Нови податоци за глацијалните езера на планината Јабланица

Глацијалните или леднички езера се бисерите на Јабланица. Тие се формирале при крајот на последното глацијално доба (пред околу 10-тина илјади години), во депресии, претходно создадени со движење на глечерите. Денес водата во езерата потекнува од подземни извори, снежни врнежи и дожд. Во литературата вообичаено се споменуваат четири глацијални езера на Јабланица (Подгоречко, Вевчанско, Горно и Долно Лабунишко), за кои се среќаваат различни хидро-морфометриски податоци, во зависност од изворот на податоци. Со нашите истражувања, утврдено е дека околу Подгоречко Езеро има уште три помали езерца-локви, а уште едно мало езерце-локва се наоѓа северно од Вевчанското Езеро. Заради добивање на соодветни податоци, извршени се прецизни мерења со користење на сателитски снимки во висока резолуција (Google Earth Pro/Airbus; 0,5 m) од 2024/2025 година, потоа 5-метарски дигитален висински модел (2017 година) и 0,1-метарски дронски висински модели (2025 година). Податоците покажаа дека од споменатите езера, најголемо и најдлабоко е Подгоречкото (1895 m н.в) со површина од 4,1 ha, додека Вевчанското (1955 m н.в) е второ по големина. Помали по површина и поплитки се Долно Лабунишко Езеро (1915 m н.в), Горно Лабунишко Езеро (1917 m н.в) и неколкуте споменати локви.

Подгоречкото езеро е најголемото глацијално езеро на Јабланица, лоцирано на 1895 m надморска височина. Има вкупна површина од 41300 m2 или 4,1 ха. Максималната должина (во правец исток-запад) му изнесува 360 m, а најголемата широчина (во правец север-југ) е 198 m. Должината на брегот на оваа езеро е 965 m, додека најголемата длабочина му е околу 10 m. Езерото добива вода од врнежите и топењето на снегот, а ја губи преку мала истека – поток и преку канал за наводнување, ископан од локалното население.

Подгоречко Езеро снимено во август, 2025 година (Фото: И. Милевски)

Ова езеро содржи специфичен животински свет и има сопствени надворешни и внатрешни извори. Поради неговата површина и местоположба, има големо влијание врз својата околина. На околу 150 метри северно од Подгоречко Езеро, се наоѓаат уште две локви, остатоци од некогашно поголемо езеро (јасно означено на постарите топографски карти до 1970-тите години). Денес истите се во фаза на целосно изумирање, повеќе во вид на мочуришта и тресетишта. Слична е состојбата со локвата на околу 600 метри источно од Подгоречко Езеро, на 1823 m надморска височина и со пречник од околу 70 m, од која е прокопан канал и поврзан со главниот канал од Подгоречкото Езеро.

Вевчанското Езеро (Вевчанска Локва) или кај народот познато и како Мртво Езеро е второ по големина глацијално езеро на Јабланица. Ова езеро се наоѓа 4,5 km западно од селото Вевчани, на источната планинска страна на Јабланица, во изворишниот дел на Вевчанска Река и во непосредна близина на македонско-албанската граница. Сместено е во голем глацијален цирк, под врвот Црн Камен (2558 m) на надморска височина од 1955 m. Со теренско возило, до езерото може да се пристапи по шумскиот пат кој почнува од селото Горна Белица и води до месноста Голина. Исто така, од споменатото село води добро обележана планинарска патека до самото езеро. Инаку, езерото има вкупна површина од 13.300 m², со максимална должина во правец исток-запад од 183 m и најголема ширина во правец север-југ од 76 m. Најголемата длабочина значително му варира во зависност од сезоната, но во просек изнесува 3,9 m. Езерото добива вода од врнежи и топење на снег, а ја губи главно со испарување, нема ниту притока ниту истека. На 600 m север-североисточно од Вевчанско Езеро се јавува мала периодична локва со кружна форма и пречник од околу 35 m, остаток од некогашно поголемо глацијално езеро (со максимален пречник до околу 100 m).

Вевчанско Езеро снимено во јуни, 2025 година (Фото: И. Милевски)

Горна Лабунишка локва е мало езерце, остаток од некогаш многу поголемото глацијално езеро. Се наоѓа на 1917 m надморска височина, со површина од 2300 m², а обем 190 m. Езерото има речиси кружна форма со должина во насока север-југ од 62 m, а во насока исток-запад од 50 m. Длабоко е околу 2 m и во најголем дел е обраснато со барска вегетација. Според извршената реконструкција, езерото во блиското минато (пред да биде дренирано и поврзано со канал), имало должина до 120 m и широчина околу 85 m.

Горно и Долно Лабунишко Езеро, снимени во август, 2025 година (Фото: И. Милевски)

Долна Лабунишка локва се наоѓа на 1915 m надморска височина, или само 2 m пониско од Горната локва. Има површина од 7450 m², а обем 400 m. Езерото е издолжено во правец запад-исток, со максимална должина од 153 m, додека најголемата широчина му изнесува 83 m. Езерото се храни со вода од врнежи и топење на снег, а ја губи преку истека-поток и голем канал, изграден за наводнување во средината на минатиот век. Сепак, во последните децении, истекувањето од каналот е намалено, а нивото на водата во езерото е зголемена. Интересно е што езерото има богат растителен и животински свет, особено бројни тритони.

Специфичен животински вид во двете Лабунишки езера е безчерупкестото ракче Chirocephalus diaphanous carinatus кое е загрозено заради уништувањето на неговите станишта кај нас и во Европа.

Глацијалните езера на Јабланица се мошне значајни за гео(хидро)наследството на оваа планина, но и како важни еко-системи. Воедно, тие имаат голем туристички потенцијал. Сепак, мора да се напомене дека истите се доста кревки, осетливи на бројните несоодветни директни и индиректни антропогени влијанија (зафаќање на водите преку канали, изградба на планински патишта и објекти во непосредна близина, несоодветно посетување, движење со возила и др.). Во последно време, покрај претходното, особено важни се и современите климатски промени, проследени со глобално затоплување. Тие предизвикуваат постепено намалување на водостојот на глацијалните езера како резултат на:

  • Зголемена температура–порастот на просечните температури што води до побрзо испарување на водата од површината на езерата.
  • Намалување на снежните врнежи–снежните врнежи на Јабланица значително се намалени, што го ограничува снабдувањето со вода преку топењето на снегот во пролетните месеци.
  • Намалување на издашноста на подводните извори–климатските промени можно е да влијаат и врз капацитетот на овие извори, кои се клучни за полнење на глацијалните езера на Јабланица.

Во поширок контекст, студиите покажуваат дека глацијалните езера низ регионот се под ризик од намалување или целосно исчезнување. На пример, некои од глацијалните езера на планините Проклетие (2694 m) и Рила (2925 m) веќе покажуваат знаци на драстично намалување на волуменот. Слична состојба се забележува и кај езерата на Јабланица, каде што климатските промени се комбинирани со човечки влијанија, како што е прокопување и дренирање преку канали за наводнување, потоа сточарење и др., што дополнително го влошува квалитетот и количината на водата.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 36 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *