Уран и Нептун се две мошне слични „џиновски“, гасовити и најдалечни планети во Сончевиот Систем (7 и 8 по оддалеченост од Сонцето). Сепак, покрај бројните сличности, тие имаат и некои разлики, а меѓу нив особено забележителна е бојата. На видливи бранови должини, Нептун има изразито посина боја, додека Уран има бледа, односно посветла сина боја. Астрономите конечно добија објаснување зошто двете планети се со различни бои. Користејќи го методот на набљудување, со помош на телескопот Gemini North, инфрацрвениот телескоп на НАСА и вселенскиот телескоп Хабл, истражувачите развиле уникатен визуелен модел кој одговара на двете планети. Моделот открива дека вишокот на магла на Уран се акумулира во стационарната, ретка атмосфера на планетата и прави да изгледа со посветол тон на сина боја од Нептун.
Ова истражување упатува на тоа дека слојот од концентрирана магла што постои на двете планети е погуст на Уран за разлика од Нептун и го „побелува“ изгледот на Уран повеќе од оној на Нептун. Ако нема магла во атмосферите на Нептун и Уран, двете планети би изгледале речиси подеднакво сини. Овој заклучок доаѓа од моделот кој го има развиено меѓународен тим, предводен од Патрик Ирвин, професор по планетарна физика на Универзитетот во Оксфорд, за да ги опише атмосферските слоеви на Нептун и Уран. Инаку, професор Ирвин прв ја има објаснето разликата во видливата боја помеѓу овие две планети. Претходните испитувања на овие планети се фокусирани на изгледот на нивните атмосфери само на одредени бранови должини. Овој модел вклучува и честички од магла во подлабоките слоеви за кои претходно се мислеше дека содржат само облаци од метан и мразови од водород сулфид.
За да го создаде овој модел, тимот на Ирвин ги анализирал набљудувањата на планетите кои опфаќаат ултравиолетови, видливи и блиску инфрацрвени бранови должини (од 0.3 до 2.5 микрометри) направени со спектрометарот на телескопот Gemini North во близина на врвот Мауна Kеа на Хаваите (инаку едно од најдобрите места во светот за астрономско набљудување). Во предвид се земени и архивски податоци од инфрацрвениот телескоп на НАСА, исто така лоциран на Хаваи, и вселенскиот телескоп Хабл на НАСА/ЕСА. Инструментот NIFS на Gemini North бил особено важен за овој резултат бидејќи можел да обезбеди спектрални мерења за тоа колку е светол објектот на различни бранови должини – за секоја точка во неговото видно поле. Ова му овозможило на тимот да добие детални мерења за атмосферската рефлексија на двете планети и колку изнесуваат истите низ опсегот на блиску инфрацрвени бранови должини.Се на се, конечно можеме да откриеме зошто овие најдалечни планети во Сончевиот Систем и покрај нивната значителна сличност, имаат различни нијанси на сина боја.
Користена литература: www.sciencedaily.com/releases/2022/05/220531140128.htm
Подготвила: Бојана Алексова, магистрант на Институтот за географија
Оваа статија е прочитана 460 пати!