Разлики помеѓу астрономот и астронаутот!

17.11.2020

Во оваа статија ќе дадеме објаснување што е тоа астроном, а што астронаут (космонаут).

Иако многумина мислат дека се работи за иста личност или иста работна позиција и професија, сепак не е така. Имено, астрономите и астронаутите имаат работни позиции поврзани со истражување на Вселената, вселенскиот простор и вселенските тела, но и покрај одредената поврзаност, имаат различни погледи и пристапи. Така, во оваа статија можете да научите кој каква улога има во проучувањето на вселената.

Астрономијата е наука за небесните тела, како што се планетите, sвездите, галаксиите, нивното движење и еволуција. Астроном е личност која врши проучување на објекти надвор од планетата Земја. Всушност, астрономите се научници за вселената, кои вршат истражувања за создавањето, движењето и градбата на небесните тела, планетите, ѕвездите, метеорите, кометите, галаксиите и еволуцијата на универзумот воопшто. Астрономот е познат и како астрофизичар кој се занимава со астрономија или астрофизика. За разлика од други науки, астрономите своите истражувања ги вршат „на далечина“, преку набљудување користење на посебна техника од која најзначаен е телескопот.

Галилео Галилеј (Италијански астроном, физичар и филозоф, кој го измислил телескопот и се смета како „татко на современата астрономија“).

Проучувањата се вршат со примена на физички и математички принципи. Бидејќи работата на астрономот бара вклучување на различни знаења, нивните студии се мултидисциплинарни. По дипломирањето, кандидатот треба да продолжи со постдипломски студии по астрономија со цел да добие повисоки знаења од областа на физиката, астрономијата и математиката. Можат да најдат можности за работа во академии, опсерватории, планетариуми, музеи и во специјализирани институции како Националната вселенска агенција (НАСА), Европската вселенска агенција (EСA) и др.

Исак Њутн (Англиски физичар, математичар, астроном, филозоф и алхемичар и е првиот кој конструира телескоп – рефлектор).

Луѓето, пак, кои се обучени со вселенски летала да патуваат во вселената, надвор од планетата Земја, се нарекуваат астронаути. Тие се професионални патници во вселената, високо образовни експерти од оваа област, кои се одговорни за извршување на одредени вселенски мисии. Оние кои имаат дипломирано во било која од областите на биолошките науки, инженерство, математика или физичка, имаат право да аплицираат за астронаут. Исто така, за оваа позиција имаат право да аплицираат оние кои поседуваат докторски студии во која било од областите на астрофизика, геофизика или метафизика. Повеќето реномирани организации, како што се ИСРО (Индиска организација за вселенски истражувања), НАСА (Националната вселенска агенција) и останати вселенски агенции, спроведуваат приемни испити за избор на кандидати за позицијата астронаут.

Јуриј Гагарин, првиот човек во вселената (1961).

Она што можете да го забележите на многу интернет портали е дека се користи и терминот космонаут. Така на пример, Валентина Терешкова и Јуриј Гагарин секогаш се нарекуваа космонаути, додека Нил Армстронг и Едвин Олдрин астронаути. Всушност, помеѓу термините космонаут и астронаут нема никаква суштинска разлика. Сите се смели пилоти што летале во височините – при што едниот назив е руски, додека другиот американски.

Првата жена астронаут во вселената, Валентина Терешкова (1963).

Клучни разлики помеѓу астрономот и астронаутот

Астрономите се одговорни за вршење научни истражувања на небесните тела и универзумот, a астронаутот е професионален патник во вселената, кој обично извршува мисии во вселената. Одговорноста на астронаутот е многу попредизвикувачка кога ќе се спореди со онаа на астрономот. Оние кои се заинтересирани за авантуристичка професија и истражување можат да изберат професија-астроном, а оние кои страстно сакат да патуваат во вселената – повисоко од 100 km од површината на Земјата, можат да станат астронаути.

Нил Армстронг, првиот астронаут (космонаут) кој стапнал на Месечината (1969).

Во секој случај и двете професии се доста авантуристички и предизвикувачки и бараат огромна посветеност кон областа астрономија и проучувањето на вселената. Ги посочивме дадените разлики заради фактот што многу луѓе ги мешаат овие термини. Двете професии (занимања, позиции) имаат и сличности, а она што најмногу ги поврзува е токму вселената и љубовта кон проучувањето на вселенските тела.

Користена литература:

  1. entrance-exam.net/difference-between-astronomer-and-astronaut/
  2. nasa.gov
  3. study.com/academy/answer/what-is-the-difference-between-an-astronomer-an-astronomist-an-astrologist-and-an-astronaut.html
  4. wikipedia.org

Изработила: Бојана Алексова, дипломиран географ

Оваа статија е прочитана 3192 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *