.
  4. Член е на OASPA (Open Access Scholarly Publishers Association)
    • Оваа асоцијација врши контрола врз практиките на своите членови.

Ова пак се причините поради кои MDPI добива критики:

  1. Брзина на објавување
    • Некои списанија имаат премногу кратки рокови за рецензии (рецензија за 7-10 дена), што отвора сомнеж за квалитетот на рецензиите.
  2. Масовно испраќање покани за Special Issues
    • Многу истражувачи добиваат стотици покани годишно, понекогаш и од не релевантни области.
  3. Фокус на квантитет, не секогаш на квалитет
    • Голем број на изданија и трудови по број, што може да доведе до опаѓање на научната строгост во одредени случаи.

Покрај сето наведено, сигурно е дека дебатата за MDPI ќе продолжи, а во скорешна иднина ќе се појавуваат нови листи на преферирани и непреферирани издавачи, бидејќи во прашање се огромни комерцијални, но и геополитички интереси. Од друга страна, глобално се зголемуваат дилемите во академската и истражувачката заедница околу хиперпродукција на трудови со сомнителен квалитет, но и трудови со несоодветно голем број на автори и коавтори. Сето тоа е тесно поврзано со  трката по повеќе цитати и повисок Хиршов индекс, како некаква важечка основа за подигање на меѓународниот рејтинг на своите институции. Во таков сплет на околности, секоја институција и универзитет си го бараат својот пат кон повисока позиција, а дали во тој правец е и ставот од конкурсот на УКИМ во однос на издавачот MDPI, ќе покаже времето.

Референци:

Massoud К., Williams J.F., Hernandez P., Owen R. 2023. Why MDPI, Hindawi, WSEAS, Frontiers, Taylor and Francis, ACTA Press, Benthamopen, Horizon Research Publishing (HRPUB), WITPress, NAUN are not Predatory Publishers, 7th World Conference on Future of Education, 2023. Cambridge, United Kingdom

M Ángeles Oviedo-García. 2021. Journal citation reports and the definition of a predatory journal: The case of the Multidisciplinary Digital Publishing Institute (MDPI), Research Evaluation 30(3). https://doi.org/10.1093/reseval/rvab020

Ly Dinh, William C. Barley, Lauren Johnson, Brian F. Allan; Hyperauthored papers disproportionately amplify important egocentric network metrics. Quantitative Science Studies 2024; 5 (3): 613–636. doi: https://doi.org/10.1162/qss_a_00307

https://www.predatoryjournals.org

https://jfp.csc.fi/jufoportal

Подготвил: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 174 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *