Мистичните езерца „Орлови очи“ на врвот Ченгино Кале!

31.01.2019

Под име Ченгино Кале се нарекува локалноста околу истоимениот карактеристичен врв на Малешевските Планини, на самата граница со Бугарија, кој е со надморска височина од 1752 m. Ченгино Кале е познато како најисточно место во Македонија, за што веќе пишувавме на ИГЕО, но и како изворишно подрачје на реката Брегалница. Меѓутоа, она што ретко кој го знае е дека на самото било непосредно до врвот има две мали езерца, познати како „Орлови очи“ или Ченгини езера (локви).

Малото природно езерце СИ од врвот Ченгино Кале. преку кое води граничната линија.

Името „Орлови очи“ како што ги нарекува локалното население, го добиле поради специфичниот изглед, но и поради честата посета од орлите кои ги настануваат блиските карпестите отсеци на Бугарската страна под врвот. Станува збор за 2 мали езерца: Горно и Долно, кои функционираат како такви во најголем дел од годината. Горното Ченгино езерце се наоѓа непосредно под врвот Ченгино Кале, на 1744 m надморска височина, на само 5 m до државната граница со Бугарија. Издолжено е во правец ССЗ-ЈЈИ, а максималната должина му изнесува 40 m. Најголемата широчина пак и тоа во средишниот дел, изнесува 10 m. Должината на бреговата линија е 93 m, додека површината на водното огледало 387 m2. Секако, овие вредности се променливи во зависност од водостојот и длабочината, која достигнува до 0,5 m. Брегот на езерцето е обраснат со тревна (тресетишна) вегетација, а дното е покриено со тиња (глина, ситен песок и органски материи).

Долното Ченгино езерце се наоѓа точно 1 km северно, веднаш покрај граничниот макадамски пат, на 1660 m надморска височина. Езерцето има трапезоидна до речиси кружна форма, со пречник од 15 m и најголема должина од 20 m. Брегот, кој има должина од 65 m е многу поразгранет (со микро-заливи и полуострови) и претставен главно со тревна вегетација. Според проценките, најголемата длабочина на езерцето е околу 30-40 cm, што сепак зависи од водостојот, кој пак е доста променлив во годината. При најголем водостој, површината на ова езерце е 274 m2. Исто како и на Горното, дното на Долното Ченгино езерце е покриено со тиња составена од глина, суспендиран нанос и органски материи.

Интересно е што двете езерца имаат вода во поголем дел од годината, а често и преку цела година (во зимскиот период обично истата замрзнува). Водата потекнува претежно од атмосферските врнежи (дожд и снег) кои паѓаат директно на акваториумот или дотекуваат кон нив (површински или подземно),а делумно и од подземните води. Поради височината како и начинот на хранење, температурата на водата во нив е доста ниска, дури и во летниот период (обично околу 8-12 степени Целзиусови). Водата ја губат пак преку испарување, а Горното езерце (локва) главно преку истеката кон север. Иако мали по своите димензии, езерцата имаат буен растителен и животински свет. Што се однесува до постанокот на езерските басени, тоа веројатно е последица на суфозиски процеси, но не е исклучено и антропогено влијание. Имено, на месноста Ченгино Кале, односно околу истоимениот врв, има бројни ровови останати од војните од почетокот на минатиот век. Дел од нив се со поголеми димензии, а во некои се задржува вода подолг период (почвата и подлогата се слабо водопропусни).

Езерцата „Орлови очи“, се ретко посетени – обично од планинарите при искачување на Ченгино Кале и од сточарите при напојување на добитокот. Според местоположбата, на самото планинско било до врвот, а и по начинот на постанок се навистина уникатни. Во таа смисла заслужуваат поголемо внимание, па дури и законска заштита. Всушност, со нашите досегашни теренски истражувања низ Македонија, утврдивме 10-тина мали природни езерца со навистина тешко објаснива положба и настанување. Такви се Карпинските езерца кај Страцин, Кундинското езерце (локва) кај Пробиштип и други. Поради антропогените влијанија во минатото, но и денес, овие езерца се пред целосно исушување и изумирање на живиот свет во нив. Да се надеваме дека ќе се најдат начини да бидат сочувани барем во состојбата во која се.

Голема благодарност до Марјан Митриновски од ПД Кадиица за дадените информации.

Автор: д-р Ивица Милевски

Оваа статија е прочитана 13052 пати!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *