Оваа 2022 година, летото во Македонија (и на северната хемисфера) ќе започне денес (вторник), 21 јуни 2022 година во 11 часот и 13 минути, а ќе заврши на 23 септември, во три часот и три минути. Истиот ден, во исто време, за жителите на јужната хемисфера започнува зимата. Летото ќе трае 93 дена, 15 часа и 49 минути. Поради поставеноста на Земјата кон Сонцето, на северната полутопка, утрешниот ден ќе биде најдолгиот во годината (летен солстициум), а на јужната пак, ќе биде најкраткиот ден. Така, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 4 часот и 58 минути, а ќе зајде во 20 часот и 12 минути. Денот ќе трае цели 15 часа и 14 минути, а ноќта само 8 часа и 46 минути. Веќе од среда (22.06), деновите ќе почнат да се скратуваат за по околу 2-3 минути, а за сметка на тоа ќе се зголемуваат ноќите и тоа до зимскиот солстициум (зимска краткоденица) на 21 декември 2022 година. Инаку, метеоролошкото лето започна на 1 јуни, а ќе заврши на 31 август 2022 година. Интересно е што следната година летото ќе започне на 21 јуни, а потоа ќе ја имаме годината со почеток на летото на 20 јуни (2024).
Прогнозите на Accuweather и големите светски метеоролошки центри, укажуваат дека оваа лето на Балканот и во Македонија ќе биде доста топло, слично на претходната 2021 година. Особено топло ќе биде во втората половина на август, а можни се и чести временски непогоди. Овие прогнози се во согласност со сценаријата и проценките за климатските промени во овој дел на Европа. Затоа планирајте каде и како ќе се разладувате, но воедно внимавајте на претераната изложеност на високите температури и силното УВ зрачење, кое често ќе се искачува над ризичниот индекс 9!
Подготвил: д-р Ивица Милевски
Оваа статија е прочитана 415 пати!